Филипче: Болнички капацитети има, системот може да го одржиме - граѓаните треба да помогнат со почитување на мерките

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на прес-конференција информира дека до утрово бројот на хоспитализирани изнесува 379 или 13% од вкупниот број активни случаи - 87% од активните случаи се на домашно лекување или асимптоматски.

Во однос на состојбата на клиниките и болниците, на Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се 13 пациенти, вкупно се хоспитализирани 106, од кои на кислородна поддршка се 49 лица.

Во модуларната болница до клиниката хоспитализирани се 11 пациенти, во болницата во Козле еден возрасен пациент. До утрово во болницата „8-ми Септември" – се хоспитализирани 12 нови пациенти, вкупно хоспитализирани 132 пациенти, од кои шест се на респираторна машина. Во болницата во Битола хоспитализирани се 33 пациенти, во Штип 20, и на останатите инфективни одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, и Гостивар 76 пациенти.

„И покрај тоа што има голем број хоспитализирани пациенти, се уште има капацитет за сместување во болниците, и тоа во Битола, во сегашниот оддел пет слободни места со потенцијал да се ослободат уште повеќе спратови во болницата. Слободни места има и во Охрид, Куманово, Гостивар - 9, во Прилеп - 10, Штип - 12 слободни болнички кревети. Во модуларната болница има 60-тина слободни кревети, само еден пациент е сместен во болницата во Козле, којашто во изминатиот период и во овие неколку денови се стави во функција за третман на КОВИД-позитивни пациенти", истакна Филипче и додаде дека болницата во Козле е доопремена со неопходната опрема којашто е потребна, како и соодветен број на лекари кои доаѓаат од интернистичките клиники, пред сѐ, специјалисти пулмолози кои ќе работат заедно со тамошните експерти. Во болницата ќе бидат сместувани освен деца и возрасни доколку од тоа има потреба.

„Покрај тоа што има доволен болнички капацитет, медицинскиот персонал е навистина преморен. Ние секојдневно правиме реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа и ова засега добро функционира. Системот може да го одржиме, но секако дека не можеме да издржиме без помош од граѓаните и почитување на мерките од нивна страна. Затоа повторно апелирам до сите граѓани да се почитуваат мерките за заштита, да се помогне пред сѐ на себеси, на своите најблиски и секако на сите вработени во здравствениот сектор", рече министерот Филипче.

Тој потенцираше дека од денеска почнува да се организира и во крајна фаза е да профункционира со работа лабораторијата во болницата во Битола. Во оваа лабораторија ќе се анализираат сите брисеви на пациенти кои се хоспитализирани во болницата, но и од регионот, со што ќе се растерети капацитетот во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

Филипче информираше и за последниот извештај на Институтот за јавно здравје во кој се наведува дека од вкупниот број позитивни случаи регистрирани во период од 12-ти до 20-ти јуни, најголем дел се од Скопје - 58.3% и од Тетово - 14.2%, што практично докажува дека овие два града и нивната околина се најголемите жаришта во државата, додека во другите градови се регистрира драстично помал број на случаи.

„Од 12-ти јуни регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, најзастапена е возрасната група над 60 години - 24.2%. Сепак има и помлади лица заболени, од 30 до 39 години - 19.4%, што укажува на тоа дека никој не е поштеден, ниту имун на вирусот. Во однос на статистиката на смртни случаи, регистрирани се 65 смртни случаи во истиот период во десет градови, најголем дел на возраст над 60 години - 83.1%, а 58 од овие случаи, односно 89% се случаи со бројни хронични заболувања", информираше Филипче.

Министерот соопшти дека денеска преку итна неповратна помош, од амбасадата на Јапонија е добиен лекот „Авиган", наменет за земјите погодени од вирусот, во партнерство со УНОПС.

„Добивме „Авиган" за 100 пациенти. Станува збор за антивирусна терапија, којашто во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата од 2014 година, и се уште не е одобрен да биде специфично лек за КОВИД-19 вирусот, но во тек се бројни клинички студии и од искуствата во апликацијата веќе има добри резултати, не само во Јапонија, туку и во повеќе земји во светот. Сакам да изразам голема благодарност до Амбасадата, лично до амбасадорката на Јапонија што излегоа во пресрет и по интензивна комуникација во изминатите недели, обезбедивме една количина и за нашата земја, со оглед на тоа што Јапонија донираше за повеќе земји во светот. Важно е дека генеричките форми веќе се одобрени во Русија и во Индија, се користат и во други земји во светот. Ова е лек кој што се користи „off-label", а кој има сличен механизам на дејство како и за другите вируси, очигледно е дека има добри резултати кај пациентите во многу земји во светот. Но истиот се препишува по строга индикација, после бројни анализи пред се на крвта, коишто го детектираат имунитетот на пациентот односно врз основа на анализи коишто се прават во нашите болнички установи", информираше министерот Филипче.

Утрово на состанокот на Комисијата за заразни болести се разговараше за дополнително попуштање на мерките, пред сѐ на мерките коишто сега значат забрана за работа на повеќе економски оператори. Донесена е одлука да се предложи на Владата да се отворат според строгите протоколи, казината, автомат-клубовите, и апаратите во обложувалниците. Понатаму, да профункционира јавниот превоз во Тетово, и кон крајот на оваа недела и отворање на теретаните и фитнес-центрите, но согласно веќе утврдените протоколи коишто за сите овие претходно наведени оператори Комисијата ги работеше заедно со претставниците на нивните здруженија.

За отворањето на границите и условите под кои тоа ќе функционира, министерот Филипче образложи дека дополнително ќе биде разговарано во текот на денешниот и утрешниот ден, по што јавноста ќе биде информирана.

„Епидемијата е се уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно не води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Ние четири месеци сме во борба со коронавирусот, направивме многу да одговориме на овој светски здравствен предизвик, тоа ќе го правиме и понатаму. Кога се појави првиот случај на заразен, во земјава имаше малку болнички места предвидени за ваков тип пациенти којшто го надополнивме со целокупната активност која ја спроведовме во изминатиот период. Опрема има сосем доволно, здравствените работници се целосно мобилизирани и практично деноноќно и непрекинато работат од првиот ден на кризата. Здравствените работници направија и прават се што можат најдобро да го заштитат населението, не смееме да дозволиме со непочитување на мерките да го деградираме трудот на сите кои деноноќно се во првите борбени линии. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси, и сите околу нас. Соработката со сите лекари и епидемиолози, давањето точни информации, контакти, е клучно за да се лоцираат сите коишто се во опасност, во спротивно може да предизвикаат дополнителна опасност за околината за ширење на вирусот. Уште повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки, затоа се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените", изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче упати апел до политичките партии и сите актери во изборите.

„Мерките да се почитуваат без исклучок - сите партии да бидат пример со почитување на мерките и да не дозволат кампањата да биде ризик за граѓаните. Од нив се очекува тие да дадат пример како се штити здравјето на граѓаните. Мерките не се тешки, а се исклучително ефикасни и потврдени од многу земји во светот- да се носи заштитна опрема, да се одржува физичката дистанца, да се одржува лична хигиена и да се почитуваат протоколите за работа на економските оператори", рече министерот Филипче.

Барозо: Не се потребни фиксни датуми за проширувањето на ЕУ, туку постепена интеграција

Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. 

Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“.

- Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“.

Затоа тој вели дека ја поддржува идејата промовирана од актуелната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на кандидати за членство, на тој начин што ќе им се дозволи да учествуваат на некои од состаноците на Советите на Унијата, во нејзините програми и во самите институционални структури на блокот.

- Затоа што тоа ќе биде тежок и веројатно долг процес, треба да започнеме што порано да ги интегрираме како што правевме порано, смета Барозо, кој беше претседател на Еврокомисијата од ноември 2004 до октомври 2014 година.

Во врска со аргументот против приемот на нови земји во ЕУ дека со тоа би се зголемиле трошоците на актуелните членки, Барозо вели дека оставањето на аспирантите за членство надвор од блокот „секако ќе чини повеќе отколку да се инвестира во проширувањето“.

- Дали сме подготвени да платиме за идната нестабилност, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали ќе чини помалку? Прашањето на трошоците треба да се гледа стратешки, а не само на краткорочен сметководствен начин, вели Барозо, додавајќи дека при претходните проширувања проценката била дека предностите од примерот на нови членки, не само политички, туку и економски, се поголеми од трошоците.

Затоа, според него, ЕУ треба да инвестира во проширувањето од сите гледни точки.

- Понекогаш не се работи само за пари, туку и за внимание, за присуство и за давање совети, а тоа бара нешто повеќе од она што го гледавме досега. Со сета почит кон нив, но тоа не може да го направат само Генералниот директорат (за соседство и преговори за проширување) и ресорниот комесар, треба да се вклучат европските општества како целина, смета Барозо.

Врз основа на искуствата од приемот на нови членки во Унијата во текот на неговите два мандати на чело на Еврокомисијата, Барозо вели дека процесите на проширување и на зајакнато интегрирање на ЕУ може да се одвиваат паралелно.

- Тогаш беше научена многу важна лекција дека е можно (ЕУ) и да се прошири и повеќе да се интегрира во исто време. Секогаш имаше такви кои велеа - повеќе проширување значи помалку интегрирање. Тоа е целосно неточно, истакнува Барозо.

Неколку месеци пред доаѓањето на Барозо на чело на Еврокомисијата, беше спроведено т.н. големо проширување од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ беа примени 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка со што Унијата се зголеми од 15 на 25 членки, а потоа во текот на неговиот мандат се случија и проширувањата со Бугарија и Романија во 2008 година и со Хрватска во 2013 година.

- Тоа беше историски невиден успех на ЕУ, со што се покажа и трансформативниот капацитет на блокот, оцени Барозо, додавајќи дека Европа „не треба да ја изгуби перспективата на она што се случи тогаш“.

Тој смета дека најавата на Комисијата формирана во 2014 година по истекот на неговиот втор мандат дека „нема да има ново проширување во следните пет години“, претставувало „огромна грешка“.

- Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство и ја игнорираше чувствителноста на тие земји и тие луѓе, истакна Барозо.

Поранешниот претседател на ЕК нагласува дека искуствата научени од претходните проширувања се дека ЕУ треба да избегне опстојување на „сиви зони на нестабилност“ во нејзиното соседство, но и да не дозволи отстапување од своите стандарди.

Барозо признава дека „постојат проблеми со владеењето на правото“ во некои од земјите кои станаа членки на ЕУ во овој век, но според него „сега им е многу подобро отколку пред да влезат во Европската Унија, кога беа под комунистичка власт.

Според Барозо, по овие проширувања со текот на годините за време на неговите мандати ЕУ постигнала поголем напредок во подлабоката интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу 27-те земји членки, особено во надворешната политика, отколку во случајот кога Унијата броела 12 членки до средината на 90-те години на минатиот век.

Во однос на дебата за реформи на ЕУ пред следното проширување со цел таа да може да функционира со „потенцијално 36 членки“, Барозо смета дека би претставувало уште една „огромна грешка“ ако сега започне фундаментална ревизија на институциите на Унијата поради проширувањето.

Тој нагласува дека не го велам ова за да го одбранам Лисабонскиот договор, за кој тој преговараше, туку затоа што за негова промен е потребен консензус на сите земји членки, па ако во во процесот на реформи на ЕУ почнат да се воведуваме други прашања, како на пример проширувањето, може само да се зголемат изговорите за различни спротивставувања.

- Ќе има луѓе кои ќе сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи. Ќе има луѓе кои ќе сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето. Не треба да ги мешаме проблемите, смета Барозо.

Затоа, според него, Унијата треба да „избегне премногу амбициозни реформи“ и да се посвети само да ги спроведе оние кои се „строго неопходни за проширувањето“. - Бев претседател на Комисија со 28 членови и сите студии и сите мислења покажаа дека нашата Комисија ги носеше одлуките поефективно и побрзо од претходните помалобројни комисии, изјави Барозо. /МИА

Пуштен во употреба новиот парк на булеварот „Февруарски поход“ во Аеродром

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, со интонирање на македонската химна и подигнување на македонското знаме, денеска официјално беше пуштен во употреба новиот парк лоциран на булеварот „Февруарски поход“ во Општина Аеродром.

На денешниот настан присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, кој заедно со претседателот на советот Дејан Митески, извидниците и дечињата од детската градинка „Буба Мара“, го означија крајот на изведбата на еден важен проект реализиран од страна на општинското јавно претпријатие за комунални дејности.

Работните активности опфатија целосно хортикултурно и партерно уредување, поставување на нова урбана опрема, како и јарбол со македонското знаме.

Маричиќ: Сега е потребно да дадеме глас ЗА продолжување на преговорите со ЕУ

ЗА реформи, ЗА европски фондови, ЗА европска иднина на Македонија.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидатот за пратеник Бојан Маричиќ во својата изјава за медиуми посочи дека СДСМ е најсериозната и единствената политичка опција во Македонија која може да обезбеди продолжување на преговорите со ЕУ.

Во продолжение проследете ја изјавата:

"Со отворање на поглавјата, со сплотеност и со дисциплина за реформите, влегуваме во финиш на промените кои ни носат европски стандарди и европски квалитет на живот. Преговорите ни носат задолжително реформирање на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници.

Стабилен и доверлив судски систем, заштита на човековите права и борба против корупција. Ова ќе го обезбедиме низ преговорите, со помош од ЕУ. Со отворање на поглавјата се отвораат и нови фондови на ЕУ за подобрување на нашиот живот. Фондови за економски мерки, за земјоделство, за инфраструктура, за животна средина, за култура, за образование, за млади и уште многу повеќе.

До крајот на 2025 година очекувам за македонското општество, за граѓаните и за државата, да искористиме околу 500 милиони евра од ИПА2 и уште 200 до 300 милиони евра од ИПА3, пари доделени од Европската Унија.

За македонските земјоделци имаме над 210 милиони евра годишен од ИПАРД 3 за следните четири години.

Сега зависи само од нас. Сега е потребно да дадеме глас ЗА продолжување на преговорите со ЕУ, ЗА реформи, ЗА европски фондови, ЗА европска иднина на Македонија." - изјави Маричиќ.

притисни ентер