Уапсени се околу 179 лица низ цела Европа и САД, а запленети се 500 килограми дрога и 64 пиштоли.
„Златното време на овие нелегални пазари заврши“, се вели во соопштението на Европол.
„Скриениот интернет веќе не е скриен“, рече Едвардас Силерис, раководител на Центарот за криминал преку интернет во Европол.
Операцијата позната како DisrupTor е спроведена со заеднички напори на Европол и Министерството за правда на САД. Уапсените криминалци биле вклучени во десетици илјади продажби на нелегална стока и услуги во Европа и САД.
Меѓу запленетите дроги имало кокаин, метамфетамин, хероин, екстази и МДМА. Од уапсените, 119 лица се од САД, двајца од Канада, 42 од Германија, осум од Холандија, четири од Велика Британија, тројца од Австрија и еден од Шведска.
Според Би-Би-Си, полицијата е се поуспешна во откривањето на операциите извршени на дарк веб мрежата до која што може да се пристапи само со помош на специјални алатки.
„Силите на законот се најефикасни кога дејствуваат заедно. А денешните вести испраќаат силна порака до криминалците кои продаваат или купуваат нелегална стока на дарк веб. Скриениот интернет веќе не е скриен, а анонимните активности веќе не се анонимни “, рече Силерис.
Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј изјави дека денешното соопштение дошло во вистинско време со оглед на порастот на смртни случаи од предозирање за време на пандемијата на коронавирус.