Илчев: Од она што го гледам во Скопје, ќе имаме проблем во ЕУ

Што и да договориме на крајот, ќе биде бесмислено, ако не се смени свеста на Македонците за историските прашања, вака членот на бугарскиот тим од мешовитата Комисија, Иван Илчев ги сумира досегашните 10 средби на историчарите. 

Во интервју за Бугарската национална телевизија, историчарот вели дека до неодамна било незамисливо во Македонија да се спомене дека Самуил бил бугарски цар, а Делчев револуционер со бугарски идентитет, кој се борел за автономија на Македонија. Но, толкувајќи ги историските прашања, излезе ли Илчев од надлежностите на експертската комисија, кога се впушти во политичка анализа на потенцијалното бугарско вето.

-Каква е ползата за нас, како држава, Македонија да биде членка на ЕУ. Од она што го гледам во Скопје, во последните години, за жал, ние ќе имаме проблеми во ЕУ, какви не сме имале ни со Грција, ни со другите земји во ЕУ. Ако бугарската влада го блокира влезот на Македонија, тоа ќе биде првиот одлучувачки чекор во македонската политика по скоро 100 години., изјави за Бугарската национална телевизија, Иван Илчев, член на бугарскиот тим од Комисијата за историски прашања

Дека историските недоразбирања треба да се надминат и со политичко решение, минатата недела потенцираше и бугарскиот претседател Радев, но без како што рече, да се прават компромиси за јазикот и идентитетот. Борисов, од друга страна, го зацрта 10-ти ноември како рок до кога очекува да се постигне компромис, период кој се совпаѓа и со Берлинскиот процес и со тајмингот до кога треба да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија.

Русија најави вежби на тактичките нуклеарни сили

Русија ќе спроведе вежба на своите тактички нуклеарни сили по наредба на претседателот Владимир Путин, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави. Русија претходно спроведуваше обука на нуклеарни сили без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.

- Како дел од вежбата ќе бидат спроведени низа активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти руското Министерство за одбрана.

Засега е нејасно кога и каде точно ќе почне вежбата во која се вклучени јужниот одбранбен округ и поморските сили.

Руската војска во октомври истрела две интерконтинентални ракети и неколку крстаречки ракети за обука и одвраќање. Вежбата, која ја најави, ја оправда со наводни „провокативни изјави и закани од поединечни западни функционери против Руската Федерација“.

Од почетокот на нејзината војна против Украина пред повеќе од две години, руските претставници постојано се обидуваа да ја тестираат меѓународната поддршка за Киев со поттикнување стравувања од нуклеарна војна.

Ристески: Судството ќе биде целосно ослободено од извршната власт

Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, особен фокус во работењето ќе стави на правосудниот систем и борбата против корупцијата.

Судството ќе биде целосно ослободено од извршната власт. Ќе спроведеме политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизацијата и кронизмот. Кандидатите за судии и кандидатите за претседатели на судовите ќе се рангираат по законски критериуми. Ќе ги регулираме и постапките за преземање и префрлање на судиите во другите судови.

Предвидуваме нова програма за испитување на исполнетоста на условите на професионалните и образовните критериуми за избор на судии. Ќе спроведеме целосна ревизија на приемот на кадидати на Академијата за судии и јавни обвинители.

Предвидуваме распуштање и целосна реформа на судскиот совет кој се покажа досега како ранлив од надворешни влијанија.

Ќе следува проверка на имотот на судиите и обвинителите.

Предвидуваме немилосрдна борба со корупцијата на секое ниво за што ќе биде формирано владино координативно тело против корупцијата, а преку реформи ќе имаме силен и ефикасен државен завод за ревизија. Ќе воведеме механизам преку кој ќе има зголемени санкции против функционерите, а преку посебна мерка ќе имаме нула корупција во јавните набавки.

Почитувани, ова се само мал дел од проектите за подобар правосуден систем и борба против корупцијата. На 8-ми мај, со заокружување на број 2 за листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и број 2 за Гордана Силјановска Давкова, ќе ставиме крај на хаосот и безредието кој владата предводена од СДС и ДУИ ги остави. Број 2 за достоинствена и горда Македонија.

Прес конференција на кандидатот за пратеник Петар Ристески.

Кливленд го оствари најголемиот камбек во „мајсторка“ од НБА плејофот по 1997 година

 Екипата на Кливленд кавалирс имаше негатива од 18 поени во првото полувреме од седмиот натпревар од нивната плејоф серија со Орландо меџик.

Кливленд губеше 31:49 на 4 минути до крајот на втората четвртина, но успеа да ја надмине негативата и да го добие натпреварот со резултат 106:94.

Кавалирс го направија најголемото враќање во седми натпревар од плејоф серија на најсилната кошаркарска лига на светот по 1997 година.

Тимот предводен од тренерот Џеј Би Бикерстаф се пласираше во второто коло од плејофот за прв пат од 2019 година.

Во четвртфиналето од разигрувањето за шампионскиот трофеј, ривал на Кливленд ќе биде тимот на Бостон селтикс.

притисни ентер