Хакери се закануваат со објава на документи од агенти на ФБИ - Канал 5

Хакери се закануваат со објава на документи од агенти на ФБИ

Хакери му дадоа на ФБИ една недела. Потоа, се закануваат дека ќе објават сè.

Хакери се закануваат со објава на документи од агенти на ФБИ

ФБИ истражува тврдења на хакерска група која објави дека украла чувствителни информации за илјадници вработени.

Хакери од колективот „ShinyHunters“ тврдат дека ги поседуваат приватните податоци на сите 38.000 вработени во Бирото, како и податоците на кандидатите кои аплицирале за работа, пренесува Би-Би-Си.

Според нивните тврдења, базата на податоци ги содржи имињата на агентите, нивните функции, службените броеви и личните податоци, вклучувајќи домашни адреси, телефонски броеви и информации за брачните другари. Дел од податоците наводно содржат детали за работни задачи, вклучувајќи и доверливи операции против кинески шпиони, руски разузнавачки служби и нарко-картели. Достапните примероци од податоците изгледаат автентично.

ФБИ објави на платформата „X“ дека е запознаено со наводите и дека агенцијата „активно и темелно го истражува овој случај“. Хакерите тврдат дека упаднале во серверите на ФБИ во понеделникот вечерта, а веќе во вторникот почнале да контактираат со новинари и да им испраќаат примероци од украдените податоци.

„ShinyHunters“ е меѓународна хакерска група за која се верува дека потекнува од Франција. Групата е одговорна за низа големи напади, вклучително и нападот врз Rockstar Games во април и врз образовната платформа Canvas во мај, кои предизвикаа значителни пречки во работењето.

Хакерите тврдат дека откриле безбедносен пропуст во системот за складирање податоци во облак на Oracle, кој го користи ФБИ. Според нив, овој пропуст им овозможил да упаднат во повеќе системи, вклучувајќи ги FBIJOBS, FBI BEAST (за проверка на вработени и кандидати), FBI MedLink (со здравствени досиеја на агентите) и FBI BICS (кој содржи информации за истраги).

Групата на „дарк веб“ (dark web) објави дека не го хакирала системот на ФБИ поради пари.

Наместо тоа, тие бараат од агенцијата да го повлече официјалното предупредување што го издаде за нив. Велат дека се навредени од начинот на кој биле опишани.

Во таа изјава, ФБИ ги опиша ShinyHunters како опасни актери кои често „користат вистински или преувеличени тврдења за пристап до чувствителни или лични информации за да изнудат пари од жртвите“.

„Тие се насочени кон големи технолошки, финансиски и малопродажни компании, честопати крадејќи милиони кориснички записи одеднаш“, се наведува во предупредувањето. ShinyHunters му даде на бирото рок од една недела да ги исправи или отстрани она што го тврдат како лажни обвинувања.

Во спротивно, се закануваат дека ќе ја објават целата база на податоци.

Во објава на платформата X, агенцијата изјави дека се обидува да утврди дали хакерите директно ги пробиле нејзините системи или компромитирале систем на трета страна. „Активно и интензивно го истражуваме ова прашање и тесно соработуваме со надворешните даватели на услуги кои ја поддржуваат страницата FBIJobs.gov за да ги ублажиме сите ризици“, се вели во објавата. Аналитичар за сајбер безбедност го опиша инцидентот како одмазднички напад, истакнувајќи дека тоа покажува дека „ниту една организација не е безбедна од оваа група“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шефот на НАТО за европската армија: Додека постигнеме договор, Путин веќе ќе стигне до Ротердам

Руте предупреди дека формирањето на обединета европска армија би можело да биде штетно во случај на руски напад.

Шефот на НАТО за европската армија: Додека постигнеме договор, Путин веќе ќе стигне до Ротердам

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека формирањето на обединета европска армија би можело да биде штетно во случај на руски напад, бидејќи координирањето на дејствијата меѓу Алијансата, националните војски и европските сили би одземало премногу време.

Руте го изјави ова на 72-рата годишна седница на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин. Тој појасни дека не се противи на создавањето европска армија, но истакна дека, доколку се реализира таква иницијатива, би имало смисла да се укинат националните војски на земјите-членки на Европската унија, за да се избегне преклопување на надлежностите.

„Мојот став отсекогаш бил дека, ако имате европска армија, не можете истовремено да одржувате и национални војски. Соединетите Држави имаат една војска. Не постои посебна армија или морнарица за сојузната држава Њујорк или Калифорнија. Постојат обединети, интегрирани вооружени сили на САД. Ако Европа може да го постигне тоа, тогаш во ред“, рече Руте, изразувајќи притоа скептицизам дека таков развој на настаните би можел да се случи во скоро време.

За да ја илустрира својата поента, Руте претстави хипотетичко сценарио што вклучува руски напад врз европските нации – ситуација во која, доколку постои таква структура, би бил потребен одговор од силите на НАТО, националните војски и заедничките воени сили на ЕУ. Тој процени дека постигнувањето договор за воените одлуки би траело со недели, период во кој руските сили би можеле да напредуваат сè до Холандија.

„Она што не би го препорачал е секоја земја да има своја војска – соработувајќи во рамките на НАТО – а покрај тоа, да постои и голема европска воена структура. Ако Путин нападне, прво ќе ни требаат две или три недели за да се договориме кој што прави, а тој веројатно ќе стигне до Ротердам уште пред ние да донесеме одлука. Тоа е мојот аргумент“, рече генералниот секретар на НАТО.

Руте додаде дека, според него, координацијата и поделбата на одговорностите меѓу НАТО и Европската унија во моментов се на многу добро ниво.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Целосната реконструкција на паркот „Жена - Борец“ се одвива со силна динамика

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во работните активности за целосна реконструкција на паркот „Жена-Борец“.

Ѓорѓиевски: Целосната реконструкција на паркот „Жена - Борец“ се одвива со силна динамика

- Целосната реконструкција напредува со силно темпо. Во срцето на градот, меѓу зеленилото и спомен-обележјата, генерации наоѓале свое место за средба, за прошетка и за краток одмор од градската врева. Сакам и следните генерации да го доживуваат овој парк со истата блискост и да го затекнат уреден и негуван. Старите плочки ги заменуваме со нови и ги обновуваме пешачките патеки, за овој простор да добие изглед достоен за неговото место во срцето на Скопје. Ја реставрираме и постојната урбана опрема, а со дополнително хортикултурно уредување го збогатуваме парковското зеленило – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека претходно беше обновено спомен-обележјето на децата бегалци, кое беше вандализирано, а по периодот во кој беше згаснат, кај фонтаната повторно гори Вечниот оган.

- Со обновата на овие обележја го чуваме и сеќавањето што му дава посебно значење на овој парк. Моја одговорност е скопските паркови да ја добиваат грижата што ја заслужуваат, и денес, додека ги обновуваме, и секој ден потоа. Затоа продолжуваме со нивно редовно одржување и со подигнување нови зелени површини, за секоја генерација скопјани да има свое место под сенка, своја клупа и спомени во парк. Скопје се сака со дела – рече Ѓорѓиевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Седум возачи лишени од слобода во изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишиле од слобода седум лица поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Седум возачи лишени од слобода во изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит

Сите седум лица управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за А.С.(25) и М.С.(19), двајцата од Скопје, И.Ќ.(36) од село Долно Палчиште, Општина Боговиње, Д.М.(20) од Гостивар, Т.К.(50) од село Близанско, Општина Македонски Брод, Д.С.(40) од Радовиш и С.М.(23) од Прилеп.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол. Само со одговорно однесување на секој учесник можеме заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај и заштита на човечките животи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер