Во интервју за Си-Ен-Ен, Ердоган вели дека се работи за систем, кој ќе ја унапреди земјата и е резултат на волјата на народот.
Го повика Брисел да ги исполни ветувањата.
Ердоган со фудбалски речник – сеедно е дали ќе победите со 1:0 или со 5:0.
Без разлика дали ќе победите со 1:0 или со 5:0, победа е победа. Реџеп Таип Ердоган со фудбалски речник и одговори на новинарката на CNN, прашан за победата на стаклени нозе во своето прво интервју по референдумот. Турскиот претседател ги отфрли обвинувањата дека уставните измени, кои му предвидуваат речиси неограничена моќ и можност за уште два мандата се скроени по негова волја.
- Тоа не е систем, кој му припаѓа на Ердоган. Јас сум смртно суштество и можам да умрам во секој момент. Прашувам, како може еден ваков систем да се подреди на некој што може да почине во секој момент, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
За 63-годишниот Ердоган, признава дека се работи за големи промени, но дека тој систем не е вовед во диктатура, туку трансформација на демократската историја на Турција.
- За да постои диктатура, не мора да има претседателски систем. Ајде да речеме вака. Имаме гласачка кутија? Имаме. Ако таа кутија создава диктатори, тоа е многу нефер и неправедно за победникот. Но, во исто време е навреда и за оној што гласал за победникот. Од каде извира демократијата? Од народот, она што го нарекуваме волја на нацијата, изјави Ердоган.