ЖивотЕлектромобилите иднината во светот, Македонија се обидува да фати чекорЕлектричните автомобили полека, но сигурно, ги освојуваат светските пазари. Се повеќе автомобилската индустрија се насочува кон производството на овој тип автомобили како поекономични и поеколошки, а се зголемува и интересот кај потрошувачите. Податоците со кои располага Меѓународната агенција за енергетика покажуваат дека минатата година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал на рекордни 3,1 милиони возила, а се предвидува доколку амбициите на автомобилската индустрија раснат до 2030 година да има од 125 до 220 милиони електрични возила во светот. Во продажбата на електромобили во Европа минатата година предничеше Германија која ја надмина Норвешка. Германската Влада и локалната власт веќе преземаа чекори со кои почнаа од употреба да ги исфрлаат дизел возилата како главни загадувачи на воздухот. Според податоците на Европската асоцијација на производители, продажбата на електрични возила во оваа држава лани се зголемила за 70 проценти. Во оваа бројка влегуваат како чисто електричните возила, така и plug-in хибридите. Во Македонија сликата е сосема поразлична од државите во Европа. Интересот е мал, а слична е и продажбата на ваквиот тип на автомобили. Не е доволно развиена и инфраструктурата и инсталирањето на полначите за овој тип автомобили. Според нецелосните податоци, од вкупно 1.755 продадените нови возила за првите шест месеци од годинава само три се електромобили, а 27 хибриди. Иницијатива за поставување полначи за овој тип автомобили веќе реализира ЕВН Македонија, која во неколку општини има поставено вакви уреди. Целта е да се поттикне користењето на електричен погон што ќе придонесе за заштита на животната средина. Во Град Скопје, каде е и најголема продажбата на сите видови автомобили, досега се поставени околу пет полначи за електромобили на јавните паркинзи, но надлежните најавуваат дека во следниот период ќе бидат поставени 17 полначи на различни локации низ градот. - Ние сме мал играч на светскиот пазар кога е во прашање автомобилската индустрија. Јас сум должен поради визијата за градот, да подготвам ваква инфраструктура. Досега на јавните паркинзи во Град Скопје наместени се повеќе од пет полначи на електрични автомобили, а до крајот на годината ќе бидат 17 на различни локации низ градот. Тие својата соодветна употреба кај и да е ќе почнат да ја имаат бидејќи тоа е неминовност во трендот кој владее кај производителите на автомобили во светот, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во изјава за МИА. Развојот на електромобилите претставува закана за нафтените компании и може да предизвика пад на цената на „црното злато“ поради што овие компании во светски рамки почнаат да се насочуваат кон развивање на мрежи за полнење на електричните возила. Чекор кон обезбедување чист воздух и здрава животна средина За да се поттикне интересот кај граѓаните за овој тип автомобили, експертите сметаат дека купувањето и користењето треба да биде пропратено со низа поволности како субвенции за купување на вакви автомобили, бесплатен паркинг, бесплатно полнење на возилото додека е паркирано на паркинг,.. Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) изработи студија за транспорт, анализа на политики и мерки, што предвидува до 2035 година за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот. Студијата предлага намалување на акцизата и ДДВ при увоз на хибридни возила од 18 на пет проценти и да нема акциза за електрични возила, како и постепено изедначување на акцизата за дизелот и бензините и зголемување на еколошката такса за горивата од сегашните 0,08 отсто од продажната цена за литар бензини и 0,03 отсто за литар дизел на 0,3 отсто. Разликите од таксите да се користат за субвенционирање на купување на хибридни и електрични возила. Доколку власта сака да стимулира еколошки возила се предлага да има субвенции од 5.000 евра за набавка на електрично возило и 1.000 евра за plug-in возила. До 2035 се предвидува да има промена на целиот возен парк во земјава и претежно да има електрични или хибридни возила, односно 40 отсто од возилата да бидат електрични од кои 25 отсто чисто електрични, а 16 отсто plug-in електрични возила. - Електричните возила воопшто не загадуваат, но можат и индиректно да придонесат за намалување на емисијата на јаглероден двооксид доколку 50 отсто од електричната енергија во земјава се обезбедува од обновливи извори на енергија. Електричните возила се многу добри и за балансирање на електричната енергија во деловите од денот кога има дисбаланси, вели м-р Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ. Според студијата, политиката за увоз на стари возила од 2010 година најмногу придонела за зголемување на загадувањето од транспортот зашто предизвикала за 22,5 отсто зголемување на бројот на возилата. Патничкиот сообраќај учествува со 82 проценти во вкупниот број на возила и во последните четири година бројот на регистрирани возила е зголемен за 27 проценти. Експертите велат дека дизел возилата се најголеми загадувачи на животната средина и потенцираат дека мерката за слободен увоз на стари возила придонела да се зголеми загадувањето, бидејќи најголем дел од новоувезените користени возила се дизел. Проф. д-р Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје предлага централната и локалната власт да размислат за доделување субвенции за вградување уред со почисто еколошко гориво за приватни возила, а особено за таксистите. - Во суштина големи загадувачи се дизел возилата, а први на удар кај патничките возила се такси возилата кои поминуваат голема километража. Можеби е добро Град Скопје да размисли да им даде субвеција да поминат на следно почисто гориво и во рок од две до три години да ги ограничи во користењето на дизел. Значи да им даде субвенција да бидат такси на струја, на метан или на пропан-бутан, а од 2020 такси на дизел во Скопје да нема, вели Димитровски. М-р Константин Мишев од Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ нагласува дека возилата најмногу трошат и најмногу емитираат јаглероден двооксид при нагли забрзувања и сопирања во сообраќајниот метеж. - Граѓаните мислат дека нивните возила трошат најмногу кога возат брзо, но тоа не е точно. Возилата трошат најмногу кога прават нагли сопирања и нагли забрзувања. Тоа најчесто се случува во секојдневието во сообраќајниот метеж кога возачот постојано е подложен дека треба да застане и потоа повторно да тргне со своето возило и со тоа емитира најголемо количество на јаглероден двооксид и останати загадувачи во воздухот, вели Мишев.. Потенцира дека во Македонија речиси 80 проценти од возилата кои се возат се постари од 10 години, а само два процента се возила кои се новоувезени и имаат најмала емисија на штетни материи во воздухот. - Според ЕУРОСТАТ, Македонија со емисија на 147 грама на јаглероден двооксид по километар е најлоша во Европа и се наоѓа на последното место заради строста на возниот парк, посочува Мишев. Електромобилите иднината на автомобилската индустрија Норвешка и Германија се дел од европските држави во кои се продаваат најмногу електромобили. Во некои од државите, како на пример во Норвешка, купувањето на вакви возила е пропратено со низа поволности. Така, освен ослободување од данок на продажба на автомобили, за електрично возило не се плаќа такса за движење и со нив може бесплатно да се патува на ферибродови. Електричните возила се ослободени и од плаќање паркинг и може да се движат во лентата за автобуси. Електромобилите, според најавите, ќе бидат дел и од Летните олимписки игри што ќе се одржат во Токио во 2020 година. Јапонската компанија за производство на автомобили „Тојота“ неодамна најави дека ќе обезбеди над три илјади електрични возила со кои ќе се транспортираат натпреварувачите до спортските терени. Со тоа организаторите сакаат да го претстават Токио како еколошки и технолошки град. Сегашните верзии на електромобили користат батерија која може да издржи до 200 километри без полнење, но четирите јапонски компании „Тојата“, „Хонда“, „Нисан“ и „Панасоник“ најавија дека заеднички ќе работат на развој на нова геренација батерии со која ќе може да се поминат и до 800 километри со едно полнење./МИА.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Рецепти„Гответе со Дракче“ - Супа од тикваВо понеделник (02.11.2026) во емисијата гостин ни бeше Ленче Кукиќ.Состојки за денешниот рецепт: 1 помека тиква 2 главици кромид 2 моркови 4 чешниња лук 1 парче сирење 400 гр. шманд или кисела павлака 100 гр. печени семки 100 мл. маслиново масло 2 големи лажици сув зачин 2 големи лажици куркума Погледнете како се подготвува овој рецепт:Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СветИрачкиот премиер тврди дека го видел американскиот план за инвазија врз Иран преку ИракИрачкиот премиер Али ал-Заиди наводно им кажал на лидерите на шиитската коалиција дека видел дел од протечен воен план, претставен пред американскиот претседател Доналд Трамп.Ирачкиот премиер Али ал-Заиди наводно им кажал на лидерите на шиитската коалиција дека видел дел од протечен воен план, претставен пред американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува влез на американските сили во јужен Иран преку Ирак. Ова го пренесува весникот „Ал-Мада“, повикувајќи се на анонимни извори блиски до владата. Според овие наводи, планот содржи три сценарија. Едното предвидува копнен упад на САД во Иран, додека другото вклучува можност Иран да изврши притисок врз Багдад за да дозволи влез на иранските сили во Кувајт преку ирачкиот град Басра. Третото сценарио не е опишано. Оваа информација не е независно потврдена, а ниту Белата куќа, ниту кабинетот на ирачкиот премиер не ја коментираа. Според истиот извор, Ал-Заиди предупредил дека вооружените фракции ќе бидат уапсени доколку се вклучат во војната на страната на Иран. Наводно, Вашингтон бара од Багдад да преземе конкретни мерки во однос на групите блиски до Техеран, стравувајќи дека Ирак би можел да стане појдовна точка за напади или одмазда.Тагови: Ирак Иран САД Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаДијаспората се обедини: Голем собор на Македонците во ВолонгонгГолем собор на Македонците во Волонгонг: Дијаспората се обедини на Митровден.СО ТОРЖЕСТВЕН СЕНАРОДЕН СОБОР ВО ВОЛОНГОНГ БЕШЕ ПРОСЛАВЕН ПРАЗНИКОТ МИТРОВДЕН И БЕШЕ ОДБЕЛЕЖАНА ХРАМОВАТА СЛАВА Споменот на светиот великомаченик Димитриј Солунски, освен во татковината свечено со векови е прославуван од нашиот македонски народ во дијаспората. Традиционално и оваа година во далечна Австралија, во Волонгонг во присуство на многуброен народ од сите краишта на Австралија беше свечено прославен патрониот празник на храмот. Чествувањето започна во предвечерието на празникот на ден 07. 11. 2026 година со Вечерна богослужба. Утредента на 08. 11. 2026 година, во 23 недела по Педесетница, на самиот ден на празникот чествувањето на светиот Димитриј продолжи со Утрена богослужба и Света божествена литургија предводена од страна на отец Гаврил (Галев) од манастирот „Свети Климент Охридски“ во Мелбурн во сослужение на пречесните отци, старешината на храмот славеник, протојерејот Борислав Лазов и со пензионираниот свештеник, о. Климент Џепароски. На Литургијата присуствуваше голем број верен народ од Волонгонг и околината на Илавара и Сиднеј, кои дојдоа да се помолат и да се поклонат на честицата од моштите на светиот Димитриј и да се причестат со Светите Христови Тајни. Пред присутните на Литургијата со свое празнично слово посветено на светиот Димитриј се обрати отецот Гаврил. Во беседата тоу укажа на значањето секој православен верник да се преобразува и да го следи примерот на светителите, кои се наши застапници и молитвеници пред Бога на патот на спасението. По Литургијата беа осветени славските колачи. Од страна на црковната општина „Свети вмч. Димитриј Солунски“ известија дека на овој торжествен ден беа особено удостоени со присуството на Амбасадорот на Република Македонија, г-дин Стојанче Китаноски, како и на отец Гаврил од манастирот „Св. Климент Охридски“ од Кинг Лејк, Мелбурн. А исто така дека на оваа значајна духовна и празнична радост ѝ се придружија и претставници од повеќе сестрински Македонски црковни општини од Мелбурн, Сиднеј и Њукастел. „Нивното присуство претставуваше посебна чест и радост за нашата црковна заедница, сведочејќи за единството, братската љубов и заедништвото што нè поврзуваат во верата и во нашата Македонска православна традиција“ – известија од страна на црковната општина. По литургиската прослава следуваше празничен ручек и богата културно-уметничка програма. По благословот на трпезата, пригосни говори одржаа парохискиот свештеник, о. Борислав Лазов и Претседателот на црковната општина, г-дин Петар Лозенковски, кои како домаќини им посакаа топло добредојде на гостите. Потоа збор им беше даден на гостите. Пред присутните се обрати и заменик претседателот на Австралиско-сиднејската епархија, г-дин Дејан Змејкоски, кој во својот поздравен говор ја истакна важноста од сплотеноста на македонскиот народ во Австралија и во практикувањето на верата, традициите и во чувањето на јазикот, културата и идентитетот далеку од својата татковина во земја која на демократски начин овозможува развој на мултикултурализмот. Змејкоски ги пренесе поздравите од членството на Управата на најстариот храм во македонската дијаспора „Свети вмч. Георгиј и Пресвета Богородица“, како и од верниот народ при оваа општина во Епинг укажувајќи дека сите црковни општини под Австралиско-сиднејската епархија се во значителен подем и развој и дека е од особена важност тој заенички епархиски успех и во иднина да се сочува и надградува. Македонскиот амбасадор, Н.Е. Стојанче Китаноски исто така се обрати пред собраниот народ, искажувајќи дека тој како новоназначен амбасадор ќе се труди да биде блиску до сите наши луѓе, а исто така и Амбасадата која секогаш ќе биде отворена за секој еден наш иселеник. Амбасадорот Китановски им ја честиташе храмовата слава на Управата и верниците при црковната општина во Волонгонг и им се заблагодари за целокупниот труд кој го вложуваат за зачувувањето на врските со нашата заедничка земја и татковина Македонија. Од страна на Управата во знак на благодарност на Амбасадорот му беше доделена плакета, која му ја додели Претседателот, г-дин Петар Лозенковски. Во продолжение пред собранието, кратки поздравни говори имаа и претседателот на Црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“ од Њукастел, г-дин Сашо Стојчевски, по што беа разменети пригодните подароци. На настанот присуствуваа и секретарот на ЕУО, г-дин Александар Младеновски, како и преставници од црковните општини од Рокдејл и од Силванија. Ваквата прослава беше прекрасна можност македонската заедница од Австралија да се собере на едно место за што Му благодариме најнапред на Бога за неговиот благослов и на светиот Димитриј, а на сите присутни гости, сослужители, верници и пријатели им упатуваме искрена благодарност за нивното присуство и споделената празнична радост, велат од црковната општина. По молитвите на Светиот великомаченик Димитрија Солунски, Господ да ги чува, укрепува и благословува нашите семејства, нашата црква и целиот македонски православен народ, каде и да се наоѓа! За многу години празникот!Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter