Германските инвеститори со уредба бараат прецизирање на Предлог-законот за недела неработен ден

Германските инвеститори во земјава поднеле барање, во Предлог-законот со кој недела би била прогласена за неработен ден да се внесе уредба за прецизно регулирање на ваквото решение.

Оваа уредба, како што информира директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс, ќе ја заштити позицијата што ја имаат производителите од Македонија во однос на глобалните синџири на снабдување.

-Во четвртокот имав средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Разговаравме за новиот Предлог-закон со кој недела би била прогласена за неработен ден. Заедно со германските инвеститори во земјава поднесовме барање во законот да биде внесена уредба со која прецизно ќе се регулира законот. Оваа уредба ќе ја заштити позицијата која ја имаат производителите од Македонија во однос на глобалните синџири на снабдување. Ја информирав министерката за тоа што ќе значи застојот во производството за автомобилската индустрија во однос на глобалните синџири на снабдување и конкурентноста на пазарот во однос на земјите со кои Македонија конкурира во привлекувањето странски инвеститори, вели Мартенс.

Тој во понеделникот имал работна средба и со министерот за правда Бојан Маричиќ на која, како што наведува, присуствувал и заменик-германскиот амбасадор Ото Граф, а темата на разговорите била заштитата на инвеститорите.

Во САД во ноември се вработиле 210.000 лица, помалку од предвиденото

Но стапката на невработеност паѓа.

Вработеноста во САД значително се намали во ноември со отпуштања во малопродажбата и во образованието, но стапката на невработеност покажа добри резултати од 4.2 отсто, најмалку во изминатите 21 месец, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Намалената невработеност во ноември до четири отсто е во споредба со октомври, а тоа ја одразува бројката од речиси 600.000 нови вработувања во ноември, објавена претходно од Министерството за труд на САД.

Иако Министерството денеска објави друга бројка – дека во ноември биле вработени 210.000 лица, помалку од половина во октомври и многу помалку од предвидените 500.000 со оглед на празничниот период, според извештајот, двете бројки се разликуваат бидејќи едната е од анкетирани работодавачи, а другата е од домаќинствата.

Американската економија се враќа на ниво пред пандемијата, но мошне споро. Бројките покажуваат дека дел од Американците кои ја изгубиле работата поради пандемијата се враќаат на пазарот на трудот. Од анкетите на домаќинствата се дознава дека речиси 600.000 лица се вратиле на работа во ноември.

Тоа во ноември го зголеми влијанието на работоспособните Американци кои имаат работа или ја бараат до 61.8 отсто, споредбено со 61.6 отсто во октомври. Сепак, во САД во моментот се вработени 2.4 милиони луѓе помалку во споредба со периодот пред пандемијата.

Економистите сметаат дека силниот берзански пазар и високите цени на станбената недвижност ја зголемиле благосостојбата на многу Американци што придонело за тоа предвремено да се пензионираат. Исто така, многу домаќинства имаат огромни заштеди и нивните члеови не се брзаат да најдат работа.

Покрај тоа во САД се забележува и пораст на самовработувања.

Портпаролот на СЗО ги пофали компаниите што подготвуваат нова вакцина

Портпаролот на СЗО истакна дека во светот е доминантна Делта и оти повеќе од 90 отсто од заразените се заразени со оваа варијанта.

Производителите на вакцини против Ковид-19 треба да се пофалат што се подготвуваат за можноста дека ќе мора да ги приспособат своите производи за заштита од варијантата Омикрон, изјави денеска портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО) Кристијан Линдмаер.

На брифинг во Женева тој рече дека СЗО сè уште ја проучува преносливоста и сериозноста на новата варијанта, која беше откриена во јужна Африка.

– Многу е за пофалба што производителите на вакцини веќе почнаа да прават планови согласно кои веројатно ќе треба да ја приспособат постоечката вакцина, рече тој додавајќи дека „е добро да не се чека да заѕвони алармот".

Линдмаер сепак нагласи дека ќе биде потребно уште некое време и оти не треба да се брза со заклучоците. Според него, прелиминарните податоци покажуваат дека има поголема преносливост, но оти во суштина тоа е сè што засега се знае.

Портпаролот на СЗО истакна дека во светот е доминантна Делта и оти повеќе од 90 отсто од заразените се заразени со оваа варијанта.

Се подобрува епидемиолошката состојба во Словенија, отворени скијачките центри

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 1.737 инфекции со коронавирус, со што продолжува трендот на подобрување на епидемиолошката состојба кое трае речиси две недели, а денеска во земјата се отворени скијачките центри.

Со 5.485 тестови откриени се 1.737 заразени, 37,1 отсто од тестовите биле позитивни. Ден претходно имало 2.125 заболени односно 34,1 отсто позитивни тестови. Значителен пад на новозаразените се бележи и на неделно ниво и е далеку од состојбата пред еден месец, кога на 3 ноември имаше 4.518 новозаразени, што е највисока бројка досега во четвртиот бран на епидемијата.

Бројот на активни инфекции се уште опаѓа и изнесува 31.796 случаи, а истиот тренд го покажува и двонеделната инциденца која моментално е 1508 (84 помалку од претходниот ден), додека седумдневнатиот просек на инфекции во еден ден падна за 88 и за прв пат падна под 2.000, моментално изнесува 1906.

Хоспитализациите стагнираат

Хоспитализациите стагнираат, со вкупно 1.059 пациенти во болниците денес, од кои 270 на одделенијата за интензивна нега, додека 17 пациенти починале, со што бројот на починати се искачи на 5.272 од почетокот на епидемијата.

Поповолната епидемиолошка состојба ќе ги подобри резултатите на словенечкиот туризам во зимската сезона, во однос на минатогодишните катастрофални резултати кога претежно беа затворени скијачките центри.

Повеќето од нив имаат доволно снег и денеска се отворени, со пропишаната епидемиолошка рамка за која се надеваат дека ќе трае до крајот на сезоната. Скијачите мора да бидат вакцинирани, со потврда дека прележале Ковид или дека биле негативно тестирани, а маски треба да се носат во кабините на жичарницата.

притисни ентер