Г. Скопје: Продолжува реконструкцијата на пешачката патека на улица Љубљанска

Екипите на ЈП Улици и патишта денеска го  почнаа  асфалтирањето на последниот дел од пешачката патека на улица Љубљанска, што е во насока од булевар Илинден кон Сити Мол, чија површина е околу 1.000 квадратни метри. 

Со асфалтирањето на овој потег целосно завршува реконструкцијата на пешачките патеки од двете страни на оваа фреквентна улица.

Во текот на денешниот ден рачно ќе се асфалтираат околу 300 квадратни метри на овој дел кај Сити Мол.

Екипите на ЈП Улици и патишта со завршувањето и на овој дел од патеката ќе ја завршат реконструкцијата на пешачките патеки со вкупно површина од 2.300 квадратни метри на потегот од бул.Партизански одреди до бул.Илинден. Во текот на изминатиот месец беше реконструирана патеката во насока од улица Разловечко востание кон бул.Илинден на површина од 1.300 квадратни метри.

На овој потег беа поставени и околу 100 заштитни столпчиња и истите ќе се поставуваат до крајот на реконструираните патеки штом заврши асфалтирањето и на последната фаза од реконструкцијата на пешачките патеките на улица Љубљанска.

Со почит,

[1652086251654]

Град Скопје

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ќе ја одржи 34-тата седница на чиј дневен ред се две предлог-одлуки за испраќање војници на Армијата на Република  Македонија во мисиите на ЕУ „EUTM RCA“ и „Алтеа“.

Првата точка е Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Втората точка, Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Поради зголемена фреквенција на возила, времето на чекање на ГП Богородица за излез од земјава е околу 30 минути.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. /МИА

притисни ентер