Епископ Партениј : Eдинствено од кое треба да се плашиме се егоизмот, страстите во самите нас..

Единствено од кое треба да се плашиме се егоизмот, страстите во самите нас, себичноста, злорадоста, неблагодарноста, горделивоста – тие нешта нѐ одделуваат од Христа.

Радост во верата, добро здравје, благодарност, но и ослободување од нереалните стравови, кои произлегуваат од теориите на заговор и кои немаат никаква врска со православното учење, порача Епископот Антански, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител во празнично интервју за МИА.

За жал, вели Партениј, во Црквата се провлекуваат духовници и верници кои се обременети со верувања и идеологии коишто му се туѓи на православното богословие.

– Тука, пред сѐ, мислам на заговорниците на т.н. апокалиптички менталитет на верувањето, преку што се внесуваат страв и немир меѓу луѓето, нагласува тој во интервјуто за МИА и додава дека единствено од кое треба да се плашиме се егоизмот, страстите во самите нас, себичноста, злорадоста, неблагодарноста, горделивоста – тие нешта нѐ одделуваат од Христа.

Со епископот Партениј говоревме за празничниот период, кој го поминуваме во невообичаени услови на пандемија на Ковид-19, кој секако внесе промени и во вообичаеното функционирање на Црквата, за пожртвуваноста на здравствените работници, изминатиот период. Како придобивка од целата ова состојба со пандемијата го напомена духовно зближување на луѓето, поттикнувајќи многумина да вршат добри дела.

За социјалната дистанца, која ја наметна пандемијата и колку таа придонесува за оттуѓување на човекот, епископот Партениј вели дека главниот фактор на отуѓувањето има духовен карактер и зависи од внатрешната состојба на поединецот. Тој вели дека најголемиот дел од клирот на МПЦ-ОА во текот на целиот период на пандемијата се однесувал крајно совесно и одговорно, преку соопштенија и укази, како на синодско, така и на епархиско, локално ниво, за придржување до препораките од здравствените и државните власти, а во врска со Светата Причест додава дека „таа е Таинство на Црквата востановено од Самиот наш Спасител и Лекар на душите и телата, Господ Исус Христос и како такво е залог за вечноста. Црквата ниту се откажала, ниту, пак ќе се откаже некогаш од основата на којашто почива севкупната нејзина градба, од својата суштина".

Да не се прави „теологија" од вакцинацијата, обединет пристап кон ова прашање, но и порака дека Црква кон него треба да се постави со расудливост, со пастирска грижа за ближните, а не со радикалност и фанатизам, порачува Партениј во интервјуто за МИА. Тој нагласува дека проблематиката на вакцините не е во надлежност на Црквата, туку на научните медицински институции и работници, а медицината досега дала голем придонес во развојот на човештвото и не треба да се потценува. За него лично вели дека доколку докторите сметаат оти треба да се вакцинира, тој тоа ќе го стори.

Неодминливи беа и прашањата за очекувањата за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, за тоа дали има некакви новости од Вселенската патријаршија, на што епископот Партениј одговори дека за решавањето на ваквите сложени процеси потребно е време, а и самата пандемија го успорила текот на настаните.

За неодобрувањата на Српската и Руската православна црква автокефалноста да се бара од Вселенската патријаршија, Партениј потенцира дека српските архијереи отсекогаш, со право нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност.

– Меѓутоа сега кога дојде време да се решава нашето прашање, одеднаш за српските архијереи Вселенската Патријаршија престана да биде првопрестолна црква и ги нема канонските права за арбитер во православната екумена. Колку апсурдно: кога Патријаршијата ѝ дала томос на Српската Црква го имала тоа право, а сега повеќе го нема?!, забележува тој.

Меѓу другото со Партениј разговаравме и за евентуалното влијание на политичките недоразбирања меѓу Скопје и Атина во меѓуцрковните реалции, за монаштвото како столб на заштита на црковниот живот, за значењето на вистинското лидерство, но и за тоа колку политиката им помага или одмага на верата и на Црквата.

Во продолжение следува целото интервју со Епископот Антански, г. Партениј.

Се наоѓаме во период на празници. Годинава празнуваме во поинаква атмосфера во услови на пандемија. Наместо вообичаената радост на средби човек со човек, сè повеќе се чувствува страв од блискост и соочување, се плашиме еден од друг. Како да го разбереме тој страв човек од човек и дали е реален?

Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот" (1. Јован 4,18) – им пишува на Христијаните Свети Јован Богослов, апостолот на љубовта, кој, навален на градите Исусови на Тајната Вечера, црпел вишно богословие од Изворот на животот. Во оваа смисла, луѓето на Црквата, на Телото Христово, кои веруваат во теологијата на Божјата љубов и со сите свои сили се обидуваат истата да ја применат во пракса, не се плашат од своите со-луѓе, туку пожртвувано ги сакаат и гледаат на каков било начин да им помогнат. Токму во тоа се состои значењето на зборот среќа – чија етимологија доаѓа од старословенскиот збор „срешта", што значи средба. Радост е да се сретнеш со другиот, со ближниот. Понекогаш служењето на живите икони Божји може да подразбира и привремена физичка оддалеченост, со цел да ги заштитиме ближните од можна опасност – како што е тоа случај со актуелната пандемија – а понекогаш и непосреден физички контакт, за да им се пружи неопходната помош и грижа на оние што се во нужда и неволја. Изминатава година луѓето на „белото расо", т.е. здравствените работници, го понесоа најтешкиот крст на непосредно служење на болните, што, се разбира, предизвикува восхит и поттик за правење дела на љубовта. Затоа молитвите на сите нас беа насочени најмногу за оваа категорија на дејственици на доброто. Исто така, ова сеопшто искушение до извесна мера придонесе за духовно зближување на луѓето, поттикнувајќи вршење добри дела. Така, на пример, многу верници и нивни здруженија активно се вклучија во борбата против пандемијата, со тоа што се грижеа за болни и немоќни лица, им носеа намирници, им плаќаа сметки и сл.

Од почетокот на пандемијата се препорачува физичка и социјална дистанца. Крајот сè уште изгледа далеку. Носи ли тоа ризик за уште поголемо отуѓување на луѓето, од најблиските?

Најпрво сметам дека терминот „социјална дистанца" е несреќно одбран, затоа што може да имплицира на подвоеност. Потоа, не би се согласил наполно дека физичкото растојание е клучната причина за отуѓувањето на луѓето. Да, точно е тоа дека за човекот, како «ζῷον πολιτιϰόν», т.е. „општествено битие" – окарактеризиран така уште од древноста, од философот Аристотел, е неопходен и меѓусебниот близок, видлив контакт со другите човечки битија за нивно нормално функционирање. Меѓутоа, во моментов станува збор за привремена и неопходна превентивна мерка, која треба така и да се разбира – како времена и како мерка која смислата ја има само во моменталниот контекст. Но, таа не треба да се разбира и како причина за отуѓувањето, главниот фактор за него има поскоро духовен карактер. Тоа значи дека блискоста со нашите ближни зависи, пред сѐ, од нашата духовна состојба. Човек може да се наоѓа во најизолирано место, а сепак, преку неговата молитва и комуникација со Бога, да биде во голема духовна блискост со сите луѓе. Пример за тоа се Светиите отшелници, монасите и сите луѓе коишто со љубов и смирение се молат „во својата скришна соба" (Матеј 6,6), т.е. срцето. И спротивно на ова, има многумина кои живеат постојано опкружени со луѓе, во метеж и комуникација со многу личности, а се чувствуваат толку многу отуѓени и осамени, или пак, причинуваат раздор, немир и тага кај другите. Значи, блискоста меѓу луѓето зависи главно од нашето духовно настроение.

МПЦ-ОА повеќепати повика на почитување на мерките за заштита, но сепак, честопати е критикувана во медиумите дека тоа не се применува, а особено за начинот на причестување на верниците од ист путир и иста лажица! За едни тоа е можност за ширење на заразата, а за други лек и спасение без кое православието е незамисливо?

Мислам дека најголемиот дел од клирот на МПЦ-ОА во текот на целиот период со искушението на пандемијата се однесуваше крајно совесно и одговорно. Освен повеќето соопштенија и укази, како на синодско, така и на епархиско, локално ниво, за придржување до препораките од здравствените и државните власти, нашата Црква покажа совесно почитување на конкретните поригорозни мерки, какви што беа, на пример, целосниот карантин и ограничувањата на присуството на богослужбите за време на големите празници. Се разбира, животот во Црквата се одвива според слободната волја на луѓето и нејзиното духовенство има советодавна, но не и извршна и судска власт и не може никого со сила да натера да почитува одредени укази. Што се однесува, пак, до Светата Причест, таа е Таинство на Црквата востановено од Самиот наш Спасител и Лекар на душите и телата, Господ Исус Христос и како такво е залог за вечноста. Црквата ниту се откажала, ниту, пак ќе се откаже некогаш од основата на којашто почива севкупната нејзина градба, од својата суштина. Во контекст на ова, ми се виде мошне интересна констатацијата на познатиот македонски новинар, г. Сашо Ордановски, кој самиот признава дека порано бил атеист. Одговарајќи им на критикувачите на Светата Причест, тој јавно исповеда: „Пред да одмавнете со раката и да избрзате со некој лаконски одговор, можеби треба да размислите зошто оваа 'теорија' на 'путирот и лажичето' опстојува повеќе од 2.000 години... И е многу постара од теоријата за државата". И навистина, Црквата низ историјата преживеала бројни епидемии, многу пострашни од сегашнава, и не се случило Светата Причест да биде преносител на болеста. Во спротивно, досега не би останал жив ниеден свештеник, кој последен ја употребува Причесната откако ќе ги причести сите верници. На крајот, ние не се причестуваме со лажичката, туку со тоа, поточно со Тој што е на неа – со Христос.

Се вели дека секое лошо е за добро. Што добро може да произлезе од ова (не)нормалност, од ова искуство на човештвото?

Вашето прашање ме потсети на интервјуто што го имав некаде на почетокот од пандемијата и коешто беше насловено токму така: „Секое зло за добро" – во ова богодопуштено време да се пронајдеме себе во себеси". Во него, меѓу другото, кажувам дека „во секое искушение што нè снаоѓа, ние треба да ја пронаоѓаме Божјата семилостива промисла за нас и да го исползуваме тоа испитание за сечие добро... Да бидеме мудри и да го исползуваме ова богодопуштено време, оваа своевидна општа епитимија, за да се пронајдеме себе во себеси, да ја почувствуваме вродената поврзаност со нашите со-луѓе, да се задлабочиме преку покајание во боготкриената вера, да стасаме преку преумување до преслаткиот наш Христос – Исцелителот на човечките рани и болести и Воскресителот на нашите души и тела".

МПЦ-ОА досега јавно не излезе со став за вакцинирањето. Слушнавме изјави на архијереи од други помесни цркви кои тоа го одобруваат, но и спротивни мислења. И вселенскиот патријарх Вартоломеј јавно кажа дека ќе се вакцинира. Што ќе им советува нашата црква на верниците и кој е вашиот личен став за тоа, дали ќе се вакцинирате?

Мислам дека како Црква кон ова прашање треба да се поставиме со расудливост, со пастирска грижа за ближните, а не со радикалност и фанатизам. Пред сѐ, проблематиката со вакцините принадлежи не на Црквата, ами на научните медицински институции и работници, коишто вршат испитувања и изведуваат научни докази за нивната полезност или штетност. Сосема непотребно е да се прави некаква си „теологија" за вакцинирањето. Проблемот е чисто научнички, а Црквата како заедница на верните отсекогаш ги поттикнувала и развивала позитивните научни сознанија и ги инкорпорирала во своето живеење. Притоа, тука треба да забележиме, дека најважна е соборноста на Црквата и соборните, синодски одлуки и ставови, а не индивидуалните мислења на одделни архијереи, свештеници и духовници, коишто може да се беспрекорни во својата духовничка дејност, но не и експерти по медицина. Исто така, се забележува и манипулирање со добри и познати духовници, кои поради недоволно познавање на темата и наговорени од некои квази-зилотски струи, истапуваат со јавно мислење, зборуваат против медицинските пронајдоци, потпаѓајќи под влијание на теориите за заговор. Впрочем, не треба да ги забораваме благодетите од медицинската професија, благодарение на која човештвото се избавило од многу тешки и страшни страданија. И медицината е наука во која се пројавува дејството на Божјата благодат и просветление. Така, на пример, и основоположникот на вакцинацијата, кој со своите научни откритија и вакцината против антракс и беснило спасил неизмерен број животи, Луј Пастер, бил длабоко побожен Христијанин. И денес многу доктори и научници, и во странство и кај нас, се добри и посветени верници, дел од Црквата која во себе вклучува членови од сите професии и општествени кругови, коишто не би дозволиле да им се случи некое зло на нивните ближни. Меѓутоа, за жал, понекогаш во Црквата гледаме некои клирици и верници кои со фанатизам гледаат на работите што се надвор од нивниот домен, а некои дури и јавно искажуваат злорадост за нечие страдање – што, секако, нема допирна точка со учењето на Христа. За некои мерило на нивната вера како да е осудата на другиот, место мерило да бидат делата на аскезата. Затоа, ќе повторам, најважна од сѐ е соборноста и нејзиното почитување. Соборноста е критериум за исправноста на нештата. Што се однесува лично до мене, доколку докторите сметаат дека е потребно и безбедно да се вакцинирам, тогаш ќе го сторам тоа.

МПЦ-ОА сè уште е во очекување на добри вести од Цариград околу признавањето на нејзината автокефалија. Извесен период во јавноста нема информации до каде се разговорите со Вселенската патријаршија. Има застој или работите си течат според утврдениот црковен ред?

Решавањето на ваквите сложени процеси подразбираат и време. Секако дека оваа сеопшта состојба со пандемијата повлијае и на овој процес, како и на многу други нешта во светот. Ние искрено се надеваме и веруваме дека нема да биде дозволено застојот да го успори процесот на признавање, туку дека наскоро ќе дојде благопријатното време за исправање на повеќе децениската неправда кон православниот народ кај нас.

Српската и Руската црква не го одобруваат чекорот автокефалноста да се бара од Фанар. Упатуваат дека прашањето треба да се решава во дијалог со СПЦ, но тоа досега не донесе никаков резултат. Има ли во моментов дијалог со Српската црква на таа тема или сите надежи се насочени кон Цариград?

Мора веднаш да се нагласи дека, колку што ми е мене познато, од наша страна преговорите со СПЦ не биле никогаш прекинати. Напротив, кога нашите архијереи инсистирале на дијалог, наидувале на молк и игнорирање од другата страна. Притоа, кога и да се оствареше некаков контакт со српските архијереи, тие отсекогаш, со право нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност. Меѓутоа, сега кога дојде време да се решава нашето прашање, одеднаш за српските архијереи Вселенската Патријаршија престана да биде првопрестолна црква и да ги нема канонските права за арбитер во православната екумена. Колку апсурдно: кога Патријаршијата ѝ дала томос на Српската Црква го имала тоа право, а сега повеќе го нема?!

Македонската православна црква очекува позитивна одлука од Вселенската патријаршија. Какви реакции можат да се очекуваат од другите помесни православни цркви, имајќи ги предвид случувањата во православниот свет во врска со Православната црква на Украина?

Се надевам дека ако не сите, тогаш барем повеќето помесни православни Црква ќе ја стекнат повторно свеста за соборноста, којашто е толку насушна за животот на православните Христијани, но која, за жал, гледаме дека отсуствува. А соборност без началство не е можно. Затоа и канонскиот поредок на едната, света, апостолска и соборна Црква е таков – сите помесни црковни јерархии да бидат во единство, собрани околу Првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, преку нејзините историски и канонски права и соборските одлуки. Меѓутоа, властољубието и желбата за доминација си го прават своето и предизвикуваат најголема соблазна и одвраќање од православието на многумина, особено на младата популација, којашто е презаситена од тесногради политики во Црквата, кои имаат секаква позадина, само не духовна. Сепак, накрај не треба да заборавиме дека последниот збор го има Светиот Дух, Кој е вистинскиот раководител на Црквата, така што верувам дека работите ќе дојдат на свое место.

МПЦ-ОА пред две години побара помош од Бугарската црква, но и покрај најавите и ветувањата, таа иницијатива изгледа замре. Во изминатите месеци дојде и до политички недоразбирања меѓу Скопје и Софија, дури и до отворено оспорување на македонскиот идентитет и јазик. Влијае ли тоа и на меѓуцрковните релации и дали можеме да очекуваме помош и поддршка од БПЦ за решавање на нашето црковно прашање?

Да, Синодот на МПЦ-ОА, свесен за повеќедецениското студено негирање од страна на СПЦ, побара помош за посредништво од БПЦ, поради подолгата заедничка црковна историја. БПЦ требаше да се застапи пред Вселенската Патријаршија – којашто единствена има право да додели автокефален томос – за признавање на автокефалијата на нашата Црква, чиишто епархии историски ѝ принадлежеле на Охридската Архиепископија, потоа на Вселенската Патријаршија, па на Бугарската Егзархија (во схизма), на која со сила ѝ биле окупирани од српските власти. БПЦ тоа делумно и го направи, со формирањето комисија за нашето прашање, за што, се разбира, ѝ сме многу благодарни. Се разбира, ќе беше уште подобро доколку Синодот на БПЦ одлучеше, за што не е доцна, официјално да сослужува со македонските архијереи, со што ќе дадеше значителен придонес во процесот на надминување на меѓусебните предрасуди и на поголемо духовно зближување на братските народи, македонскиот и бугарскиот. Сослужување на пониско, свештеничко ниво имаме до денес, а сме имале и архијерејско сослужение. Како што нагласив, не е доцна да се направи тој чекор и сега, доколку има добра волја кај бугарските архијереи.

Монаштвото како темел и столб на верата и вербата во МПЦ-ОА, неспорно е дека смени многу во водењето, конкретно управувањето на црковниот живот, во политиката на црквата. Тоа е најголемата брана за недоследностите и редот, но се успева ли во одбраната од бербатењето на црквата од политиката?

Една древна светоотечка аксиома вели: „Вистински монах е оној кој на овој свет нема ништо свое освен Христос". Следствено, оној монах кој го приврзал своето срце за Христа, без разлика какви бранови од искушенија и да го заплискуваат, останува непоклатен во својот призив и идеал. Неговиот поглед е устремен кон вечноста, па така, што и да се случува на земјата, тој го смета тоа за пепел и прашина, и со трпеливост брза кон претстојната борба, „имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји" (Евр. 12,1).

Колку политиката им помага, односно одмага на верата и на цркавата?

Тоа во најголема мера зависи од нејзината идеологија и од нејзините спроводници. Добриот политичар или водач може да донесе голем добробит и за Црквата и за народот. А ситниот дневнополитички популизам и мимолетност мислам дека не користат никому, освен на апетитот за власт. Во молитвените прозби на богослуженијата, Црквата секогаш се моли за тие што се на власт, каде што се по Божјото допуштение, просејќи од Бога „мирно управување" и „длабок и траен мир", „па во нивните срца да се објават добрата за Црквата и за сите луѓе".

Во тој контекст, лидерството се врзува за вер(б)ата или за политиката?

Едно е политичкото лидерство, а сосема друго е духовното раководство. Тие две се разликуваат не само по нивната идеологија, туку и по методите на нивното дејствување. Бидејќи пред скоро време го славевме Рождеството Христово, на памет ми доаѓа прекрасната стихира напишана за празникот од Светата Касијана Песнописателка во 9 век: „Кога Август беше единствениот владетел на Земјата, многувластието на луѓето престана. А кога Ти, Слове, се воплоти од Пречистата Дева... сите овоземни градови влегоа под едно царство и сите народи поверуваа во единствениот Господ Бог". Октавијан Август, како еден од најголемите политички лидери во историјата, како свои механизми за одржување на власта ги имал сите државни апарати, богатството, војската и сл. Господ Исус Христос, пак, го освои светот со тоа што ги рашири Своите пречисти и пренепорочни раце на Крстот, во љубовна прегратка за сите. Неговата метода на владеење останува иста до денес. Посветениот духовен водач во Црквата, „добриот пастир си ја полага душата своја за овците" (Јован 10,11).

Помина половина година од вашата хиротонија за епископ антаниски. Како се носите со новите обврски и што се смени во вашето секојдневие и во исполнувањето на игуменските обврски во Бигорскиот манастир?

Надворешно гледано, не се смени речиси ништо. Духовничката дејност, секојдневните обврски околу игуменската должност, богослужбениот живот продолжуваат и понатаму, но сега чувствувам една поголема духовна одговорност за поверените ми од Бога души, бидејќи го носам највисокиот степен на свештеничката служба. „Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него" (Лука 12,48) – вели Господ. Духовните закони сега ме обврзуваат на уште поголема будност и грижа за луѓето, што, секако, подразбира едно секојдневно распетие. Но, Оној Кој ми ја возложил таа должност, ми дава и сили да можам да ја понесам. Го молам Бога да ме удостои со чисто срце да го износам архијерејскиот крст на служењето.

Бигорски прослави 1000 години постоење како чувар и продолжувач на православната традиција на овие простори. Дали успешно ги комплетиравте планираните активности и колку пандемијата ги наруши животот на бигорската монашка заедница и секојдневието на манастирот?

Како и во сите сфери на општественото живеење, пандемијата со коронавирусот остави последици и во животот на нашите монашки заедници. Оваа година во нашите манастири недостасуваше вообичаениот број на верници и посетители, но тоа не ја намали молитвената пракса на браќата и сестрите. Напротив, монасите и монахињите со поголема усрдност се молеа и сострадуваа со луѓето во светот, погодени на каков било начин од ова сесветско искушение. Пандемијата мошне негативно се одрази и врз финансиската состојба на нашите манастири, но и покрај тоа, со Божја помош и преку даренијата на благочестиви луѓе, успеавме да ги оствариме скоро сите замислени идеи за достојна прослава на Бигорското илјадалетие. Како што кажав во моето неодамнешно интервју за украинска „Релігійна Правда", целата 2020 година беше посветена на овој голем јубилеј, навистина редок и уникатен по значење. Се организираа повеќе настани, промоции на книги, научни собири, изложби, концерти. Особено значаен беше концертот на Македонската филхармонија, со оркестрирани древни македонски песни, посветен на бигорското илјадалетие. По повод големиот јубилеј и значењето што го има Бигорскиот Манастир за нашиот народ и општество, тој беше одликуван со високото признание „Орден за заслуги за државата" од страна на Претседателот на државата. Централната литургиска прослава, пак, се одржа на 18 октомври, во присуство на црковниот и државниот врв, на претставници од дипломатскиот кор во земјава, од општествениот, културниот, научниот и политичкиот живот, гости од соседните држави и приличен број на верници. Во моментот се подготвува и песна за илјадагодишнината на Бигорски, а исто така и професионален документарен филм.

За крај, која е Вашата празнична порака до верниците?

Според православната хеортологија (теолошка дисциплина за значењето и суштината на празниците), празникот во Црквата подразбира радост и духовно веселие во Бога. Согласно тоа, на верници ќе им порачам да се радуваат во Господа и да не се плашат од ништо, макар и колку страшен да се чини светот денес, зашто Оној Кој ги повикал, го победи светот (сп. Јован 16,33). Да се радуваат и да стојат цврсто „во слободата со која нѐ ослободи Христос" (Гал. 5,1), и да ги „испитуваат духовите" (1. Јован 4,1), со разборитост и широчина, бидејќи, за жал, и во Црвката се провлекуваат духовници и верници кои се обременети со верувања и идеологии коишто му се туѓи на православното богословие. Тука, пред сѐ, мислам на заговорниците на т.н. апокалиптички менталитет на верувањето, преку што се која внесуваат страв и немир меѓу луѓето. Всушност, ако секоја личносна средба на верникот со Христа, преку молитвата и Светата Причест, значи радост и празник за душата, тогаш колку ли повеќе радост и празненство ќе предизвика кај пријателите Христови Неговото второ и славно доаѓање?! И Самиот Христос, зборувајќи за крајните времиња, во Евангелието на учениците им вели: „А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување" (Лука 21,28). Затоа, ние треба со сите наши сили да се трудиме, преку молитва и добри дела кон ближните, да станеме пријатели Христови. Единствено од кое треба да се плашиме се: егоизмот, страстите во самите нас, себичноста, злорадоста, неблагодарноста, горделивоста – тие нешта нѐ одделуваат од Христа.

За крај, на сите им посакувам благословено лето Господово, исполнето со добро здравје, духовна радост и благодарност./МИА.

Се врати во сила Законот за акцизи, бензините и дизелот поевтини за два денара

Од денеска престана да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со што повторно стапи во сила Законот за акцизи. 

Тоа придонесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да ги намали малопродажните цени на горивата.

Со укинувањето на дополнителната акциза за горивата која беше воведена како мерка за време на вонредна состојба, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалија за два денара за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтини за 13 денари, додека малопродажната цена на мазутот остана на исто ниво.

Затоа РКЕ донесе одлука од денеска ЕУРОСУПЕР БС – 95 да се продава за 61 денар на литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 за 63, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 52,5, екстра лесно масло за домаќинство 1 (ЕЛ-1) за 41,5 денари за литар, а цената на мазутот М-1 НС остана 30,823 денари за килограм.

Со тоа РКЕ всушност изврши усогласување на претходната одлука за цената на горивата, што беше донесена во понеделникот, со Законот за акцизи кој од денеска повторно стапи на сила.

– Поради истекување на важноста на Уредбата што беше донесена за време на вонредната состојба, се враќа на сила Законот за акцизи кој се применуваше пред да се донесе Уредбата. Поради оваа состојба, РКЕ донесе измена на одлука со што износите на одделни елементи кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се променети согласно важечките износи на акцизите, утврдени во Законот за акцизи. Овие цени ќе важат се до донесување нова одлука, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт.

Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба Владата ја донесе на својата седница на 1 април 2020 година по што беше објавена во Службен весник, а во делот на горивата стапи на сила од 5 мај 2020 година.

Пораки до Скопје и Софија да се ангажираат за решение

Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. 

Интеграцијата на Македонија во Европската Унија нема алтернатива, а со цел деблокирање на усогласувањето на преговарачката рамка за земјата важно е да се работи со Бугарија на надминување на разликите и времето да се искористи земјата да го забрза процесот на реформите, порачаа вчера шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир и германската амбасадорка Анке Холштајн.

Гир во интервју за МИА посочува дека нема план Б, туку целта е пристапување на Македонија во Европската Унија. Оптимист е, вели, и она што сега следува е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори.

– Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред, подвлече Гир.

На прашањето на МИА дека очигледно за ЕУ е хендикеп вклучувањето на билатералните спорови во процесот на проширување, а особено е опасно историјата да стане предуслов за членство, Гир вели дека во овој случај важен е фокусот на две работи – Македонија и Бугарија да го решат спорот на билатерална основа и земјава да ги забрза реформите.

– Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Две работи се неопходни – првата е Република Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, заради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство, дециден е Гир во интервјуто за МИА кое целосно ќе биде објавено денеска.

Според германската амбасадорка Холштајн, меѓу Македонија и Бугарија има добрососедски односи, а постои и Договор за добрососедство, кој што треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе.

Таа се осврнува и на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.

– Елисејскиот договор е склучен 18 години по крајот на Втората светска војна и ставил крај на т.н. исконско непријателство меѓу двете земји, со што се создала политичка, правна и симболична основа за заедничка соработка, нагласи амбасадорката.

Во однос на ЕУ, таа потенцира дека тоа е заедница на вредности: демократија, правна држава, независно судство, слободни медиуми и целосна еднаквост за сите.

– Тоа се вредности на кои ЕУ почива како целина и тоа е и нашиот слоган „единство во разноликост". Не смееме да толерираме во земји членки да има развои кои се далеку од тие вредности, истакнува Холштајн.

Претседателот на Владата Зоран Заев вчера порача дека Владата има единствен став за дијалогот со Бугарија, а тоа е во овој период да работи на Акцискиот план, кој значи создавање позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања.

– Сензитивни прашања не се решаваат во предвечерието на избори, истакна премиерот Заев во емисијата „Трилинг" на ТВ 24.

Тој потенцира и дека ние не смееме да си дозволиме да испратиме порака дека за нас постои алтернативно решение, освен полноправното членство во ЕУ, кое го поддржуваат 75 отсто од граѓаните.

– Ние со ЕУ имаме 1 отсто царина, ние сме во европскиот пазар. Ако ги подигнеме и имплементираме европските стандарди дома, ние ќе бидеме комплетно дел од тој заеднички европски пазар и затоа Европската економска заедница не е алтернатива за нашето членство во ЕУ. Само од нас зависи колку ќе ги кренеме нашите перформанси дома. Ги намаливме царинските давачки за ЕУ согласно Договорот за стабилизација и асоцијација и Светската трговска организација, и сето тоа не прави ние да бидеме веќе внатре. Ние сме во голема мерка во европскиот пазар, истакна премиерот Заев.

Запрашан за оспорувањето на македонската придавка, македонскиот јазик, идентитет, Заев е дециден дека за идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во рамки на официјалната посета на Црна Гора, порача дека процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива, не само за земјите од Западен Балкан, туку и за државите од ЕУ и оти без разлика на предизвиците со кои сме соочени и на актуелната политичка конјуктура, процесот на заокружување и комплетирање на ЕУ е неминовност и затоа тука не се поставува прашањето дали, туку кога.

– Со оглед на напредокот и подготвеноста сметам дека Македонија требаше да ги почне преговорите за време на германското претседателство минатата година и овој неуспех го сметам во најмала рака заеднички неуспех и на ЕУ иако тоа беше силна порака која предизвика длабоко разочарување, но сепак тоа не не обесхрабри и како што гледате активно продолжуваме да придонесуваме во европската идеја на Балканот и за европската перспектива, како на нашата земја така и на целиот регион, рече Османи на заедничката прес-сконференција во Подгорица со неговиот домаќин и црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ.

Тој се осврна и на, како што рече охрабрувачките пораки за проширувањето од страна на португалското претседателство со ЕУ во однос на почетокот на преговорите со Унијата, како и на следното претседателство на Словенија во втората половина од годината, која е земја непосреден сосед во регионот и гласен поддржувач на процесот на проширување.

Во контекст на евроинтеграцијата, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ (acquis), како еден од најважните предуслови за членство на земјава во Европската Унија.

Според вицепремиерот Димитров, acquis-то или правото на Европската Унија, е корпус на заеднички права и обврски што се обврзувачки за сите земји членки на ЕУ, а земјите кандидатки мора да го транспонираат во националното законодавство како темел на европската интеграција.

– Ако овој термин, acquis, во корените на своето значење од францускиот јазик, всушност претставува „знаење, стекнато право или наследство", преку неговиот превод на македонски јазик ние создаваме наследство за нашата иднина и иднината на нашите поколенија. Наследство кое значи дека македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во семејството на Европската Унија, нагласи Димитров.

Тој потенцира дека СЕП интензивно започнува со една од фазите на транспозиција на правото на ЕУ во националното законодавство, а тоа е преводот, кој во случајов ќе биде многугодишен и најобемно реализиран превод воопшто во историјата на специјализираниот превод кај нас. За таа цел, по пат на јавна набавка и транспарентно, врз основа на еднаков третман беа избрани 15 економски оператори за превод, кои ќе треба да испорачаат најквалитетни резултати во контекст на превод на правото на ЕУ.

Во меѓувреме, Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, постигна напредок на вчерашната онлајн средба, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.

Како што соопштија за МИА извори од Комисијата, двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на 10-та средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот. Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од 10-та и за записникот од последната, 11-та средба на Комисијата.

Годинава се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември, минатата година./МИА

Гир: Европската перспектива на Македонија е јасна и неспорна

Сакам да испратам силна порака дека европската перспектива, перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Македонија, е јасна и неспорна.

Минатата година го имавме Самитот во Загреб, каде што оваа стратегиска цел беше повторена од страна на лидерите, ништо не е променето. Македонија со нејзината географска положба, со нејзината култура, историја, е европска земја.

Ова во интервју за МИА го изјави амбасадорот на Европската Унија во Македонија Дејвид Гир, со кого разговаравме и за спорот меѓу Бугарија и Македонија, за можното членство во Европската економска зона, за пристигнувањето на вакцините, Ковакс механизмот, помошта на Европската Унија за санирање на последиците од Ковид кризата врз економијата...

Евроамбасадорот е оптимистичен дека земјава ќе оди напред, како и за заложбите на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ во првата половина од годинава.

За евроамбасадорот Гир, преку процесот на реформи Македонија ќе стане дел од семејството на Европската Унија.

Европската комисија најави дека ЕУ ќе обезбеди 70 милиони евра во грантови за земјите од Западен Балкан за да набават вакцини. Сепак, процесот за набавка на вакцини се одвива бавно. Македонија и покрај што доби ветувања дека ќе добие помош во вакцини од две соседни земји членки, доби помош од Србија. Кога најбрзо може да се очекува помошта од ЕУ?

– На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигуриме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Европа нема да биде безбедна сè додека сите региони на Европа се безбедни. Сите ние сме засегнати и затоа ЕУ е рамо до рамо со Западен Балкан и со Република Македонија од почетокот на кризата.

Минатата година, ЕУ обезбеди повеќе од милион производи од медицинска заштитна опрема за Западниот Балкан. Помогнавме на бизниси за да не пропаднат како резултат на економското влијание на ковид-пандемијата и затворањето на општеството. Им помогнавме на ранливите категории граѓани, кои можеа да останат без работа и оние кои имаат тешкотии да влезат на пазарот на трудот.

Исто така, им помогнавме на владите, особено на Владата тука кога се соочи со намалување на приходите и при управувањето на јавните финансии преку макрофинансиска помош. Така што, уште од почетокот обезбедуваме огромна помош. Исто така, знаете дека Европската комисија најави грантови во износ од 70 милиони евра за Западен Балкан да им помогне на земјите да ги покријат трошоците за набавка на вакцини од земјите членки на ЕУ како дополнителна помош покрај механизмот Ковакс.

Во врска со прашањето за вакцинација. Процесот не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со којшто се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени.

И покрај предизвиците, ЕУ-земјите рекоа дека ќе обезбедат вакцини. Кога ќе биде тоа… Вчера, претседателката на Европската комисија изјави во Брисел дека се надева дека тоа ќе биде наскоро. Можам да кажам дека Комисијата работи со земјите членки за да ја организираат испораката, но не можам да прецизирам кога би било тоа. Но, ќе повторам дека ова е пример за поддршката којашто ние ја обезбедуваме. Даваме поддршка уште од почетокот. Кризата трае речиси една година и секако ќе продолжи.

Пораката до вас е дека тука сме од почетокот, за време на кризата, а и во иднина, вклучително и за процесот на вакцинација.

Меѓутоа недостигот на вакцини придонесува за зголемување на стапката на смртност, значи време нема, а се покажа дека Ковакс-механизмот не функционира, иако е добро замислен, но не е функционален. Дали е тоа уште еден доказ дека ЕУ не функционира, барем не така брзо во кризни моменти, како во оваа пандемија?

– Не, не мислам така. ЕУ ја обезбеди досега најголемата помош од 3,3 милијарди евра за целиот регион за секоја од фазите и продолжува да обезбедува помош. Исто така, се обврза да обезбеди вакцини за Западен Балкан. Но, потребно е време за испорака. Како што реков, претседателката на ЕК се надева дека тоа ќе биде колку што е можно побрзо.

ЕУ оддели голем пакет макрофинансиска помош за Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, во екот на пандемијата. Помошта се состоеше и во медицински и други средства. Дали можеме да очекуваме дополнителна помош за справување со последиците врз економијата што ги предизвика Ковид-19?

– Да, секако. И ова е пример за огромната поддршка од ЕУ. Сигурно знаете за обемните разговори минатата година на ЕУ-членките за тоа како да подготват пакет за закрепнување за справување со економските ефекти од ковид-пандемијата. За време на разговорите, ЕУ не заборави на регионот на Западен Балкан. Напротив. Договорија суштинска понуда за Западен Балкан за да му помогне на регионот да закрепне преку инвестиции. Тоа е Економскиот и инвестициски план, кој го претстави комесарот за проширување Вархеји во октомври.

Планот се состои од девет милијарди евра за Западен Балкан заедно со гаранцискиот инструмент за Западен Балкан нуди заеми и до 20 милијарди евра. Тоа се огромни суми. За што би се искористил? Целта е да се поддржат инвестиции на Западен Балкан за поврзување, односно инвестиции за негово развивање во транспортот и енергетика, а и инвестиции кои би му помогнале на Западниот Балкан во клучните транзиции, меѓу кои зелена и дигитална транзиција.

Понудата е веќе ставена на маса и имаше суштински разговори со Владата и на крајот на минатата година во врска со тоа како да се поттикнат инвестиции преку оваа понуда. Да ви дадам пример. Може да очекуваме околу 200 милиони евра, кои би биле достапни за изградба на пругата до Бугарија, како дел од познатиот Коридор 8, како и пречистителна станица за отпадна вода во Скопје.

Португалскиот министер за надворешни работи рече дека процесот на европска интеграција на Северна Македонија и одржувањето прва меѓувладина конференција во првата половина од годината ќе биде еден од приоритетите на нивното претседателство со ЕУ. Додаде дека земјава ја сработи својата домашна задача, и сега е ред на ЕУ да исполни. Можеме ли да го очекуваме тоа?

– Да, можеме да го очекуваме тоа. Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија.

Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот.

Во меѓувреме, она што е важно, е Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред.

Очигледно е дека хендикеп на ЕУ е вклучување на билатералните спорови во процесот на проширување, вклучувајќи го и спорот Бугарија–Македонија. Дали тоа е изговор или ова се правилата на организација што ги избира своите пријатели?

– Да ги погледнеме правилата на организацијата. Знаете во некои клучни области како што е процесот на проширување, Европската Унија, нејзините 27 земји членки, дејствуваат врз база на едногласност. Во други области тоа не е случај. Но во овој случај е така. Тоа едноставно значи дека 27-те членки мора да се договорат со цел да се оди напред. И ако погледнете наназад, многу одлуки во изминатите години што беа донесени едногласно, ќе видите дека понекогаш овој процес на едногласност резултира со одложувања и поради тоа е потребно повеќе време.

Имам целосно разбирање дека луѓето се чувствуваат фрустрирано, сакаат да одат напред, нетрпеливи се да се движат напред, но исто така е важно да се нагласи дека за да се оди напред, потребен е ангажман за овие прашања. Многу примери има од минатото каде што со континуирано ангажирање работите се движат напред и јас сум голем оптимист.

Случајот Скопје – Софија вклучува интерпретирање на историјата. На тоа јасно се спротивставија Чешка и Словачка. Нели е опасно историјата да стане предуслов за членство?

– Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Значи како што кажав и претходно, две работи се неопходни – првата е Република Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, поради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство.

Кое би било другото решение за Западен Балкан. Од геостратегиска гледна точка е дел од Европа. Се остава ли простор за други сојузи вон ЕУ?

– Треба да сме јасни. Сакам да испратам силна порака дека европската перспектива, перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Македонија, е јасна и неспорна. Минатата година го имавме Самитот во Загреб, каде што оваа стратегиска цел беше повторена од страна на лидерите, ништо не е променето. Македонија со нејзината географска положба, со нејзината култура, историја, е европска земја. Има длабоки економски и трговски врски со Европската Унија. Досега е нејзин најголем партнер и останува нејзината евроатлантска стратегиска ориентација. Така што ќе се навратам на одлуката донесена минатиот март од страна на 27-те земји членки да донесат одлука за отворање пристапни преговори. Тоа е насоката напред и ќе продолжиме да одиме во тој правец.

Колку се можни други алтернативи, како Европската економска зона, или можеби се крои друга стратегија за регионот?

– Нема да зборувам за план Б, нема план Б. Целта е пристапување во Европската Унија. Како што веќе споменав, лидерите на Европската Унија доследно ја повторуваат европската перспектива на Западен Балкан. И лично сум многу оптимистичен дека ќе одиме напред. И преку процесот на реформи Македонија ќе стане дел од семејството на Европската Унија. /МИА

притисни ентер