ЕП 2024: Фоден го напушти кампот на Англија

Крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Фил Фоден, привремено го напуштил кампот на репрезентацијата на Англија во Германија, пишува локалниот печат.

Тој се врати во Велика Британија поради итни семејни проблеми, потврдија малку подоцна од ФА.

Фоден ги започна сите три натпревари на Англија досега на Евро 2024, но не успеа да импресионира и беше заменет против Словенија и Данска. Се очекува крилниот напаѓач да им се врати на соиграчите во наредните денови.

„Трите лава“ со пет бода и со само два постигнати гола го освоија првото место во групата „Ц“, а подоцна денеска ќе го дознаат противникот во осминафиналето. /МИА

Стојаноски: Ветивме и остваруваме - 5000 денари покачување на пензиите од септември и март

Покачувањето на пензиите за 5000 денари беше едно од главните ветувања во изборната кампања, и тоа е остварено веќе во првата недела од мандатот на владата, посочи денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Тој напомена дека покачувањето ќе се реализира во два наврати. Како што рече, првото покачување од 2.500 денари пензионерите ќе го добијат во септември, тоа ќе биде трајно и линеарно, додека второто ќе го добијат во март идната година, кое исто така е трајно и линеарно.

-ВМРО-ДПМНЕ им честита на над 300.000 пензионери, тие конечно можат да бидат спокојни, премиерот Христијан Мицкоски и Владата донесоа одлука за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари. Пензионерите никогаш повеќе нема да бидат лажени со еднократна помош која се продаваше како покачување од страна на СДС и ДУИ, ниту пак со ситни покачувања, рече Стојаноски.

Како што посочи, пензионерите се луѓето кои ја граделе државата каква што е денес и мора да имаат достоинствен живот.

Владејачката партија во Монголија победи на изборите, но со ослабено парламентарно мнозинство

Владејачката Монголска народна партија (МНП) победи на парламентарните избори во Монголија, но ќе има значително помало мнозинство во законодавниот дом поради добриот резултат на опозицијата, покажуваат делумните резултати од гласањето, јави ДПА.

Со преброени речиси 100 отсто од гласовите, на вчерашното гласање, левиот центар МНП најверојатно ќе има 68 пратеници во 126-члениот парламент.

На претходните избори партијата освои 62 пратенички мандати, но тогаш законодавниот дом имаше 76 мандати.

Премиерот Лувсанамсреин Ојун-Ерден ја прогласи својата МНП за победник на парламентарните избори, деветти од воспоставувањето на демократијата во Монголија по крајот на Студената војна во 1990 година.

Демократската партија на десниот центар постигна сериозни успеси во гласањето, што и донесе 42 места во новиот состав на парламентот, додека конзервативната формација ХУН, која е трета политичка сила, ќе има осум пратеници.

Излезноста на гласачите беше околу 69 отсто од над 2 милиони луѓе со право на глас./МИА

Пезешкијан и Џалили одат во вториот круг од претседателските избори во Иран

Во Иран ќе се одржи втор круг од претседателските избори меѓу реформскиот кандидат Масуд Пезешкијан и ултраконзервативниот Саид Џалили, потврди денеска изборниот претставник врз основа на прелиминарните резултати.

Претседателските избори во петокот беа набрзина распишани по смртта на конзервативниот претседател Ебрахим Раиси (63), кој загина во хеликоптерска несреќа на 19 мај.

Портпаролот на изборното тело Мохсен Еслами денеска ги соопшти прелиминарните резултати на прес-конференција што ја пренесуваше иранската државна телевизија. Според нив, ниту еден од кандидатите не добил повеќе од 50 отсто од гласовите потребни за победа во првиот круг, па вториот круг ќе се одржи меѓу двајцата водечки кандидати.

Еслами рече дека од 24,5 милиони преброени гласови, пратеникот Пезешкијан освоил 10,4 милиони гласови (42 отсто), а поранешниот преговарач за нуклеарни прашања Џалили освоил 9,4 милиони (38 отсто). Претседателот на парламентот Мохамад Багер Калибав доби 3,3 милиони, додека шиитскиот свештеник Мостафа Пурмохамади доби повеќе од 206.000 гласови.

„Ниту еден од кандидатите не освои апсолутно мнозинство гласови и затоа првиот и вториот кандидат ќе одат во вториот круг на 5 јули“, изјави Еслами.

Според правилата, доколку ниту еден од кандидатите не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, водечките двајца кандидати се квалификуваат во вториот круг.

Од 14 претседателски избори организирани од 1979 година, само за еден беше одлучено во вториот круг, во 2005 година.

На изборите, на кои право на глас имаа 61 милион гласачи, учествуваа четворица кандидати, тројца конзервативци и еден реформатор. /МИА

притисни ентер