Француската влада е пред распад

Владата на Франција е речиси сигурно дека ќе падне во наредните денови, откако екстремно десничарските и левичарските партии објавија дека ќе гласаат за недоверба на премиерот Мишел Барние.

Нивниот потег дојде откако Барние рече дека ќе се обиде да го протурка буџетот за социјално осигурување низ Долниот дом на парламентот без гласање, бидејќи неговата последна отстапка не беше доволна за да ја обезбеди поддршката на екстремно десничарската партија Национален собир, објави Би-Би-Си.

Лидерката на Националното собрание Марин Ле Пен изјави дека нејзината партија ќе поднесе сопствена иницијатива за гласање недоверба на владата, но и ќе поддржи секаков сличен предлог од други партии. „На Французите им е доста. Можеби мислеа дека работите ќе бидат подобри со Мишел Барние, но тие се уште полоши“, рече Ле Пен.

Матилда Пано од левичарската партија Франција неосвоена вели: „Соочени со ова, по којзнае кој пат, негирање на демократијата, ќе гласаме против владата. Живееме во политички хаос поради владата на Мишел Барние и претседателството на Емануел Макрон“.

Ако сите пратеници на Националното собрание и левицата гласаат за соборување на Барние, владата нема да опстане. Гласањето може да се одржи веќе во среда.

Ниту една француска влада не е соборена на ваков начин од 1962 година.

Битките на Барние да го протурка буџетот за 2025 година преку длабоко поделениот парламент може да ја втурнат Франција во втората политичка криза во последните шест месеци, нагласувајќи ја нестабилноста што ги зафати членките на Европската унија.

„Ова е моментот на вистината“, им рече Барние на пратениците, ставајќи ја судбината на неговата влада во нивни раце. „Французите нема да ни простат што ги ставаме интересите на поединци пред иднината на земјата“, рече премиерот.

Малцинската влада на Барние, формирана во септември, се потпираше на поддршката на Националното собрание за својот опстанок.

Предложениот буџет, кој има за цел да го ограничи растечкиот јавен дефицит на Франција преку зголемување на даноците и намалување на трошоците за 60 милијарди евра, може да стави крај на таа слаба соработка.

Падот на француската влада ќе создаде дупка во срцето на Европа, со Германија веќе преокупирана со избори, неколку недели пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.

Честитки од Лондон, Анкара, Стокхолм и Хелсинки за Трамп

Лидерите на Велика Британија, Турција, Шведска и Финска му ја честитаа денешната инаугурација на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.

Во честитката, британскиот премиер Кир Стармер рече дека „со векови“ односите меѓу двата народа биле „пример за соработка и трајно пријателство“.

- Заедно го одбранивме светот од тиранијата и работевме на нашата заедничка безбедност и просперитет. Со долгогодишната наклонетост на претседателот Трамп и историските врски со Обединетото Кралство, знам дека длабокото пријателство ќе продолжи, рече Стармер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својата честитка изрази надеж дека „вториот мандат на Трамп носи добро за целото човештво“.

- Бидејќи Трамп повеќе пати рече дека ќе стави крај на руско-украинската војна, ние како Турција ќе направиме се што е потребно во тој поглед. Треба да го решиме ова прашање што е можно поскоро, рече Ердоган.

Тој додаде дека ова прашање ќе биде на агендата на Турција во разговорите со новиот американски претседател.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон му упати на Трамп „топли честитки на полагањето заклетва како 47-ми претседател на САД“.

- Шведска со нетрпение очекува да ја продолжи блиската соработка со САД, напиша тој во објава на X.

Финскиот претседател Александар Стуб во порака на Х рече дека му испраќа „искрени честитки“ на Доналд Трамп за неговата инаугурација како претседател на САД и оти „САД се клучен стратешки партнер и сојузник“ на Финска./МИА

Пленковиќ му честиташе на Трамп

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп.

- Му честитам на Трамп за неговата инаугурација како претседател на Соединетите држави и му посакувам многу успех, објави Пленковиќ на X.

- Со нетрпение очекуваме да работиме со претседателот Трамп и неговата администрација за понатамошно зајакнување на нашето стратешко партнерство со Соединетите држави. Ќе ја надоградуваме нашата силна соработка на военото и енергетското поле и ќе продолжиме да ги подобруваме економските можности и размената во туризмот, напиша Пленковиќ објавувајќи фотографија од заклетвата на Трамп за 47-ми американски претседател./МИА

Кина посредува за прекин на огнот меѓу воената хунта во Мјанмар и главната бунтовничка група

Воената влада на Мјанмар и главната бунтовничка група во североисточниот дел на земјата потпишаа договор за прекин на огнот, соопшти денеска Кина, како посредник меѓу завојуваните страни.  

Договорот стапи на сила пред два дена и е втор ваков договор меѓу војската на Мјанмар и Армијата на Националната демократска алијанса на Мјанмар (МНДАА) за нешто повеќе од една година.

Претходниот договор никој не го почитуваше.

МНДАА држи големи делови од територијата долж границата со Кина.

Нов прекин на огнот беше постигнат со посредство на Кина во средината на овој месец, објави Министерството за надворешни работи на земјата.

Условите на договорот не беа соопштени.

Кина е најважниот надворешно политички сојузник на воената хунта во Мјанмар, која дојде на власт во 2021 година со соборување на избраната влада предводена од Аунг Сан Су Чи. Тоа соборување доведе до масовни мирни протести низ целата земја кои ескалираа во граѓанска војна.

Пекинг има големи геополитички и економски интереси во Мјанмар и е длабоко загрижен за нестабилноста долж границата со таа земја./МИА

притисни ентер