Голем број повици во ИМП, капацитетот на Службата зголемен за 150 проценти, девет екипи цело време се на терен

Капацитетот на Службата за Итна медицинска помош (ИМП) е значајно зголемен за 150 проценти во однос на тоа што беше пред три години и од седум сега има близу 20 функционални возила. 

Околу девет екипи цело време се активни на терен. Според најавата на матичните лекари се прави и соодветна координација, а сега договоривме и нов начин модел на кооридинација меѓу Службата за Итна медицинска помош, матичните лекари и болниците каде се хоспитализираат пациентите со Ковид-19 а тоа се ГОБ „8 Септември", Инфективната клиника и болницата во Козле.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Службата за Итна медицинска помош. Посочи дека со директорот на Здравствениот дом Скопје, со раководителите, докторите и сестрите разговарале за предизвиците со кои ИМП секојдневно се соочува при транспортот на пациенти, а пред се тие кои се дијагностицирани со Ковид-19.

– Сега доаѓа летен период и вообичаено се зголемуваат повиците кон оваа служба. Во нејзини рамки има и служба за патронажни сервиси, Домашна посета и сето тоа бара една поинаква координација. И во таа смисла при денешната посета разговаравме за начините на кои тоа ќе се прави со цел значајно да се скрати времето на чекање посебно во овој летен период кога освен овие пациенти кои се навистина предизвик за транспорт пред се на оваа Служба, има и други вообичаени јавувања, рече Филипче.

Посочи дека вработените во Итната медицинска помош, докторите, медицинските сестри и возачите се едни од првите во борбата со овој голем здравствен предизвик и навистина заслужуваат големи пофалби за нивната макотрпна, секојдневна работа, која трае огромен број часови.

– Тие се влезени и во бројот на здравствени работници кои ќе добијат соодветна награда за својата работа во смисла на зголемување на примањата. Тоа се врвни професионалци кои се еден од столбовите на нашиот здравствен систем, додаде Филипче.

Раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало рече дека една смена на вработените во Службата трае 12 часа, од 7 часот до 19 часот и од 19 часот до 7 часот следниот ден.

Посочи дека имаат голем број повици во Службата, како од граѓани со здравствени проблеми, така и од лица со симптоми на Ковид-19.

– Има многу повици. Една група граѓани реално си ги пријавуваат симптомите, што ги имаат во моментот и ја пријавуваат точната фактичка здравствена состојба, додека дел од граѓаните како да не сакаат да си признаат дека ги имаат симптомите на Ковид-19, и не ги кажуваат реално симптомите кога ќе се јават на линијата 194, при што нашите вработени се соочуваат со една тешкотија и на некој начин треба да бидат потпретпазливи заради тоа што не знаат што да очекуваат од другата страна, истакна д-р Бубало.

Во однос на тоа дали имале ситуација да ги носат лицата што се јавуваат во Итната медицинска помош во Ковид центрите, вели дека се уште останува протоколот, што е пропишан од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство, и препораката е секој пациент што ќе пројави симптоми на горна респираторна или каква било инфекција, прво треба да се јави кај својот матичен лекар, по што тој доколку има влошување на здравствената состојба се јавува во ИМП.

– Во некои дадени ситуации се случува директно да се јават и на нашата линија, во тој случај доколку пациентот на лекарот на телефон не му звучи лошо, во тој случај го упатува кон матичниот лекар, а доколку му звучи лошо, смета дека сепак треба да отиде наша екипа и тогаш ние интервенираме во таква ситуација, рече Бубало.

Истакна дека во просек во едно деноноќие има околу 30 до 35 транспорти на лица со Ковид-19, таа бројка е варијабилна и различна секој ден.

– Некогаш се и 20 транспорти на лица со Ковид-19. Повиците што ги имавме и претходно, стандардно остануваат, околу 100, а некогаш нивниот број е 120. Во моментот бројката на персоналот е доволна со оглед дека соодветно се одговара на повиците, а брзината на интервенцијата е како и претходно, додаде д-р Бубало./МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер