ЕК предлага правила за мобилните- да траат над 2 или 3 години и лесно да се поправаат

Европската комисија предложи нови правила според кои мобилните телефони и таблетите што се продаваат на пазарот на ЕУ ќе треба да вклучуваат податоци за нивната енергетска ефикасност, траење на батеријата, заштита од прашина и вода ...

„Прво и основно - вашиот телефон треба да трае повеќе од две или три години. И ако во меѓувреме се оштети, би требало лесно да се поправи“, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.

Тимерманс истакнува дека многу често паметните телефони ја губат својата функционалност поради трошење на батеријата или софтверски ажурирања што ги прават постарите модели застарени. „Овие предлози го продолжуваат животниот век на вашиот телефон и го олеснуваат правењето одржлив избор“, додаде Тимерманс. Овој предлог за прв пат воведува рејтинг за поправка на производот за да им помогне на потрошувачите да донесат поинформирани и поодржливи одлуки за купување.

Комисијата вели дека мобилните телефони и таблетите произведени според овие правила ќе заштедат речиси 14 терават часови примарна енергија секоја година до 2030 година. Тоа е една третина од денешната потрошувачка на примарна енергија на овие производи. Новите правила, исто така, ќе помогнат да се оптимизира употребата на критичните суровини и да се олесни нивното рециклирање.

Според новите правила, мобилните телефони и таблетите ќе ги имаат добро познатите букви од А до Г за енергетската ефикасност. Овие нови правила се делегиран акт за спроведување на неодамна одобрената Регулатива за екодизајн. Делегираниот акт ги утврдува минималните барања за мобилни и безжични телефони и таблети пласирани на пазарот на ЕУ.

Според предлогот, производите ќе треба да ги исполнуваат следните минимални барања: отпорност на случајни падови или гребаници; заштита од прашина и вода и употреба на доволно издржливи батерии. Батериите треба да издржат најмалку 800 циклуси на полнење и празнење додека задржуваат најмалку 80 проценти од нивниот почетен капацитет.

Предлогот содржи и правила за расклопување и поправка, вклучувајќи ги и обврските на производителите да ги направат достапни критичните резервни делови на сервисерите во рок од 5-10 работни дена и до 7 години по завршувањето на продажбата на моделот на производот на пазарот на ЕУ.

Производителите мора да обезбедат достапност на надградби на оперативниот систем на подолги периоди: најмалку 5 години откако производот ќе се пласира на пазарот. Бидејќи се работи за делегирана регулатива, сега Советот на ЕУ и Европскиот парламент имаат два месеци за евентуални приговори на предложениот текст. Доколку нема приговори, текстот се смета за формално усвоен.

Откако денеска беше одобрена Регулативата за еколошки дизајн и стапи во сила имплементацискиот акт со новите правила за мобилни телефони и таблети, се предвидува преоден рок од 21 месец пред да почнат да се применуваат двата закона.

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во Европската унија на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

притисни ентер