Ова е сликата на дел од главните и споредни улици низ македонската метропола.
Голем дел од граѓаните реагираат за како што велат, лошата состојба во која се наоѓаат улиците. Велат, поради таквата слика, честопати ги оштетуваат своите автомобили.
Улицата 808, која пак се реновираше пред две години, е посебен предизвик за луѓето кои циркулираат во овој дел на Автокоманда, каде има повеќе приватни фирми и претрпијатија.
Цели кратери откорнат асфалт, и шахти високи неколку сантиметри, поради кои мора внимателно да се движите. Од тешки товарни возила, до автомобили – сите делат иста мака.
Неколку стотина метри по оваа улица, на местото каде што има знаци поради реновирање, поставена е гума – за предупредување дека тука има отворена шахта.
Ништо подобра не е сликата на булеварот Александар Македонски, каде секојдневно сообраќаат илјадници возила.
Вака изгледа дел од булеварот Александар Македонски во Автокоманда. Крпениците на повеќе места и одронатиот асфалт претставуваат опасност за сите учесници во сообраќајот.
Иако се обидуваат, луѓето тешко можат да ги избегнат нерамнините на асфалтот по овој булевар на влезот на Скопје.
Надлежноста за одржување на дел од булеварите и улиците ја има ЈП „Улици и патишта“ во соработка со Град Скопје. Иако испративме прашања зошто во ваква состојба се улиците, до ова информативно издание не добивме одговор.