Филипче: Есенскиот бран ги оптерети лабораториите за тестирање

Се работи на изнаоѓање решение за нови термини.

Силниот есенски бран ги оптерети лабораториите за тестирање, но се работи на изнаоѓање решение за нови термини, информираше вечерва министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил.

-Викендов сите лаборатории ќе работат со полн капацитет за да се постигне со обработката на тестови, а денеска разговаравме за отворање на нови термини на почетокот на следната недела. Сите капацитети се максимално ангажирани, колегите работат во три смени. Верувам дека брзо ќе изнајдеме решение за надминување на состојбата, потенцира Филипче.

Во Прилеп почна откупот на тутунот, се очекува безбедна и реална откупна кампања

Прилепскиот тутунски комбинат денеска официјално го почна откупот на тутунот. Тој е втора, по Сокотаб од Битола, откупна компанија од вкупно 10-те во земјава кои ќе го купуваат годинашниов род од околу 23 000 тони.

Тутунарите на стартот сметаат дека нереално се проценува нивниот труд и мака и дека им се скратува на класите.

-Јас денеска го ценев тутунот. Секоја година прв го носам за откуп. Лани многу убаво одеа цените, ама годинава многу тешко. Претежно оди 4 и 3 класа. Донесов 430 килограми, вели долгогодишниот тутунопроизводител Ваит Асаноски од Прилеп.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ајранит Хоџа истакна дека сме на стартот на откупот, не се очекуваат големи проблеми, и оти е рано да се даде процена како тече откупот, но Министерството и Инспекторат будно ќе го следат откупот. Многу е битно и зачувување на здравјето на тутунарите. Откупувачите ги обезбедија парите за откуп.

-Ова е втора компанија која го почнува откупот. Дојдени сме да видиме како се одвива откупниот процес. Сѐ уште е почеток и реално, очекуваме дека нема да има поголеми проблеми со откупот. Рано е да говориме за некаква процена, но очекуваме да биде во најдобар ред. Имав повеќе состаноци со откупувачите и со Земјоделските здруженија. Засега два откупни центри го почнаа откупот. Средствата се обезбедени и тоа што е договорено нема да остане неоткупено. Сакаме сѐ да помине во најдобар ред, посебно да се запазат сите мерки за заштита за да не дојде до затворање на цел откупен пункт. Ќе се следи ситуацијата. Не би сакал пораката во почетокот на откупот да биде негативна. Да почекаме како ќе се одвива, па да преземеме мерки доколку има проблеми, изјави Хоџа.

Кире Станкоси, директор на Прилепскиот тутунски комбинат нагласи дека ќе се плаќа по еден ден од одтукупот и не се очекуваат проблеми. Најави дека деновиве ќе се отворат пунктувите во населените места.

-Официјално го почнавме откупот, парите се обезбедени. Имаме 21 откупен пункт со 31 вага. Деновиве ќе ги отвориме пунктовите и во населените места. Прво им посакувам добро здравје на тутунарите. Наше е да имаме реална процена на родот. Наша цел ќе биде обострано задоволство со тутунарите. За заштита на здравјето на кооперантите, целта ни е откупот да трае подолго за да нема турканици, посочи Станкоски.

Сојузот на земјоделските здруженија ќе ги штити тутунарите за да добијат реална цена при откупот. Менде Стомнароски, претседател на Сојузот вели дека ќе почекаат сите 10 откупувачи да ги отворат пунктовите.

-Досега се две откупни компании кои го почнаа откупот, најавата е дека другите осум ќе ги отворат пунктовите до 5 декември. Сѐ што е во нашиот домен, со нашите претставници на вагите ќе преземеме да ги заштитиме тутунарите. Со самото почнување на сите откупни компании, доколку има нереална процена, ние ќе преземеме сѐ што е во нашиот домен. Дури, ако дојде до таква ситуација, ќе ги повлечеме поверениците, за тутунарите да не бидат оштетени. Но, овој период е сушен, па оневозможува тутунарите да го спакуваат тутунот за откуп, изјави Стомнароски. /МИА

Улицата „Среќко Пужалка" денеска без вода

Без вода денеска од 14 часот се корисниците од улицата „Среќко Пужалка".

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи-Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-100мм на улицата „Среќко Пужалка" бр.39.

Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот.

Намалените давачки за увезените возила нема да влијаат врз загадувањето, велат од Владата

Намалените давачки за регистрација на возила со странски таблички нема да влијаат врз зголемување на загадувањето на воздухот бидејќи останува критериумот за увоз на стари возила со еуро 4 стандард, велат од Владата.

– Последната информација од Царинската управа е дека драстично е намален бројот на увезени стари возила, а наметнувањето на критериумот еуро 4 стандард е во насока дека нема простор старите возила на било каков начин да влијаат врз квалитетот на воздухот, истакна владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

Предлог-законот што Владата го усвои вчера на седница, како што појасни Арсовски, е донесен на иницијатива на сопствениците на вакви возила, а во Буџетот како прилив се очекуваат околу 25 милиони евра.

Целта на Предлог-законот е да се регистрираат возилата со странски таблици со намалени давачки до 50 проценти од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Одредбите од овој Предлог-закон се однесуваат на возила увезени до 1 октомври годинава со најмалку Еуро 4 стандард и ќе се применуваат за времетраење од една година. Предложеното законско решение, како што вчера соопшти Владата, е доставено на усвојување во Собранието./МИА

притисни ентер