На тема Парите на Европската Унија и нивната вредност во подобрувањето на владеењето на правото и социо-економскиот развој на локално ниво, дискутираа членовите на Комитетот на региони на ЕУ од земјите од Западен Балкан и од Европската Унија.
На почетокот на состанокот комесарот за проширување, Јоханес Хан во снимената порака, како и претседателот на Комитетот на региони на ЕУ, Карл Ламберт и директорката во Директоратот за соседство и проширување, Геновева Калавера истакнаа дека политиката на проширување е од геостратешки интерес за Европската Унија и мора да се продолжи по тој пат.
-Советот на министри целосно ги прифати препораките на Европската Комисија, Северна Македонија ја реализира својата амбициозна реформска агенда, особено е значајна придобивката од решавањето на драматичниот спор со Грција и потпишувањето на Договорот со Бугарија. Северна Македонија и Албанија испорачаа реформи и очекуваме препораката за преговори наесен, во време на финското претседателство да се ефектуира.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, оствари и одвоени средби со членовите на Комитетот на региони на Европската Унија, на кои беа споделени искуства и добри пракси во областа на регионалната политика и територијалната соработка. Директорот на Комитетот на региони на ЕУ за септември ја најави својата посета на Северна Македонија и одвоена средба со министерот за локална самоуправа.
Како член на делегацијата од Северна Македонија, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов како претседател на регионалната мрежа на локални и регионални власти на земјите од Западен Балкан, НАЛАС, го презентираше последниот Извештај за напредокот во областа на локалната самоуправа во земјите од регионот. Шилегов рече дека во Извештајот е констатиран напредок и во политичката и во административната децентрализација, но и не соодветна фискална децентралија што ги ограничува локалните власти во регионот да имплементираат иновативни политики, како што е концептот за паметни градови. Локалните власти од регионот, рече Шилегов, ги загрижуваат и процедурите за користење на средства од предпристапните фондови на Унијата кои што, како што е констатирано во Извештајот, стануваат се посложени и можат да бидат пречка за вклученост на локалните власти во ИПА инструментот на Европската Унија, се наведува во соопштението на Минисртерството за локална самоуправа.