ЕУ ги одобри преговорите за укинување на роамингот со Западен Балкан - Канал 5

ЕУ ги одобри преговорите за укинување на роамингот со Западен Балкан

Од 2027 година повикот од Мадрид и користењето на интернет во Париз ќе ве чини исто како во Скопје – доколку иницијативата на Брисел заврши успешно, ситемот „Роаминг како дома“ ќе ги надмине границите на Западен Балкан. 

ЕУ ги одобри преговорите за укинување на роамингот со Западен Балкан

Одлуката најмногу зависи од ЕУ, која во следните два дена ќе започне преговори со секоја од земјите, а чија намера е земјите-кандидатки од регионов да добијат претпристапни бенефиции, меѓу кои е и бесплатниот роаминг во ЕУ

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е оптимист дека Македонија ги исполнува предусловите, односно, како што изјави за Канал 5, изготвен е новиот закон за електронски комуникации, па очекува да влеземе во преговорите, да потпишеме и ратификуваме договор и догодина да го примениме системот.

-Одлуката најмногу зависи од ЕУ, на наша обврска беше апроксимација на законодавството кое што се однесува на законот за електронски комуникации и прилагодување со европскиот код, директивата код, или законот за електронски комуникации на ЕУ. Ние тие чекори како Влада веќе ги направивме и ги испративме до ЕК на мислење и по добивањето на позитивното мислење ќе го однесеме во Собрание и ќе бараме тој да се донесе. Иако сите рокови зависат од ЕУ, можам да кажам дека ние сме оптимисти дека целиот овој процес ќе се заврши оваа година и дека веќе во 2027 ќе имаме можност бесплатно да разговараме и да користиме интернет кога патуваме во државите членки во ЕУ,- - Стефан Андоновски – Министер за дигитална трансформација.

Според Андоновски, проектот претставува вид на визна либерализација во дигиталниот свет од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, но најмногу оние кои се во бизнисот и имаат почести патувања.

Овој проект претставува еден вид визна либерализација во делот на дигитализицијата, што значи дека сите Македонци кои патуваат во странство, во ЕУ, но и сите нашинци од дијаспората кога доаѓаат во Македонија ќе можат по иста цена како што плаќаат во нивните држави, по иста цена да ги користат сите услуги на телефонија, смс пораки и интернет кога доаѓаат во Македонија или нашите кога патуваат во ЕУ, и тоа многу ја олеснува комуникацијата и патувањата, а најмногу му ползува на бизнисот кој не познава граници во традиционална смисла,- - Стефан Андоновски – Министер за дигитална трансформација.

Во слична насока е и СЕПА, каде пристапивме лани и веќе функционира, а со тоа на граѓаните добија помали провизии, парите од меѓународни трансфери побргу стигаат, а онлајн купувањата од ЕУ компании се полесни. Бенефитот кај фирмите е – помали банкарски трошоци при плаќања кон европски партнери, поедноставна трговија со компании од ЕУ и подобра конкурентност за извозниците.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Успешно заврши тренерската клиника на КФМ – Врвни предавачи, актуелни теми и рекордна посетеност

Во организација на Кошаркарската федерација на Македонија, на 24 и 25 август во Скопје се одржа тренерската клиника, која на едно место обедини реномирани кошаркарски стручњаци, тренери од македонските клубови, како и голем број љубители на кошаркат

Успешно заврши тренерската клиника на КФМ – Врвни предавачи, актуелни теми и рекордна посетеност

Клиниката се одржа во култната сала на Работнички, која со гордост го носи името на еден од најпознатите и најпризнати македонски кошаркарски стручњаци, нашиот покоен Лазар Лечиќ – човек кој остави неизбришлива трага во македонската и пошироко во југословенската кошарка.

Во текот на двата дена присутните имаа можност да проследат исклучително квалитетна и разновидна програма, посветена на современите трендови во кошарката, развојот на младите играчи, односот тренер–родител–спортист, како и на најновите промени во кошаркарските правила.

Посебна чест за македонската кошарка беше присуството на еден од најголемите европски тренерски авторитети, Светислав Пешиќ, кој своето огромно знаење и искуство го пренесе преку темите „Дефанзивна транзиција“ и „Позициона одбрана“.

Селекторот на македонската сениорска репрезентација, Хосе Мариа Берокал, ја обработи темата „Офанзивна транзиција“, додека Саша Грујиќ преку две предавања се осврна на развојот на офанзивната тимска игра и индивидуалните офанзивни вештини во младинската кошарка, со посебен акцент на возраста од 10 до 18 години.

Значаен сегмент од програмата беше посветен и на правилниот развој и самодовербата кај младите спортисти преку односот тренер–родител–спортист, а Судиската комисија при КФМ ги презентираше промените на официјалните кошаркарски правила кои стапуваат во сила од 1 октомври 2026 година.

Квалитетот на клиниката беше неспорен, а најдобра потврда за тоа беше интересот и присуството на досега најголем број тренери од македонските клубови на еден ваков настан, како и на бројни други кошаркарски работници и љубители на играта.

Особено радува фактот што во текот на двата дена салата „Лазар Лечиќ“ беше место на размена на знаење, искуства и идеи, но и место каде уште еднаш се почувствува силната поврзаност на македонската кошаркарска заедница.

Кошаркарската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до сите предавачи кои несебично го споделија своето знаење и искуство, како и до сите тренери, кошаркарски работници и посетители кои со своето присуство придонесоа оваа тренерска клиника да добие вистинско значење и вредност.

Големата посетеност, вниманието со кое беа проследени предавањата и интересот за сите обработени теми се уште една потврда дека во Македонија постои силна желба за постојано учење, усовршување и следење на современите кошаркарски тенденции.

Но, пред сè, тие се потврда на нешто што за нас има посебна вредност:

Кошарката во Македонија се почитува, се сака и има луѓе кои се подготвени постојано да вложуваат во нејзината иднина.

КФМ и во иднина ќе продолжи со организација и поддршка на вакви едукативни настани, со јасна цел – унапредување на тренерската струка, создавање подобри услови за развој на младите кошаркари и континуирано подигнување на квалитетот на македонската кошарка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Експлозија во руско-кинески комплекс вреден 10 милијарди долари

Еден кинески работник загина, а повеќе од сто други се повредени во пожар што избувнал денес во Гасно-хемискиот комплекс „Амур“ (AGCC) на рускиот Далечен Исток. 

Видео: Експлозија во руско-кинески комплекс вреден 10 милијарди долари

Компанијата ја потврди оваа информација.

Комплексот „Амур“, лоциран во близина на градот Свободни во Амурската област, е заеднички проект вреден 10 милијарди долари меѓу рускиот петрохемиски гигант „Сибур“ и кинеската државна компанија „Синопек“.

Објектот е проектиран да стане еден од најголемите погони за производство на полимери во светот, а во моментот на несреќата се спроведуваа завршни испитувања. Почетокот на работата беше планиран за 2027 година.

Според официјално соопштение, пожарот избувнал во помошен дел од постројката за пиролиза, но главната опрема не била оштетена. Деветнаесет работници биле хоспитализирани со повреди кои се движеле од умерени до тешки.

Уште 104 работници добиле медицинска помош за полесни повреди, како што се исеченици и нагмечувања.

Компанијата исто така потврди смртен случај на својата веб-страница. „И покрај брзата медицинска помош, еден повреден работник – кинески државјанин ангажиран од подизведувач – не преживеа“, се наведува во соопштението.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Директорот Гоце Димовски во работна посета на ТИРЗ Тетово и ТИРЗ Кичево

Во рамки на активната комуникација со сите инвеститори и партнери, директорот Гоце Димовски денес беше во работна посета на ТИРЗ Тетово и ТИРЗ Кичево.

Директорот Гоце Димовски во работна посета на ТИРЗ Тетово и ТИРЗ Кичево

Во рамки на активната комуникација со сите инвеститори и партнери, директорот Гоце Димовски денес беше во работна посета на ТИРЗ Тетово и ТИРЗ Кичево, каде беа остварени средби со приватниот партнер Нормак, менаџментот на компанијата Џаво Отомотив и менаџментот на компанијата Џојсон Сејфти Системс.

Во ТИРЗ Тетово, директорот Димовски оствари средба со генералниот директор на Нормак, Александар Зарков, при што беа разгледани тековните активности во зоната, можностите за понатамошен развој на инфраструктурата, како и мерките за подобрување на условите за работа.

По средбата со Нормак, директорот Димовски се сретна и со менаџментот на Џаво Отомотив. На средбата беа разгледани тековните активности поврзани со реализација на инвестицијата, како и следните чекори во развојот на компанијата во рамки на ТИРЗ Тетово.

Посетата продолжи во ТИРЗ Кичево, каде директорот Димовски се сретна со менаџментот на Џојсон Сејфти Системс. На средбата се разговараше за досегашното работење на компанијата, тековните активности и плановите за понатамошен развој. Притоа, беа разгледани и можностите за дополнителна поддршка од страна на Дирекцијата во насока на олеснување на работењето и реализација на идните развојни планови на компанијата.

Денешната посета на ТИРЗ Тетово и ТИРЗ Кичево е дел од континуираната определба на Дирекцијата за ТИРЗ за директна комуникација со инвеститорите и партнерите и следење на состојбите на терен. Главната цел и натаму останува навремено идентификување на потребите на компаниите, унапредување на условите за работа и создавање предуслови за нови инвестиции и отворање нови работни места.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер