Игор Станојоски добитник на „Рациново признание“ за романот „Диссомнии“

Игор Станојоски за романот „Диссомнии“ во издание на „Антолог“ е добитник на наградата „Рациново признание“ за 2018 година.

Одлуката била донесена едногласно од жирито - Луан Старова (претседател) и Венко Андоновски и Христо Петревски (членови). „Почесно Рациново признание“ годинава ќе добијат Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска за Хрватско-македонскиот речник.

Одлуките за наградите беа соопштени денеска во пресрет на 55. „Рацинови средби“ кои ќе почнат утре и ќе завршат на 15 јуни. Организацискиот одбор прес-конференцијата ја одржа во Скопје наместо во Велес како во минатите години затоа што се одбележуваат три јубилеи - 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби“.

За наградата „Рациново признание“ годинава пристигнале 20 дела од прозна продукција кои, според претседателот на жирито Старова, се квалитетни и со естетски и тематски вредности. Во потесен избор биле книгите на Велко Неделковски, Драги Михајловски и Јагода Михајловска-Георгиева.

- Романот „Диссимнии“ се зафаќа со мошне сложена проблематика, проникната со автобиографски елементи, нараторот е и лик, активен протагонист во времето на скорешните драматични историско-политички настани во Украина, роман во кој со тие настани е преплетена и неговата интима, неговата лична и семејна драма, а во контекстот на колективната македонска судбина. Авторот покажува вешта раскажувачка стратегија. Тој успева со динамична и уверлива нарација да го придобие читателот во комплексното книжевно четиво преполно со непредвидливи настани, рече Старова.

Авторот Станојоски верува дека членовите на комисијата во „Диссомнии“ ја препознале универзалноста на романот и не го затвориле, како што рече, во рамките на украинското или македонското општество.

- Голем дел од случувањата опишани во романот, како и дилемите на ликовите, се исклучително актуелни и во Украина, и во Македонија, и во многу други земји. Обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21 век, лажната борба за демократија - се релативно нови теми кои светската книжевност уште не стигнала да ги обработи. Покрај нив, „Диссомнии“ допира и до сосема други теми и чувствителни точки, какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, кревкоста на човекоковиот ум и неговата зависност од сонот, рече Станојоски.

Посочи дека во неправедно општество како нашето наградите може да претставуваат и лажен патоказ кога се доделуваат незаслужено, не според квалитетот на делото, туку според реномето на авторот или според неговите пријателски врски со жирито.

- Таквите случаи создаваат лажна претстава за слаб квалитет на целокупната национална книжевна продукција. Верувам дека „Рациновото признание“ годинава на читателите ќе им даде точен патоказ кон квалитетната македонска литература, истакна наградениот автор, додавајќи дека писателите не смеат да се предадат во ова време на хиперпродукција на текстот и, како што рече, претежно бесмислени статии на портали и фејсбук, и луд занес дека секој може да напише семоќен тескт со кој ќе повлијае врз случувањата. Семоќниот роман е тој што, според него, како тивка вода може да помести нешто во општеството. - Се надевам дека „Диссомнии“ е таква тивка вода, рече Станојоски.

Наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ќе ја добие Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

На годинашните добитници наградите ќе им бидат врачени на свеченото затворање на „Рациновите средби“ в петок во Велешкиот театар. Манифестацијата ќе почне утре со посета на Спомен-обележјето на Лопушник каде што Рацин загинал во 1943 година, а задутре ќе продолжи со неколку настани - промоции, концерт и изложба. Свеченото отворање задутревечер од 20.30 часот во Велешкиот театар каде што ќе се одржи поетски митинг со учество на поети од Македонија и од странство. На 15 јуни ќе има меѓународна конференција за Рацин и македонскиот јазик, ќе биде посетена Спомен-куќата на Рацин и ќе заврши со врачувањето на наградите за 2018 година.

Претседателот на Организацискиот одбор, градоначалникот на Велес Аце Коцевски, на прес-конференцијата рече дека целта им е да ги вратат „Рациновите средби“ на пиедесталот и да бидат еднакво важна манифестација како Струшките вечери на поезијата и Охридско лето. Според него, во изминатите неколку години оваа манифестација не го имала заслуженото место.

- Мора да се избориме за вистински вредности наместо шундот што ни се пласира, истакна Коцевски, додавајќи дека Рацин е ненадминат македонски поет, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ е мала по обем, но огромна по значењето. /МИА

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите

Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз (88) денеска ќе биде подложен на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите, објавија државните медиуми.

Кралот на Саудиска Арабија ќе биде подложен на прегледи во Кралската клиника во палатата Ал Салам во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море, објави државната саудиска новинска агенција.

Како што се наведува, лекарскиот тим одлучил да изврши лекарски прегледи за да се утврди здравствената состојба на саудискиот крал, но не се соопштуваат детали. Саудискиот монарх беше примен во болница на лекарски прегледи во април, а подоцна беше отпуштен.

Тој е на власт од 2015 година, но се верува дека неговиот син, престолонаследникот Мохамед бин Салман е задолжен за секојдневните државни работи./МИА

Првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова во Ватикан и Рим

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, потврдија за МИА од претседателскиот кабинет.

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

Дваесет лица загинаа во израелскиот напад врз бегалскиот камп Нусеират

Дваесет лица загинаа пред да зазори во израелски воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Нусеират, во централниот дел на Појасот Газа, уништен за време на војната, соопштија од болницата Ал Акса и потврдија очевидци.

„Примивме 20 убиени луѓе и неколку ранети откако израелски воздушен напад беше насочен кон куќа на семејството Хасан во бегалскиот камп Нусеират во центарот на Газа“, се вели во соопштението на болницата.

Очевидци изјавија дека нападот бил извршен околу 3 часот по локално време. Израелската војска соопшти дека го проверува извештајот.

Официјалната палестинска новинска агенција објави дека меѓу ранетите има неколку деца и дека спасувачките екипи трагаат по затрупаните луѓе во урнатините.

Израелската војска вели дека спроведува само целни операции.

Очевидци велат дека се слушнале експлозии и дека борбите во Џабалија траеле цела ноќ./МИА

притисни ентер