Филипче: Почнува укинувањето на квотите за лековите на рецепт

Од овој месец се укинуваат квотите за лековите на рецепт во аптеките во регионите на туристичките места Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. 

Ова денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа ќе важи за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, а сите рецепти во овие места ќе бидат реализирани од Фондот за здравствено осигурување.

Тој посочи дека ова е прв чекор во насока на укинување на квотите за лековите на рецепт во сите аптеки на територијата на целата држава, што премиерот Зоран Заев го најави минатата недела, а ќе почне да важи од моментот кога согласно динамиката на имплементирање на контролните механизми, Фондот ќе го имплементира како мерка, односно во септември или октомври.

Во овие туристички места, потенцира Филипче, со години наназад имаше голем недостиг на лекови заради големата флуктуација на бројот на луѓе кои циркулираа во нив и жителите на овие градови и региони многу рано во месецот се соочуваа со недостиг на лекови и затоа Минизтерството се одлучило за една ваква мерка.

– На крајот на месецов ќе започне административната официјална процедура на вклучување на сите аптеки кои во овој момент не се во мрежата, со цел тие да се вклучат за да може и тие, сега отворени и веќе функционални аптеки, да станат дел од овој систем на целосна реализација на своите рецепти, а во исто време паралелно ќе започнеме и со проширување на мрежата согласно одлуката на последната седница на Владата за прием на нови специјалистички ординации од различни специјалности од областа на медицината и стоматологијата со цел да се излезе во пресрет на младите луѓе кои долго време чекаат место да отворат своја ординација и да работат со пациенти на сметка на Фондот за здравствено осигурување, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има информации во врска со тоа кој правел злоупотреби со издавањето лекови на рецепт, Филипче рече дека тоа е анализа што се прави во Фондот, а со целосните информации непосредно пред имплементирање на оваа мерка укинување на квотите на територијата на целата држава во септември или октомври детално ќе информираат што е тоа што го нашле на терен, зошто сметаат дека се зголемувал бројот на рецепти сите изминати години и како со оваа мерка и тој дел ќе го стават под контрола односно да го сведат бројот на лекови по глава на жител согласно тоа што е европски стандард.

Министерот додаде дека ако се констатира оти некои од матичните лекари или аптеките биле вклучени во вакви злоупотреби, тогаш тие ќе одговараат. /МИА

Цел град во мрак: Невреме го покоси Хјустон, најмалку четворица загинати

Четири лица загинаа во силно невреме во градот Хјустон во американската сојузна држава Тексас.

Две лица загинаа кога врз нив паднаа дрвја, кои беа соборени од ветрот, кој за време на невремето достигна брзина и до 160 километри на час, пренесува АП.

Без струја останаа околу 870.000 потрошувачи. Невремето собори дрвја и искрши прозорци на високи згради, а локалните власти ги повикаа жителите да останат внатре.

Голем дел од центарот на Хјустон и неговата комерцијална област беа покриени со урнати далноводи и стакло од скршените прозорци по невремето, а сообраќајот и уличните светла беа исклучени низ градот, рече градоначалникот Џон Витмајер во интервју за локалната телевизија.

Зборувајќи од центарот за итни операции во градот, Витмајер рече дека невремето го погодило Хјустон, на брегот на Персискиот залив во југоисточната американска држава Тексас и најнаселен урбан центар во државата, со ветрови од 129-161 километар на час.

Анкети во Грција: Предност на Нова демократија во пресрет на европските избори

Споредбено со европските избори во 2019 година, кога, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто, сега, првите две партии се со намален рејтинг, додека третата партија е во подобра позиција.

Меѓу 25 и 26,5 отсто е рејтингот на грчката владејачка партија Нова демократија во пресрет на европските избори на 9 јуни и е стабилна на првата позиција, со предност од 13 до 15 проценти пред опозициската СИРИЗА, според истражувањата на јавното мислење во Грција, спроведени од агенциите „MRB“ и „Pulse“ за грчките телевизии „Опен“ и „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Споредбено со европските избори во 2019 година, кога, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто, сега, првите две партии се со намален рејтинг, додека третата партија е во подобра позиција.

На прашањето дали ќе гласаат на евроизборите, 74 отсто од анкетираните на едната и 83,5 проценти од другата анкета одговориле позитивно.

Анкетата на „Pulse“ за „Скај“ била спроведена помеѓу 13 и 15 мај 2024 година со учество на 1.104 гласачи, додека пак истражувањето на „MRB“ за „Опен“ од 10 до 14 мај со анкетирани 1.100 лица.

Полската армија нуди летни кампови како алтернативна сезонска работа

 Војската на Полска ја проширува доброволната програма за воена обука за граѓаните и воведува летни кампови, со цел да регрутира војници со скратено работно време во неизвесните времиња по руската инвазија врз Украина.

- Првпат летово стартува програмата наречена „Одмор со армијата“, соопшти полското Министерство за одбрана.

Мажите и жените на возраст од 18 до 35 години, кои имаат полско државјанство можат да се пријават за 27 дена основна воена обука во една од 70-те воени бази, за што ќе добијат плата од 1.520 долари.

- Понудата првенствено е наменета за матуранти, но и за студенти и лица кои бараат работа за време на празниците. Воениот рок може да стане алтернатива на сезонската работа, се наведува во соопштението.

Обуката ќе се состои од гаѓање, ориентација на терен, блиска борба, ракување со радиоопрема и воени возила.

Граѓаните кои ќе ја завршат програмата можат да одлучат дали ќе станат професионални или резервни војници или членови на волонтерски единици за национална безбедност.

Понудата е дел од проширувањето на еднодневните цивилни курсеви кои се организираат од 2022 година под името „Тренирај со армијата“ и се многу популарни.

притисни ентер