Електричната мрежа се урна вчера попладне, кога ураганот Рафаел, носен од ветрови со брзина од 185 км/ч, го зафати целиот остров, откорнувајќи дрвја и телефонски столбови, а разорната сила на природата оштети и бројни куќи.
До утрово, ураганот се движеше 250 километри северно и западно од Хавана, во Мексиканскиот залив и повеќе не претставува закана, објави американскиот национален центар за урагани во Мајами, Флорида.
Пред две недели, електричната мрежа на Куба неколку пати се прекина, а многу жители со денови беа без струја.
Министерството за енергетика и рударство соопшти дека се започнати работите за санирање на мрежата, но и предупреди дека процесот ќе биде побавен во западниот дел на островот, кој беше најмногу погоден од невремето.
Главниот град Хавана се уште е без струја.
Рафаел е вториот ураган што ја погоди Куба за помалку од еден месец, откако ураганот Оскар го опустоши источниот дел на островската држава во октомври.
Куба е целосно зависна кога станува збор за енергијата, а производството на електрична енергија се одвива во застарени постројки на нафта.
Најголем снабдувач со нафта на Куба е Венецуела, но во првите девет месеци од годинава ја намалила испораката на просечни 32.600 барели нафта дневно, додека во истиот период лани ја снабдувала Куба со околу шеесет илјади барели на ден.
Исто така, сѐ помалку нафта пристигнува од Русија и Мексико, а повеќечасовните прекини на струја речиси станаа вообичаени.
Во Хавана се уште врне силен дожд и многу патишта се веќе поплавени, а паднатите дрвја, ѓубрето и шутот ги блокираат патиштата, што го отежнува сообраќајот.
Аеродромот во Хавана ќе остане затворен најмалку до попладнево по локално време, соопштија официјални лица.
Невремето пропратено со дожд и силен ветер ги загрози овошните и градинарските култури, а властите почнаа да берат пред да созреат за да се спаси што може да се спаси.
Како циклон од категорија 1, Рафаел ги прегази Кајманските Острови и за помалку од 24 часа се зацврсти во категоријата 3, а потоа удри во југозападниот дел на Куба.