Филипче: Владината коалиција е нефункционална, тоа граѓаните секојдневно го чувствуваат - Канал 5

Филипче: Владината коалиција е нефункционална, тоа граѓаните секојдневно го чувствуваат

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. 

Филипче: Владината коалиција е нефункционална, тоа граѓаните секојдневно го чувствуваат

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче како одговор на новинарски прашања во однос актуелните случувањата во владината коалиција.

„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче.

Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што на повеќе нивоа е загрижувачки.

„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.

Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.

Сепак, како што истакна Филипче, СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори, така и за евентуални предвремени парламентарни избори.

Процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на различни нивоа, и околу десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.

„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се започнати, иако не во сите општини со иста динамика, имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.

Паралелно, започнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.

СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период. СДСМ е подготвен за локални избори, но и за предвремени парламентарни избори, доколку тие се случат, заклучи Филипче.

YouTube video

Роналдо би можел да се врати во Спортинг Лисабон

Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо, размислува за враќање во Спортинг Лисабон откако ќе му истече договорот со саудискиот клуб ова лето, објави „Калчомеркато“, повикувајќи се на „беИН Спортс“.

Роналдо би можел да се врати во Спортинг Лисабон

Според изворот, Роналдо (40) би можел да го замени напаѓачот на Спортинг, Виктор Ѓекереш, за кој има интерес од многу европски клубови. Роналдо е подготвен да се согласи на намалување на платата за да ја заврши кариерата во клубот од кој ја започна.

Оваа сезона, Роналдо одигра 39 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна 33 гола и имаше 4 асистенции.

Роналдо е дете на Спортинг, каде што беше член од 1997 до 2003 година.

Собранието повторно на едночасовна пауза

Собранието повторно не може да го утврди дневниот ред на 48-та седница, бидејќи на барање на пратеникот Сашо Јанчев од Левица е на пауза до 14:30 часот. 

Собранието повторно на едночасовна пауза

Јанчев, како што посочи, во процедурално барање на секоја седница ќе бара едночасовна пауза се додека генералниот секретар на Собранието не одговори на барањето на пратеничката Јована Мојсоска од Левица за добивање информација за висината на патните трошоци и станарината што им е платена на некои пратеници.

Собранието и претходно до 13:00 часот беше на едночасовна пауза која во процедурално барање ја побара координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски. Тој го обвини претседателот на Собранието Африм Гаши за злоупотреба на процедурите при утврдувањето на дневниот ред на денешната седница и побара пауза за да се утврди тоа.

На почетокот на седницата пратениците одлучија по скратена постапка да се донесат предлог законите за изменување и дополнување на Законот за оружјето и на Законот за употреба на македонскиот јазик, како и предлог законот за дополнување на Законот за работни односи.

Не помина барањето за ставање по скратена постапка законското решение за утврдување надомест за семејствата на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани и за повредените од тој немил настан, како и барањата од денвиот ред да се тргнат Предлогот за разрешување и именување претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, во второ читање.

ЕБОР ја одобри новата петгодишна стратегија за Македонија

Бордот на Директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата  Стратегија  за Македонија за следните пет години (2025-2030).

ЕБОР ја одобри новата петгодишна стратегија за Македонија

Канцеларијата на ЕБОР во Скопје денеска соопшти дека стратегијата се фокусира на стратешките приоритети на земјата: Зајакнување на регионалната интеграција преку поврзување и зајакнување на поврзаноста на ланецот на вредности, Забрзување на транзицијата кон зелена и одржлива иднина и Поддршка на поконкурентна, инклузивна и добро-управувана економија

Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија, истакнува дека новата Стратегија ја определува јасната и амбициозна визија на ЕБОР во следниве пет години, фокусирајќи се на продлабочување на регионалната интеграција, забрзување на зелената интеграција, и градење на поконкурентна, инклузивна и добро-управувана економија.

- Преку инвестирање во отпорна инфраструктура и поддршка на развојот на ланецот на вредности, се стремиме да ѝ помогнеме на земјата да ја зајакне улогата во регионалната економија. Во исто време, нашата определба за декарбонизација и одржливи јавни услуги ќе го поддржи патот на земјата кон позелена иднина. Ќе продолжиме да го промовираме растот на приватниот сектор, демографијата, ќе го подобриме владеењето и ќе ја зајакнеме економската инклузија, особено за жените, младите и помалку застапените групи. Со силно локално партнерство и заедничка реформска агенда, уверен сум дека Македонија е добро позиционирана да го отклучи целосниот потенцијал и да постигне уште подраматичен и инклузивен раст во годините кои следат, вели Туркменоглу.

ЕБОР е водечки инвестициски инвеститор во Македонија и има инвестирано над ЕУР 2,9 милијарди во 198 проекти.

притисни ентер