Европратениците му ја пренесоа нивната поддршка на Османи за почеток на преговори

Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, одржа дебата со европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (ЕП) попладнево. 

Со исклучок на двајца бугарски пратеници од десницата, пораката на ЕП е јасна – билатералните спорови немаат место во преговарачкиот процес со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Десеттина европратеници заземаа збор за еден час дебата со македонскиот министер за надворешни работи попладнево на виртуелна сесија на парламентарната комисија, со силни зборови на поддршка и разочарување за блокадата од страна на Бугарија за усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија.

Хрватскиот пратеник, Тонино Пицула, порача дека непринципиелните блокади за билатерални прашања се „добро познати" во Хрватска, алудирајќи на словенечката блокада за време на преговорите на Хрватска со ЕУ и побара „овој модел да биде спречен". Пицула, кој беше известувач на Европскиот парламент за Загрепскиот самит порача дека неговата поддршка за Северна Македонија не се доведува во прашање и потсети дека Бугарија мора да дозволи одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на овој месец.

Силна поддршка изрази и грчкиот европратеник од Сириза, Стелиос Кулоглу, кој побара да се стави крај на „историските зомби" на Балканот и порача дека Европскиот парламент е на страна на Македонија.

-Преспанскиот договор побара големи напори од двете страни, и Грција и Македонија, двете земји со лидерство успеаја да го надминат национализмот, но сега повторно се појавува национализмот со ова вето како зомби од гробот на балканските војни, рече Кулоглу, додавајќи дека бугарското вето е штетно за целиот регион, вклучително и Албанија и Грција.

Грчкиот пратеник рече оти е „неприфатливо е една земја членка да го користи својот статус против земја кандидат за да си ги решава билатералните односи, во 21 век и во време кога имаме други проблеми како пандемијата, социјалната правда, безбедноста и демократијата".

Слична осуда за бугарското вето пристигна и од групата на Зелените преку холандската пратеничка, Тинеке Стрик.

-Навистина се надевам дека земјите членки ќе почнат да ги почитуваат официјалните критериуми наместо да ја злоупотребуваат својата позицијата за билатерални спорови кои немаат никаква поврзаност со пристапниот процес, ова би било многу лош преседан ако биде прифатен, во прашање е кредибилитетот на ЕУ, рече Стрик.

За пратеничката е јасно дека Македонија ги исполнува официјалните критериуми за почеток на преговорите со ЕУ и дека земјата направи сериозен реформски напредок, но тој мора да биде одржан и подобрен посебно во делот на слободата на медиумите, основните права и демократските институции.

Претставникот на Европската народна партија, ЕПП, од Бугарија, европратеникот Александар Јорданов, и неговиот колега од бугарското ВМРО, беа единствени кои го поддржаа бугарското вето.

-Има Македонци кои се чувствуваат како Бугари и ова мора да биде познато, вие морате да престанете со комунистичката интерпретација на историјата, дали ги сменивте историските учебници?, праша Јорданов и порача дека Македонија ќе ја добие поддршката на Бугарија кога ќе го имплементира Договорот за пријателство.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со помирувачки тон повтори дека властите во земјата ги негуваат добрососедските односи, како што тоа го докажала преку носење тешки одлуки рече тој, и смета дека Договорот за пријателство е најдобрата основа за понатаму со Софија.

-Договорот за пријателство со Бугарија е формула за успех, споровите се емоционални и со емоции е тешко да се постигне рационален пристап, посебно во предизборен период, објасни Османи, истакнувајќи дека за само осумнаесет месеци остварени се 11 средби на заедничката интердисциплинарна комисија и постигнат е договор за два историски периоди и пет историски фигури.

Османи исто така потврди дека Македонија не се откажува од проевропскиот пат и покрај фрустрациите и разочарувањата и дека ќе продолжи да работи на реформите за да биде подготвена денот кога ќе биде дадено зелено светло од страна на Советот на ЕУ. За Македонија, рече тој, нема друга алтернатива освен ЕУ.

-Интересно е дека сепак ние ја живееме таа алтернатива повеќе од десет години и ќе ја живееме веројатно уште една декада додека ЕУ не биде подготвена да прими нови земји членки, ние треба да најдеме внатрешна сила, а за тоа Европскиот парламент се покажа како партнер од вредност, рече министерот Османи.

Тој ги увери пратениците дека Македонија држи до односите со Бугарија и сака да ги негува, но дека тие мора да се развиваат со взаемна почит. /МИА

Како да се стави крај на врсничкото насилство кај младите?

Со свирчиња во рака децата и родителите денеска во Градскиот парк во Скопје го „кренаа гласот“ против врсничкото насилство.

На отворениот настан во рамки на кампањата на Макпетрол за спречување на врсничкото насилство присутните родители, баби и дедовци порачаа дека врсничкото насилство може да се спречи само со поголема едукација. Велат се започнува од домашното воспитување, но клучни во борбата против насилството се институциите како училиштата и градинките од кои бараат поголема ангажираност на оваа тема.

- Малце да се елиминира пристап до интернет на рана возраст и само муабет дома, правилно воспитување се решава. Децата се повеќе време таму во школо, во градинка така да многу влијае и тоа какви воспитувачи и учители имаат.

- Едукација, школи, семинари, едукација пред се.

- Мислам дека најмногу образовниот систем треба да работи на тоа, психолозите во школите, педагозите и ние од дома да ги советуваме да не прават такви работи.

На отворениот настан присутните се забавуваа со повеќе музички, сценски интерпертации и интерактивни содржини. Актерот Сашко Коцев на најмладите им порача доколку се соочуваат со насилство да се охрабрат и тоа да го споделат со родителите, наставниците, педагозите..

- Јас една едноставна и ведра порака што ја испратив е се ставив јас кога сум бил да кажеме жртва, едноставно која била мојата позадина да не соопштам на никого. Тоа е еден срам дека ќе испаднеш послаб па ќе кажат „еј тужакаш“ или ми било страв дека тие што те малтретираат ако кажеш ќе станат уште полоши. Само тоа сакав да ги охрабрам дека треба да кажат децата.- Сашко Коцев – актер

Врсничкото насилство или булингот се јавува во повеќе форми: физички, вербален, социјален а во поново време и сајбер булинг. Токму изминатиов период имаше најмалку два случаи на физички пресметки меѓу малолетници, кои беа снимени со телефон, од кој за еден сеуште се чека судска пресуда. Психолозите реагираат дека системското решение е во целокупниот образовен процес, но и во домот од каде децата учат од родителот како да се соочуваат со емотивно тешки состојби.

Повторно „никна“ импровизиран забавен парк кај салата Борис Трајковски

​Поставените реквизити за забава и адреналин на празниот простор пред спортската сала Борис Трајковски се без соодветна документација и дозвола која гарантира безбедност за посетитлите, соопшти Град Скопје. 

Градот извршил надзор и превземал мерки да го казни правното лице, но според градот правното лице Дизниленд Реквизити продолжиле да работат насилно.

Денеска се распоредуваа и се монтираа и останатите реквизити. Сопственикот на Дизниленд Реквизити за Канал 5 објасни дека тој се обратил до Град Скопје и општина Карпош но оттаму писмено му одговориле дека не се надележни за дозвола и сега не му е јасно зошто овие реакции од страна на Град Скопје. Од Дизниленд Реквизити велат дека ги имаат сите потребни гаранции и потребни тестови за поставување на опремата и исто така правен договор со приватното лице на земјиштето дека овој простор ќе го користат еден месец.

Од Град Скопје објаснуваат дека ги повикуваат сите надлежни институции да реагираат и да постапат во најкус рок зошто станувало збор за самоволие и дека е ставено во прашање безбедноста на децата. Од фирмата Дизниленд Реквизити пак најавија дека со адвокатите ќе бараат да се реши нивниот проблем со град Скопје.

Нимиц за „Канал 5“: Засега ќе се воздржам од коментар

Специјалниот посредник на ОН во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, засега нема да ја коментира вжештената реторика на релација Атина – Скопје околу Преспанскиот договор и заканите од грчките политичари за ново вето за Македонија.

Медијаторот кој 25 години посвети за постигнување компромис меѓу двете страни, во ексклузивен одговор за Канал 5 кратко изјави: „Мислам дека ќе се воздржам засега. Не сум сигурен дека би можел да кажам нешто во овој момент“, вели Нимиц.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите и дома и надвор околу усната употреба од новите македонски власти на името „Македонија“, без придавката „Северна“. Поранешниот министер за надворешни работи кој го потпиша Договорот во 2018 година, Никола Димитров во колумна за „Еуроњуз“ оценува дека Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, а повторно отворање на спорот, според него, би било многу полошо.

- Договорот што го потпишавме е добар компромис, кој се однесува на критичните грижи на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тоа време и ги започна обновените врски меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка, пишува Димитров.

Со сличен став за последиците од кршењето на Преспанскиот договор од македонска страна излезе и професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој беше дел од правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг. Во објава на социјалните мрежи Дескоски реагира дека за Македонија полошо од Преспа е само прекршување на истата, а дополнително според него на ваков начин ќе и се даде на Бугарија аргумент дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.

-Преспанскиот договор е ужасно лош по нашата земја и национален идентитет. Но, за нас има и полошо сценарио. А тоа е нашата земја да влезе во систематско и континуирано прекршување на Преспанскиот договор. Таквото поведение ќе создаде впечаток за крајна неодговорност на нашата страна, а на Грција ќе и даде простор да глуми жртва и да презема остри мерки кон нас, како одбрана од нашата “агресија”, смета Дескоски.

Ново предупредување до македонските власти да го користат само името „Северна Македонија“ повторно стигна од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во интервју за државната телевизија ЕРТ, Мицотакис, обраќајќи се до идната влада во Скопје повтори дека без целосно усогласување со Договорот за името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава.

-По прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се ​​почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија, рече Мицотакис.

Бурните реакции од официјална Атина се интензивираа по заклетвата на претседателката Силјановска Давкова која во таа прилика ја изостави „Северна“, а ист пристап најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.

притисни ентер