Фон дер Лејен: Нема сомнеж дека Западниот Балкан припаѓа во ЕУ

Самитот ЕУ – Западен Балкан кој се одржа виртуелно наместо во Загреб поради пандемијата на Ковид-19 донесе пред сѐ економски и финансиски заложби. 

Иако санитарната криза го забавува процесот, лидерите на ЕУ институциите инсистираат дека регионот останува врвен приоритет за нив, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Одржувањето на овој самит сведочи за тоа дека западниот Балкан е апсолутен приоритет за ЕУ и за мојата Комисија, регионот припаѓа во ЕУ, нема сомнеж околу тоа и ние имаме одговорност да им помогнеме на нашите партнери во регионот, посебно во однос на последиците од коронавирусот, беа зборовите на претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на прес- конференцијата по завршувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан.

Пакет од 3,3 милијарди евра за шесте земји од регионот, пристап до алатки за борбата против вирусот, алатки кои им се вообичаено достапни само на земјите членки на ЕУ, помош за малите и средните претпријатија во делот на економското закрепнување, ова се некои од иницијативите кои претседателката на ЕК, фон дер Лајен, Шарл Мишел претседател на Европскиот Совет, и Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска чија земја претседава со ЕУ, ги упатија на прес – конференцијата.

Останува дека конкретните прашања поврзани за процесот на проширувањето кон регионот, како отворањето на преговорите со Скопје и Тирана или отворање на нови поглавја со Подгорица и Белград, очекувано не беа дел од оваа средба.

Сепак, повеќе пати беше поздравена одлука за отворање на преговорите со Македонија и Албанија, донесена на 26 март годинава.

-Како Хрватска сметаме дека крајно време беше да се донесе одлуката за Македонија и Албанија, како и за новата методологија за пристапните преговори, изјави хрватскиот премиер, надоврзувајќи се на зборовите на Урсула фон дер Лејен која повтори дека оваа одлука претставува "силен сигнал".

Декларираната цел на новата методологија на пристапните преговори е и да донесе забрзување на процесот зависно од капацитетот на секоја земја.

-Демократските стандарди постојат за да овозможат забрзување на процесот, преговорите се трансформативен процес и колку е земјата поангажирана повеќе напредува, како и да е „останување на паркингот" не е поттик, изјави Пленковиќ.

Хрватскиот премиер оцени дека ЕУ испорача во однос на очекувањата на земјите од регионот, додека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсети дека "до пред неколку месеци", ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, алудирајќи на блокадата за преговорите со Македонија и Албанија минатата есен, разлики кои се денес надминати, тврди ЕУ.

-Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со Ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите, додаде Мишел.

Процесот, меѓутоа, неизбежно ќе се забави поради глобалната санитарна криза.

-Пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување, призна фон дер Лејен.

Сепак, за неа, кризата може да се искористи за да се консолидира процесот.

Еден од предлозите на Комисијата е, подоцна во текот на оваа година, како дел од преговорите за буџетот на ЕУ, да се понуди и широк „Економски и Инвестициски План" за регионот за да им се помогне на земјите и на компаниите да се справат со финансиските последици од кризата.

-Ако сме паметни и обединети можеме да ја искористиме кризата за да се зближиме, по рестриктивните мерки ќе следи огромна економска штета, и ако се движиме кон програма за закрепнување, како што е инвестицискиот пакет, во кој ќе се фокусираме на поврзување, дигитализација и на Зелениот пакт, можеме заедно да го надминеме ова, рече фон дер Лајен.

Европската перспектива е потврдена од страна на земјите членки и на институциите на ЕУ, стои и во завршната декларација, а таа перспектива останува во најголем дел во рацете на земјите од регионот и нивниот реформски капацитет.

-За време на оваа средба имавме прилика да ја потврдиме уште еднаш европската перспектива на партнерите од Западниот Балкан, потврдувањето е многу важен сигнал дека треба да продолжат реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, рече претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел./МИА

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Анализите на Секторот за санитарна контрола, направени на 149 примероци од 41 мерни места во градот, во период од 22 до 26 април, покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Секторот за санитарна контрола земал 149 примероци за физичко-хемиска и 149 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во град Скопје и согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело.

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија, подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“.

притисни ентер