Филипче: Добро е што има линеарно зголемување на бројот на заболени од коронавирус

Во овој момент е добро што имаме линеарно зголемување на бројот на случаите, приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но ние сме спремни да прифатиме и да третираме пациенти дури и да има раст. 

Целосно се мобилизирани здравствените работници, спремни се капацитетите. Имаме и излекувани пациенти и сме целосно во ситуација да се амортизира приемот на пациенти. Терапијата е веќе аплицирана кај пациенти кај кои е индицирана согласно анализите од нивното ЕКГ. Сосема добро стручно се справуваат колегите во сите јавно здравствени институции.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата на која рече дека еден од членовите на резервниот тим на Клиниката за кардиологија на работа пројавил симптоми.

– Ова е случка во делот на ангиосалата каде нема лежечки пациенти туку пациенти доаѓаат само за интевервенција на срцето. Во тој дел лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени заради тоа што таква е технологијата на работа. Но, доколку се установи дека некој се појавил на работа свесен дека и претходно има симптоми ќе следат најстроги санкции, рече Филипче.

Потенцира дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи со коронавирус во земјава и тоа 11 во Скопје, четири во Прилеп, два во Куманово и еден во Тетово, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува 219 лица. Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје (134), Дебар (43) , Куманово (17), Штип (осум), Прилеп (шест), Охрид (три), Велес (три), Кавадарци (два), Тетово (два) и Гостивар (еден).

Не треба да се има ниту најмал сомнеж, посочи Филипче, дека не се споделуваат точни бројки, бројките се апсолутно точни, не може да биде поинаку, ги споделуваме со официјалните претставници на СЗО, и тука простор за манипулација нема.

Нагласи дека на Клиниката се инфективни болести се хоспитализирани 41 пациенти од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од механичка вентилација, 27 се средно тешки пациенти и седум се со поблаги симптоми, а стабилна е состојбата и на пациентите во Штип.

Од Заводот за рехабилитација во Козле, појасни, се уште траат испитувањата, анкетите, земени се материјали на уште 18 вработени, веднаш после пристигнувањето на сите резултати ќе се направи план за функционирање на оваа установа, а постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел со соодветен распоред на здравствените работници.

Тој рече дека денеска се поделени заштитни маски на матичните лекари. Станува збор за донација од 3.000 маски во текот на вчерашниот ден, а денеска и уште 3.000 платнени и хирушки маски кои ќе им бидат поделени на матичните лекари.

Во врска информациите со цените на тестовите, посочи дека го коментирале објавениот документ за набавката на тестовите кој е по регукларна пазарна цена, но проструила значајно поголема цена од близу 5.000 денари и тоа не е цена по која се набавуваат тестовите.

– Станува збор за цена по која Фондот за здравствено осигурување ги откупува услугите услугите кон ИЈЗ односно центрите за јавно здравје. Значи цена на чинење е таа сума значајно поголема од тоа што се шпекулира дека е цена на чинење на тестот по која Фондот плаќа кон јавно здравствените установи за една услуга да се направи. При тоа тука постои специфична технологија на пресметка, тоа е т.н. ДРГ цена, цена на услуга каде не се калкулира само потрошниот материјал, туку и вработените, нивните плати, одржувањето на материјалите. Така функционира целокупниот здравствен систем, рече Филипче и додаде дека тестовите за граѓаните, за пациентите во ИЈЗ, брисевите земени во центрите за јавно здравје се апсолутно бесплатни.

Најави дека на почетокот на следната недела се очекува поставувањето на мобилната болница до Клиниката за инфективни болести. – Таму ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести се дуплира со соодветни тоалети, суви ходници со кои ќе се комуницира до неа, рече Филипче./МИА

Фон дер Лајен:Ако Путин го прекине бомбардирањето,мировни преговори може да почнат следниот ден

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека доколку рускиот претседател Владимир Путин престане да ја бомбардира Украина, мировните преговори може да почнат следниот ден, пренесе Анадолија.

Фон дер Лејен, која дојде во Рим за време на изборната кампања за Европскиот парламент (ЕП), се сретна со млади гласачи заедно со Антонио Тајани, лидерот на Форца Италија (ФИ).

Таа на средбата зборуваше за војната меѓу Русија и Украина.

- Доколку Путин го прекине бомбардирањето, следниот ден може да се одржат мировни преговори. Но, мировниот процес мора да го водат Украинците. Нивно право е да го направат тоа, рече претседателот на Европската комисија.

Кога Фон дер Лајен пристигнала на средбата со младите, ја пречекала група од десетина луѓе кои извикувале „Срамота“ и „Слободна Палестина“, јави Анадолија.

НАСА постави прв шеф за вештачка интелигенција, за си ја да обезбеди водечката улога

НАСА го назначи својот прв шеф на вештачка интелигенција (ВИ) кој ќе биде во чекор со ова витално и брзо развивачко поле.

Станува збор за Дејвид Салвањини, кој беше шеф за користење податоци, пишува Space.

„AI се користи безбедно во НАСА со децении и како што се развива оваа технологија може да го забрза процесот на откривање. Важно е да останеме на чело на напредокот и одговорното користење. На својата нова позиција, Дејвид ќе ја води одговорната употреба на вештачката интелигенција во вселената и на Земјата за доброто на целото човештво“, се вели во соопштението на НАСА.

Американската вселенска агенција користи вештачка интелигенција, на пример, во климатското моделирање, за да придонесе за подобро разбирање на ефектите од глобалното затоплување врз животната средина и нивното ублажување.

Салвањини ќе управува со развојот на широка визија за развој и употреба на вештачка интелигенција, како и иновации преку оваа технологија. Во проширен капацитет, НАСА ќе продолжи да соработува со други владини агенции, академски институции, индустриски партнери и други експерти за да обезбеди лидерска позиција во областа на вештачката интелигенција.

Салвањини се приклучи на НАСА во јуни 2023 година по повеќе од 20 години во разузнавачката заедница. Има и воено искуство. Тој служел 21 година во воздухопловните сили на САД.

Во раководството на секторот за вештачка интелигенција, сепак, немало вакуум пред назначувањето на Салвањини. Кејт Калвин, научен шеф на НАСА, била задолжена за вештачката интелигенција.

Монструмот, кој 24 години си ја силувал ќерката и добил 7 деца со неа, оди во обичен затвор

Австрискиот суд пресудил дека Јозеф Фрицл, кој ја држеше својата ќерка во заробеништво 24 години, ја силувал и со неа имал седум деца, може да биде префрлен од психијатриски притвор во редовен затвор.

Државниот суд во градот Кремс во соопштение наведе дека 89-годишниот Јозеф Фрицл може да биде префрлен бидејќи тој повеќе не претставува вид на опасност што бара да биде задржан во психијатриски притвор.

Одлуката се заснова на сослушувањето на Фрицл на 30 април, како и на извештаите на форензичарите и психијатриските експерти, пренесува АП.

Поради напредната деменција на Фрицл и лошото физичко здравје, психијатрискиот притвор повеќе не е неопходен за неговото „комбинирано растројство на личноста“, бидејќи нема ризик да изврши сериозни кривични дела, објави судот.

Судот изјави дека Фрицл може да биде префрлен во затвор на 10-годишен пробен период, но дека не може целосно да биде ослободен.

Во јануари, обвинителите поднесоа жалба на претходната одлука според која Фрицл може да биде префрлен во редовен затвор, а и двете страни имаат право на жалба на последната одлука на судот.

Неговото злосторство стана познато во 2008 година, а следната година беше осуден на доживотен затвор за инцест, силување, принуда, затворање и ропство на неговата ќерка, како и убиство од небрежност на еден од неговите малолетни синови.

Фрицл стана познат како „Чудовиштето од Амштетен“ по градот во северна Австрија каде во 1984 година ја заклучил својата тогаш 18-годишна ќерка во звучно изолираниот подрум на неговата куќа.

притисни ентер