Еден починат во сообраќајка во која учествувал македонски државјанин на патот Елбасан-Пеќин во Албанија

Македонски државјанин учествувал во сообраќајна несреќа што се случила препладнево на патниот правец Елбасан-Пеќин, во Албанија.

– Тешката сообраќајна несреќа се случи на патниот правец Елбасан-Пеќин, кога од непознати причини дошло до директен судар на автомобил „сузуки" управуван од Х.Р (67) од Елбасан и автомобил „мерцедес" управуван од М.К.(38) од Македонија, стои во полициското соопштение.

На местото на несреќата починало лицето А.Н.(55) жител на Тирана, кој бил сопатник во автомобилот „сузуки", додека со полесни повреди поминале лицата кои управувале со возилата.

Увидот треба да потврди која е причината за несреќата. /MИА

Светски ден на борба против ХИВ/СИДА

Шест ХИВ-позитивни граѓани годинава го загубиле животот, четворица предоцна се тестирале, останатите одбиле да земат терапија.

ХИВ-инфекцијата е фатална само ако не се открие на време, вели Андреј Сених од Здружението за поддршка на луѓетошто живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

За разлика од лани, кога имаше 66, годинава се откриени 29 нови случаи на ХИВ, сите кај мажи, меѓу кои најмладиот на дваесетгодишна возраст. Податокот за новооткриените загрижува, алармираат од Здружението, велат, иако намалената стапка може да се објасни со кризната состојба поради пандемијата, не смее да се занемари.

Во Македонија во просек во изминатите пет години биле откривани по 45 случаи годишно. На Светскиот ден за борба против ХИВ-инфекцијата пораката е да се намали бројот на оние што не се свесни дека го имаат вирусот.

Со превенција и програми што вклучуваат рана детекција светските заложби се до 2030 да се стави крај на епидемијата на ХИВ.

Триста луѓе го посетиле Винскиот музеј во Кавадарци во ноември

Триста луѓе го посетиле Винскиот музеј Кавадарци во ноември, информираа денеска од оваа нова регионална културна институција.

– Благодарни сме за интересот на оние кои дојдоа и во услови на пандемија од вирусот Ковид-19. Се работи за посетители од Кавадарци, но и од други места. Посетите се реализираат со строго почитување на превентивните мерки за заштита од коронавирус, посочија од Винскиот музеј, нагласувајќи дека и понатаму остануваат на располагање на сите што сакаат да ја почувствуваат винската традиција и култура.

Оттаму најавија и низа други интересни културни содржини и во иднина. Содржини кои во себе ја содржат историјата на винопроизводството во Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во државата. /МИА

За пругата кон Бугарија за 2021 проектирани 1,8 милијарди денари

Пругата кон Бугарија најприоритетна за 2021 – но и на пат да стане рекордно најскапа капитална инвестиција во земјава. 

Физибилити студиите покажале дека пругата ќе „тежи“ најмалку 600 милиони евра, без евентуалните анекс-договори и експропријации кои би произлегле при градежните зафати.

Првиот човек на транспорт Бочварски се надева дека до март конечно ќе го распишат тендерот за изведувач на пругата. Вели, цената е висока но ја оправдува бидејќи на земјава и треба вакво регионално поврзување, а особено бенефит ќе имаат македонските компании за полесен транспорт на стоките.

„Само за втората и третата делница имаме 91 мост кои треба да бидат изградени и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунел. Ние во моментов имаме товарен транспорт кој што го има обемот со 90 проценти а само 10 отсто е патничкиот транспорт. Секако дека е комплексен и тежок проект, се согласувам дека станува збор за многу средства, но ние треба да опстоиме затоа што не може нашата земја да биде изземена од овој регионален тек.“вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Нови автопатишта нема да се градат, но ќе се токми проектирање на два поголеми автопатни правци: Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар. Догодина ќе бидат готови и двата магистрални гасоводи Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар.

Бочварски уверува дека активностите на трасата Кичево – Охрид ќе земат уште поголем замав и дека првите дваесетина километри ќе бидат пуштени догодина.

„Сите клучки се испроектирани, косините, со ревизија на тој проект, веќе имаме голем замав, во вториот дел од годината имаме шест пати поголем прогрес на работите заради тоа што таму навистина се случуваат обемни градежни зафати и досега имаме околу 350 милиони евра инвестиција на овој автопат од предвидени 600,вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски .

Токму капиталните инвестиции министерството ќе ја чинат 4,4 милијарди денари од вкупно 5,3 милијарди кои ги одвои за следната година.

притисни ентер