Холандскиот премиер: Нападите на Иран не се во согласност со меѓународното право - Канал 5

Холандскиот премиер: Нападите на Иран не се во согласност со меѓународното право

Холандскиот премиер Роб Јетен изјави дека нападите на САД и Израел врз Иран не се во согласност со меѓународното право, потенцирајќи ја заканата што Техеран ја претставува за регионалната безбедност.

Холандскиот премиер: Нападите на Иран не се во согласност со меѓународното право

Со овој став, Холандија се приближи до други европски земји, вклучувајќи ги Шпанија и Франција, кои исто така ја доведуваат во прашање легалноста на војната, пишува Политико.

„И нападите врз Иран минатата недела и неприфатливата одмазда на Иран против земјите во регионот се надвор од опсегот на меѓународното право“, изјави Јетен за новинарите на неговата неделна прес-конференција во Хаг.

Јетен додаде дека холандската влада има „разбирање“ за почетните напади врз Иран, со оглед на долгогодишната закана што Техеран ја претставува за сопственото население и регионалната стабилност. Сепак, тој нагласи дека меѓународната заедница мора да продолжи да го брани меѓународното право и да бара дипломатски решенија, „без разлика колку е тешко тоа“.

Крајната цел на кампањата е под знак прашалник

Холандскиот лидер, исто така, ја доведе во прашање крајната цел на американско-израелската воена кампања. „Клучното прашање останува: кога нападите ќе се сметаат за успешни?“, рече Јетен. Тој додаде дека пред да може да донесе пресуда за тоа дали неговата влада ги поддржува методите избрани од САД и Израел во Иран, ќе мора да „разбере кои се намерите и целите на овие напади“.

Откако од Белата куќа пристигнаа спротивставени пораки за оправдувањата и целите на војната во Иран, американскиот претседател Трамп во петокот изјави дека крајната цел на неговата администрација е „безусловно предавање“ на лидерот на Исламската Република.

Јетен, кој претходно оваа недела ги нарече нападите врз Иран „донекаде спротивни“ на меѓународното право, исто така рече дека Франција побарала од Холандија да го поддржи нејзиниот носач на авиони „Шарл де Гол“ во Медитеранот за одбранбени операции. Холандската влада ќе го разгледа барањето во текот на викендот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФ: Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава

Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси  на ЕУ во земјава – се зајакнува законската, институционалната и оперативната рамка за откривање и борба против измами во користењето на ЕУ фондовите.

МФ: Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси  на ЕУ во земјава

Владата на последната седница ја усвои Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава за период 2026-2030 година.

Стратегијата е подготвена согласно преземените обврски во однос на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) во рамки на Поглавјето 32 - Финансиска контрола, кое опфаќа: јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија, заштита на финансиските интереси на ЕУ и заштита на еврото од фалсификување и има за цел да придонесе за подобрување на дисциплината и транспарентноста во користењето на јавните средства (национални средства и средства од ЕУ), но и за обезбедување заштита на финансиските интереси на ЕУ во РСМ.

Стратегијата е подготвена по партиципативен пристап на Oдделение за координација на борба против измами на ЕУ средствата (АФКОС одделението) при Министерството за финансии со вклучување на сите засегнати страни и меѓусекторска координација и соработка со институциите кои се дел од Институционална мрежа за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјата (АФКОС мрежата), органите и структурите во системот за управување и контрола со средствата од Европската Унија и Европска канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската унија во РС Македонија 2026-2030 година значи спроведување реформа во приоритетните области кои се однесуваат на превенција од неправилности и измами, откривање на неправилности и случаи на сомнежи за измами, истрага и гонење на измами и поврат на средства и санкции. Преку спроведување на Стратегијата се очекува зајакнување на превенцијата од неправилности и измами и воспоставување ефективни и сразмерни мерки против измами, подобрување на алатките и техниките за откривање на неправилности и измами, обезбедување навремена истрага и соодветен третман на пријавените случаи на сомнежи за измами, како и зајакнување на капацитетот за обезбедување сразмерни и одвраќачки казни, соодветни финансиски корекции и дестимулирање во случај на неправилности и измами.

Националната стратегија за борба против измами го промовира мотото „нулта толеранција за измама“ при спроведување на програмите на ЕУ. Националната стратегија за борба против измама првпат е донесена во 2019 година со цел подобрување на законската, институционалната и оперативната рамка во превенцијата, откривањето и борбата против неправилностите и измамите при имплементацијата на ЕУ фондовите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина

Бугарија се повлекува од коалицијата на земји кои ѝ даваат поддршка на Украина во одбрана од руската агресија, објави претседателот Румен Радев.

Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина

Иако учествуваше на претходните состаноци, Бугарија вчера не испрати свој претставник на состанокот на коалицијата во Париз.

„Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на продолжување на финансиската и воената помош за Украина“, изјави Радев денес за новинарите. „Решението за овој конфликт не лежи во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија која конечно ќе ја запре ескалацијата“, додаде тој.

Радев уште минатата година изјави дека Европската унија нема своја визија за крај на војната во Украина, нагласувајќи ја неможноста на Европа да издејствува дипломатски мир во Украина, туку уништувањето на земјата продолжува со уште поголем број жртви.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Еко свест: Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори (објавен во Службен весник бр. 146/2026) воспоставува правна рамка за системот на производство, користење и поттикнување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија.

Еко свест: Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија

Основната цел на законот е намалување на увозната зависност, подобрување на сигурноста во снабдувањето и исполнување на климатските цели, преку поттикнување на граѓаните и компаниите да произведуваат енергија за сопствени потреби.

Со ова, за првпат се овозможува граѓаните, локалните власти и малите претпријатија заеднички да инвестираат во производство, користење и споделување на зелена енергија, т.е. енергија добиена од обновливи нефосилни извори. Според законот, енергетскатазаедница може: да произведува, складира, користи и продава електрична енергија; да ја распределува произведената енергија меѓу своите членови согласно меѓусебни договори; самостојно или преку агрегатор да учествува на пазарот на енергија; да стекне статус на повластен производител и да користи мерки за поддршка. При тоа, примарната цел на заедниците мора да биде обезбедување еколошки, економски и социјални придобивки за членовите и локалната заедница, а не остварување профит.

Новиот закон ја дефинира енергетската заедница („заедница на обновливи извори на енергија“) како „правно лице основано согласно Законот за задругите, на доброволна основа и отворено учество, самостојно и независно, заеднички поседувано и контролирано од страна на основачите и/или членовите, со живеалиште, престојувалиште или седиште, во географско подрачје во близина на енергетскиот објект за производство на енергија кој е во сопственост или изграден од правното лице.“

Концептот овозможува широко локално учество и членство во енергетските заедници каде членови можат да бидат: физички лица (граѓани), единици на локалната самоуправа, микро, мали и средни претпријатија и јавни установи. Исто така, постои можност за различни комбинации на здружување: општина и група граѓани, станбени заедници (згради), граѓани и мали локални компании, или целосно приватни иницијативи без учество на локалната самоуправа.

Општините можат да бидат клучни двигатели преку заеднички инвестиции во фотоволтаични системи на јавни објекти, училишта или соларни системи за централно греење и ладење.

Иако законот ја поставува правната основа и ги дефинира правата на заедниците, тој не содржи детална процедура (чекор-по-чекор) за нивно основање. Во самиот закон сè уште не се прецизирани тмоделите за распределба и методологијата за пресметка на уделите меѓу членовите, ниту пак административната постапка за регистрација и приклучување. Овие прашања треба да се доуредат со подзаконски акти и прописи на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем.

„Ја поддржавме месната заедница во Белица со инсталација на фотоволтаични панели на едукативниот центар за развој во Белица. Нашите неодамнешни истражувања на перцепциите и ставовите на населението во општините Новаци и Вевчани за енергетските задруги се позитивни, при што главни мотиватори се еколошките и економските придобивки.

Како клучни фактори при одлуката за основање или пристапување кон енергетска задруга се висината на почетната инвестиција и трошоците, поддршката од државата и општината и очекуваната финансиска корист. Главни пречки за граѓанско учество се финансиските ограничувања, недовербата, недостигот на информации и недоволната институционална поддршка од општините“ – изјави Жарко Конески, Програмски координатор за енергија од Еко-свест.

Во својата работа, Еко-свест се залага за енергетски сектор кој е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, со минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје. Во овој систем граѓаните имаат можност слободно да учествуваат во производството на енергија од обновливи извори и слободно да се здружуваат за производство на енергија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер