Властите бараат решенија за намалување на високото ниво на загаденост на воздухот што доведе до затворање и на училиштата. .
Судската одлука доаѓа откако градските власти во Њу Делхи, кои се борат со загадениот воздух од почетокот на месецот, минатата сабота презеле вонредни мерки и одлучиле да ги затворат училиштата и да ги стопираат градежните работи на четири дена.
„На целиот регион во кој се наоѓа нашиот главен град, во меѓувреме, наложено е да се воведе работа од дома“, рече судијата Н.В. Рамана, исто така претседател на тричлената работна група која ја разгледува жалбата испратена од граѓанин на индиската престолнина.
Судот, исто така, повикал на итна акција во соседните држави Харајана, Пенџаб и Утар Прадеш за спречување на пожарите што ги палат земјоделците кои сакаат да се ослободат од отпадот од земјоделските култури и да ги исчистат нивните ниви пред почетокот на новата сезона на сеидба.
„Сакаме да видиме акција кога станува збор за овој проблем“, рече судијата Сурија Кант. И покрај тоа што судот не одредил рокови, прашањето за загадувањето сепак ќе се расправа во среда.
Напорите на Индија да се справи со проблемот со согорување на растителниот отпад, главен извор на загадување во зимските месеци, не дале резултати и покрај издвојувањата од неколку милијарди рупии во последните четири години.
Индексот на квалитетот на воздухот е 343, на скала до 500, покажуваат податоците измерени денеска во Делхи, што укажува на многу лош квалитет на воздухот, кој во случај на продолжена изложеност може да предизвика респираторни заболувања.
Главниот град на крајот на минатата недела, со пад на температурата, успеал да достигне индекс од високи 499.
Врховниот суд донел и мерки за запирање на сообраќајот на возилата кои не се неопходни и за ограничување на нивото на индустриското загадување и емисија на прашина.
Делхи често е на врвот на листата на најзагадени престолнини во светот, а за загадувањето на воздухот придонесуваат електраните на јаглен, лоцирани надвор од градот и палењето ѓубре на отворено.