Секвенционирањето на геномот покажало дека варијантата делта, која првично е идентификувана во Индија, претставува 36 проценти од инфекциите во неделата од 14-20 јуни, изјави директорот на институтот Роберт Кох, Лотар Вилер за медиумската група „Фанке“.
Ова е значително зголемување во однос на уделот од 15 проценти една недела порано.
Баварскиот премиер Маркус Содер порано денеска пред новинарите изјави дека очекува варијантата делта да стане доминантна во Германија во текот на летото. Во другите земји, бројот на случаи со делта варијантата исто така расте.
„Игнорирањето на варијантата делта ќе биде сериозна грешка“, рече Содер, додавајќи дека никој не треба да мисли дека проблемите поврзани со таа варијанта на вирусот едноставно ќе исчезнат.
Тој апелира до граѓаните да се вакцинираат затоа што тоа е најдобрата заштита.
Околу 54 проценти од Германците ја примиле првата доза на вакцината, додека 35 проценти биле целосно вакцинирани.
Здравствените власти соопштија дека ширењето на коронавирусот може да забави, а бројот на хоспитализирани и мртви може да се намали доколку голем дел од населението се вакцинира.