Германија бара од Унгарија контроли на границите: Неприфатливо е да пуштаат Руси

Германски политичари бараат санкции за Будимпешта поради либерализација на визниот систем за Русија, а од соседите на Унгарија, бараат да воведат гранични контроли со Унгарија.

„Треба да се воведат контроли на унгарските граници, тоа е законски можно. Сега соседните земји како Австрија, Хрватска, Словачка и Романија се на потег“, рече министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген (Христијанско-демократската унија ЦДУ).

Во интервју за весникот „Билд“, тој рече дека оваа мерка е неопходна откако Унгарија го олесни визниот систем за граѓаните на Русија и Белорусија и го олесни полесното доселување на работна сила од овие земји.

„Неприфатливо е членка на Европската унија да ги пушта Русите во земјата повеќе или помалку неконтролирано“, рече Штубген.

Неговиот колега и шеф на Европската народна партија, Манфред Вебер, исто така побара Унгарија да биде санкционирана поради олеснување на влезот на руски и белоруски граѓани.

„Шпиони и убијци на Путин веќе им нанесоа голема штета на Европската унија и Германија...кој ги пушти Русите во ЕУ без проверка силно ја загрозува безбедноста на Европа“, рече Вебер, додавајќи дека потегот на Унгарија „мора да има последици. "

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (Социјалдемократската партија на Германија СПД) изјави дека по руската агресија врз Украина, опасноста од руска шпионажа и саботажа е зголемена.

„Затоа членките на ЕУ мора да го зголемат нивото на заштита наместо да создаваат потенцијални влезни рути“, рече министерката преку нејзиниот портпарол.

СДСМ: За хаосот на Онкологија мора да има одговорност од директорите на Клиниката, Клековски ..

За хаосот на Онкологија мора да има одговорност од директорите на Клиниката, Клековски и Таравари.

Поради катастрофалниот недостиг на лекови на Онкологија се загрозени човечки животи, кои директно зависат од терапија која што власта не ја обезбедила.

Изговори или оправдувања се неприфатливи кога станува збор за човечки животи и за хаосот на Онкологија мора да има одговорност.

Директорите на Клиниката за онкологија, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски и министерот за здравство, Арбен Таравари мора да поднесат оставки и да се повлечат.

Нивната неспособност е животно загрозувачка.

Воопшто не бил преземен соодветен план и не биле навремено набавени лековите, не бил направен систем, не бил направен регистар, ништо не направено а пациентите се оставени да страдаат. Дури и сега, власта сака да го решава проблемот со донации додека најавува купување на авион. Срамно, неодговорно и тажно.

Хуманитарната катастрофа на Онкологија е директен резултат на неодговорноста и неорганизираноста на актуелната власт и за тоа мора да има одговорност.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Лукашенко пред освојување на седмиот претседателски мандат

Повеќе од 480 меѓународни набљудувачи се акредитирани за утрешните претседателски избори во Белорусија, соопшти Централната изборна комисија (ЦИК).

Интересот за изборите е прилично голем. Акредитирани се над 800 новинари, од кои 300 од странство, како и 486 меѓународни набљудувачи, изјави претседателот на ЦИК, Игор Карпенко.

Од 21 јануари веќе почна предвременото гласање за еден од кандидатите – лидерот на Либерално-демократска партија Олег Гајдукевич, бизнисменката Ана Канопацка, првиот секретатр на Централниот комитет на Комунистичката партија Сергеј Сиранков, претседателот на Републиканската партија на трудот и правдата Александар Хижнјак и актуелниот претседател Александар Лукашенко.

Лукашенко кој е на власт 1994 година утре ќе обезбеди седми претседателски мандат, со оглед на тоа што неговите ривали се или во затвор или во егзил.

Лукашенко на претходните избори, одржани во август 2020 година, според официјалните резултати, освои 80 отсто од гласовите. Опозицијата неговата победа ја оцени како изборна измама и повеќе месеци се одржуваа протести, а власта одговори со апсење на над 65.000 луѓе, претепа илјадници лица и ја забрани работата на стотина независни медиуми и невладини организации, поради што западните земји воведоа санкции за Минск. Со цел да избегне нови немири, Лукашенко го помести денот на гласање, наместо изборите да се одржат во август, тие се одржуваат утре, надевајќи се дека студеното време ќе спречи нови масовни протести.

Активистите за човекови права тврдат дека во Белорусија има околу 1.300 политички затвореници, вклучувајќи го и добитникот на Нобеловата награда за мир, Алеш Бељацки, основач на групата Весна.

Седумдесетгодишниот Лукашенко, поранешен директор на државна фарма, првпат беше избран за претседател на Белорусија во 1994 година. За време на неговото тридецениско владеење, Лукашенко се потпираше на субвенции и политичка поддршка од Русија, на која во 2022 година и дозволи да ја искористи белоруската територија за да ја нападне Украина, а подоцна се согласи да добие дел од тактичкото нуклеарно оружје на Русија.

Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин во декември 2024 година потпишаа договор во декември 2024 година, со кој Белорусија доби безбедносни гаранции, вклучително и можната употреба на руско нуклеарно оружје. Лукашенко наведе дека Белорусија има десетици руско тактичко нуклеарно оружје, чие распоредување ја проширува способноста на Русија да напаѓа цели во Украина и во земјите-членки на НАТО во Европа.

Промовирани 497 нови полициски службеници од генерација 2024-2025

Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска се одржи свечена промоција на новите полициски службеници - генерација 2024-2025.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на промоцијата порача дека годинава МВР станува побогато за 497 нови колеги, идни чувари на безбедноста на граѓаните, „синови и ќерки на Македонија“.

- Полициската професија не е само избор, туку е повик, завет кој секој еден од вас го прифаќа со цел да ги чува своите блиски, своите граѓани, својата татковина, безбедни и сигурни. Почитувани идни колеги, благосостојбата и напредокот на едно општество се темелат на почитување на законите, на правната држава, чија основа е успешното функционирање на безбедносниот систем. Тоа значи да создаваме, градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција, која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно во име на граѓаните, во име на својот народ, изјави Тошковски.

Тошковски, исто така, порача дека се градат и ќе се градат нови полициски станици, како и дека се планира обновување на возниот парк на министерството, нови модерни и функционални униформи и материјално и техничко унапредување на сите организациони единици. Во унапредувањето на условите за работа, тој нагласи дека, ќе биде направено и преку редовно зголемување на примањата на сите вработени во МВР.

Помошник министерот на Центарот за обука на МВР, Влатко Митковски во своето обраќање пред 13-те тимови нови полициски службеници, им порача дека промоцијата е награда и показател на нивната работа, труд и вложување.

- Почитувани кандидати, да се биде полицаец не е само работа, тоа е професија која носи голема одговонрост. Нашите сограѓани секогаш ќе гледаат во вас, како за заради зачувување на индивидуалната, така и заради колективната безбедност. Носејќи ја полициската униформа станувате членови на едно големо полициско семејство. Тука сте не само за нашите сограѓани, туку и едни за други, порача Митковски.

На промоцијата беа доделени благодарници и пофалници за најдобрите полициски кандидати од генерацијата.

притисни ентер