Француската економија се опоравува по укинувањето на мерките

Личната потрошувачка во Франција се опорави во мај благодарение на ублажувањето на мерките за борба против пандемијата на коронавирус, покажаа податоците објавени денес од страна на заводот за статистика.

Потрошувачката скокнала за 36,6 проценти во мај од април кога паднала за 19,1 процент, објави ИНСЕЕ. Таа потонала за 16 проценти во март.

На 11 мај, француската влада започна со откажување од ограничувањата по скоро двомесечна блокада, меѓу најстрогите во Европа.

Владата нареди затворање на скоро сите продавници освен оние што продаваат основни продукти. Како резултат, втората економија на Европа потона во најдлабоката рецесија по Втората светска војна.

И покрај закрепнувањето во мај, потрошувачката е сè уште 7,2 проценти пониска отколку во февруари, пред кризата со корона, забележа ИНСЕЕ.

Ќе се прави скрининг на новинари и медиумски работници за КОВИД-19

Министерството за здравство на барање на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во наредните денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19. Скринингот ќе биде спроведен во два круга.

Во првиот круг, во период од три дена, ќе бидат опфатени најмалку 500 новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг.

Како што посочуваат од Министерството, во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот КОВИД – 19. Освен тоа, во ЗНМ било пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени.

-Поаѓајќи од тоа, но и од потребата да се даде приоритет на новинарите и медиумските работници ќе се спроведе скрининг во два круга. Во првиот круг ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми, со цел да се утврди дали и колку од вработените се заразени. Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Според првичната проценка целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од три дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг, појаснуваат од Министерството за здравство.

Поголемите редакции ќе добијат подетални информации во текот на утрешниот ден со цел да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг.

Обвинителството го следи објавувањето на „бомбите“, ако има криминал ќе реагираат

Дали во досега објавените бомби има индиции за сторен криминал Јавното обвинителство се уште истражува.

Последниот одговор оттаму е дека ги следат објавените снимки и доколку се утврдат елементи на кривични дела ќе постапат.

Откако почна предизборната кампања, речиси секојдневно се објавуваат аудио материјали на Јутјуб, во кои се инволвирани лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Мицкоски и Заев. За последната снимка објавена пред три дена на која лидерот на социјалдемократите зборува за Шарената револуција тој денеска одговори дека се работи за грешка која како што рече била последица на подолго седење во кафеана.

Од обвинителството потврдија дека го добиле известувањето и доказите од СВР Скопје за случајот со теретаната со Мицкоски. Но тоа за обвинителството не било доволно па информираат дека надлежниот јавен обвинител презема и други дејствија по што ќе утврдат дали партискиот лидер ги прекршил здравствените протоколи.

Големи пожари на грчките острови Евија и Крит

Единица од Дирекцијата за справување со подметнати пожари, по наредба на началникот на Противпожарната служба на Грција, заминува за островот Евија за да ги истражи причините за пожарот.

Големи пожари избија денеска на грчките острови Евија и Крит, а ветерот дополнително го отежнуваше гаснењето и напорите, по неколку часа, огнените јазици да бидат ставени делумно под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Единица од Дирекцијата за справување со подметнати пожари, по наредба на началникот на Противпожарната служба на Грција, заминува за островот Евија за да ги истражи причините за пожарот.

Противпожарните сили дополнително биле засилени и на терен се вкупно 57 пожарникари, 20 возила, два пешадиски тимови, два авиони и еден хеликоптер.

На Крит, според локалните медиуми, пожарот бил во близина на населено место и делумно е ставен под контрола, а во гаснењето учествуваат 15 пожарникари со седум возила.

притисни ентер