Идентификацијата на жртвите во автобуската несреќа ќе заврши утре

Идентификацијата на жртвите во автобуската несреќа ќе заврши утре, во петок посмртните останки ќе бидат пренесени во земјава.

Според најавите од Обвинителството на Бугарија, идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа минатиот вторник на автопатот „Струма" треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во земјава, соопштија владините портпароли денеска на редовната прес-конференција.

-Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден, изјави портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно на прес-конференција изјави дека интензивно се работи денеска или утре да завршат ДНК-анализите на починатите во автобуската несреќа, по што ќе се организира транспортот на нивните посмртни останки кон земјава.

– Тоа го работат колегите во Бугарија, нашите колеги тука од Институтот за судска медицина се во секојдневна комуникација со нив. Тоа е нешто што треба да се заврши денеска или утре по што ќе се организира транспортот на телата на починатите, рече Филипче. /МИА

Целосно исплатена еврообрзницата од 500 милиони евра од 2018 година

Министерството за финансии соопшти дека денеска во целост е исплатена евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година. 

Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка со камата од 3,25 проценти, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од три години.

- Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови, изјавила министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.

Во Јагодина ќе се одржи првиот собир на новото движење на Вучиќ

Првиот собир на движењето, чие формирање претходно го најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе се одржи в петок, 24 јануари во Јагодина, јави српската агенција БЕТА.

Вучиќ на социјалните мрежи најави дека ќе биде поведена кампања на разговори и претставување на луѓето кои ќе го сочинуваат движењето.

- Ќе има многу тешки обврски и многу важни работи за Србија во Давос, но со нетрпение очекувам да разговарам со граѓаните на Србија, веднаш по моето враќање од Швајцарија. Прва голема средба и ги поканувам луѓето од Поморавље и Шумадија во Јагодина, в петок на 24 јануари, претпоставувам во 17 часот. Повелете и едвај чекам да се видиме, наведе Вучиќ.

Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња

Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.

-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.

-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.

Од Центарот засоцијални работи информираа дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка.

Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, во 34 гестациска недела и со тежина помала од два килограми. Како што информираа од Болницата, на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата од болницата кои биле во добра општа состојба. Во четвртокот родителите повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба. Едното бебе, машко, починало во домот, а другото во прилепската болница. Лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат, но безуспешно.

-На 16 јануари во 10,45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче, известија во петокот од Болницата за трагичниот случај.

Извештајот од вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе го очекува и основното јавно обвинителство.

притисни ентер