Во писмото испратено до премиерот на покраината, Армин Лашет, Макрон ја пофали „невидената заложба со која Северна Рајна-Вестфалија и помага на Франција во тешката ситуација што нè стави сите на тест“.
„На овој начин, заразените со тешка форма на инфекција можат да ја добијат најдобрата можна медицинска помош“, се вели во писмото на францускиот претседател.
На крајот на март, осум тешко болни пациенти биле пренесени од францускиот град Мец во германскиот град Есен, во близина на француската граница. Во понеделникот, еден 76-годишен маж починал во тамошната универзитетска болница, додека две лица биле вратени во Франција, откако нивната состојба се стабилизирала.
Повеќе француски пациенти ќе бидат и деновиве примени во Есен.
Писмото на Макрон, според Дпа, е рачно напишано и започнува со официјално обраќање до премиерот на провинцијата, „Драга Армане“.
Северна Рајна-Вестфалија е една од двете најпогодените германски покраини. Нејзиниот премиер Армин Лашет е еден од најблиските луѓе на канцеларката Ангела Меркел, кој се наметна во јавноста со успешен начин на управување со коронакризата и се профилира како еден од кандидатите кои би можеле да бидат на чело на Христијанско демократската унија, ЦДУ на Меркел. Исто така, се смета дека Лашет е сериозен кандидат кој би можел да ја наследи канцеларката на таа функција на крајот од мандатот во 2021 година.