ЕвропаДве години Доналд Туск – мали успеси, неисполнети ветувањаКога Доналд Туск пред две години стана премиер на Полска, во него беа положени големи надежи. Сепак, досега тој разочара многу гласачи – но и покрај неуспесите, тој не размислува за пензионирање.Дојче Веле Кога Доналд Туск пред две години стана премиер на Полска, во него беа положени големи надежи. Сепак, досега тој разочара многу гласачи – но и покрај неуспесите, тој не размислува за пензионирање. Либерална Европа беше воодушевена кога полскиот премиер Доналд Туск ја презеде функцијата на 13 декември 2023 година. Проевропскиот политичар му докажа на целиот свет дека со демократски средства може да се победи десно-популистички режим, под чија контрола беа судството, медиумите, културните институции и државните институции. Како водач на опозицијата, лидерот на либерално-конзервативната Граѓанска коалиција (КО) мобилизираше многу млади гласачи во Полска. По изборите, тој успеа да состави шарена коалиција од три политички блока. Иако овие партии имаа различни традиции, тие делеа заедничка цел: да ја соборат од власт десно-конзервативната партија на Јарослав Качињски „Право и правда“ (ПиС). Слаби резултати во анкетите, слаби коалициски партнери Две години подоцна, Туск и неговата Влада се најдоа во криза. Неговиот изборен сојуз КО има добри резултати на анкетите и стабилно води со повеќе од 30 проценти, но истото не може да се каже за неговите коалициски партнери. Новата левица (НЛ) моментално балансира на прагот од пет проценти, а другите два коалициски партнери, Полска 2050 и Полска селанска партија (ПСЛ), се значително под тоа. Полјаците за помалку од две години ќе мора повторно да излезат на гласачки места, но ако парламентарните избори би се одржале овој викенд, десно-конзервативните и крајно десничарските партии ќе имаат јасно мнозинство во Парламентот. Според најновата анкета на Институтот UCE Research, 42,6 проценти од Полјаците негативно ја оценија актуелната Влада. Позитивно ја оценија малку помалку од една третина, додека речиси една четвртина од испитаниците немале мислење. Други агенции дошле до уште полоши резултати. Обновата на владеењето на правото е тешко Обновата на владеењето на правото, големото изборно ветување на Туск, се покажа како многу потешко од очекуваното. Десничарскиот конзервативен претседател Анджеј Дуда направи сè со своето вето да го запри процесот на Владата. Уставниот суд, како и Врховниот суд, пружија горчлив отпор на сите обиди за деполитизација на судството. А исполнувањето на ветувањето дека корумпираните претставници на претходната влада брзо ќе бидат изведени пред судот се одвива исклучително бавно. На пример, поранешниот министер за правда Збигњев Зиобро, обвинет за корупција и злоупотреба на моќ, најде засолниште во Унгарија и останува недостапен за полското судство. Туск година и пол ги смируваше критичарите очекувајќи успех на својот кандидат на претседателските избори во летото 2025 година. Либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски, требаше да стане претседател и да ја отстрани политичката блокада. Но, тој план не функционираше. На изборите победи поддржувачот на Трамп, Карол Навроцки. Тој е уште подесничарски ориентиран од неговиот претходник Дуда и не крие дека сака да ја собори владата на Туск. Од почетокот на август, Навроцки веќе спречи усвојување на 17 закони со своето вето – речиси колку што имаше неговиот претходник за десет години. Реализиран само дел од изборните ветувања Доналд Туск, искусен во надворешната и внатрешната политика, сепак успеа да забележи некои успеси. Благодарение на неговите меѓународни контакти, тој ја заврши изолацијата на Полска во Европската Унија и ги нормализираше односите со најважните европски партнери, Германија и Франција. Тој постигна средствата за помош од времето на пандемијата на коронавирусот, кои Брисел ги блокираше, конечно да почнат да пристигнуваат во Полска – досега 93 милијарди злоти (околу 22 милијарди евра). И покрај високата задолженост, економијата силно расте. Сепак, Туск оствари само мал дел од своите предизборни ветувања. Ветувања како што се правото на абортус до дванаесеттата недела од бременоста или удвојувањето на ослободениот дел од приходот сè уште чекаат исполнување. Туск досега не успеа да ги протурка регистрираните животни партнерства, кои би важеле и за истополовите парови, бидејќи е пресилен отпорот на конзервативните сили во неговата сопствена коалиција. Со поместување кон десно во миграциската политика и построг пристап кон украинските воени бегалци, Туск се обиде да ја добие поддршката од конзервативните гласачи, но со тоа ги налути своите либерални поддржувачи. Построгиот тон кон Германија, особено барањето за обесштетување за сè уште живите жртви од Втората светска војна, требаше да ги негира обвинувањата на опозицијата дека дејствува во интерес на Германците. Мрачни перспективи пред парламентарните избори во 2027 година Пред неколку месеци, во медиумите се разгоре дискусија за тоа дали Туск треба предвреме да се пензионира за да се направи место за политички „непотрошен“ наследник, на пример министерот за надворешни работи, Радослав Сикорски. Но, Туск не размислува да се откаже. Неодамна, Туск успеа да ги добие симпатиите на своите сонародници затоа што Европската комисија ја ослободи Полска од обврската да прифаќа бегалци во рамките на механизмот за распределба во рамките на реформата на политиката за азил. Како свој успех, премиерот може да го наведе и брзото одобрување од Европската комисија за државни субвенции од милијарди за изградба на првата нуклеарна централа во Полска. „Успеавме!“, напиша тој на платформата Икс. Сепак, и покрај сè, две години по изборната победа, дури и медиумите блиски до Владата тонат во песимизам. „Требаше да биде поинаку“, коментираше Бартош Вјелински во „Газета Виборча“. Полска е „во политички клинч“, закана од стагнација, напиша заменик-главниот уредник. И покрај ова, Туск продолжува да биде борбен. „Ќе победиме на следните избори, за кражбата повторно да не стане принцип на дејствување на владата“, рече Туск неодамна во Варшава. „Резултатот од соништата од 40 проценти“ е на дофат – под услов да ја „изградиме Полска каква што сонуваат обичните луѓе“, заклучи полскиот премиер.Тагови: Доналд Туск Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ТехнологијаКолекционерско издание на „GTA 6“: За 400 долари добивате сè освен самата играАко се суди според огромната возбуда околу „Grand Theft Auto VI“, брзо се приближуваме кон еден од најголемите настани во светот на видеоигрите во последните неколку години.Новата „GTA“ ветува враќање на сè што ги направи автомобилите клучен дел од серијалот – од брзи потери и трки до уште подетални опции за прилагодување на возилата. Сето ова доаѓа со препознатливата мешавина од криминал, хаос и судири со законот, по кои станаа познати „Rockstar Games“. Сепак, иако очекувањата се огромни, најновата одлука на „Rockstar“ може да разочара дел од фановите. Компанијата претстави колекционерско издание насловено „The Goodtime State - Vice City Collection“, со висока цена од 399,99 долари. Проблемот е што во пакетот недостасува најважниот елемент: самата игра. Што добивате? „Rockstar“ ја претставува колекцијата како луксузен пакет со предмети за колекционери, инспириран од светот на „Vice City“. Таа содржи разновидни предмети, вклучувајќи очила за сонце „Oakley“, налепници, значки и мапа на Леонида – измислениот регион во кој се одвива дејството на „GTA VI“. Купувачите добиваат и бејзбол капа, фигура на маскотата на „Vice City“, чашка за жесток пијалак, торба за носење преку тело, приврзок за клучеви, стапче за мешање коктели и магнетно огледало. Иако колекцијата е очигледно наменета за сериозни колекционери, во кутијата нема да го најдете најважниот предмет: „GTA VI“. За самата игра, ќе треба да издвоите дополнителни 79,99 долари за стандардното издание или 99 долари за „Ultimate“ верзијата. Тоа значи дека купувачот што го сака целиот пакет ќе мора да плати речиси 480 или 500 долари, во зависност од изданието на играта. „GTA VI“ без физички диск Колекционерскиот сет пристигнува во време кога „Rockstar“ веќе предизвика реакции со одлуката „GTA VI“ да биде првиот голем AAA наслов на компанијата без традиционално издание на физички диск. Играта ќе биде достапна дигитално преку продавниците на „PlayStation“ и „Xbox“, додека физичките примероци во продавниците ќе содржат само код за преземање. Оваа одлука предизвика негативни реакции во дел од гејмерската заедница. Извршниот директор на „Take-Two Interactive“, Штраус Зелник, го бранеше овој пристап, тврдејќи дека физичките дискови веќе немаат голема смисла за потрошувачите. Ситуацијата е особено интересна за колекционерите. Тие сега можат да потрошат речиси 400 долари за кутија полна со предмети поврзани со играта, а сепак да не ја добијат самата игра во таа кутија. „Rockstar“ има направено нешто слично и претходно Сепак, ова не е првпат „Rockstar“ да продава колекционерска кутија без самата игра. Компанијата направи сличен потег во 2018 година со „Red Dead Redemption 2“, изданието „Collector's Box“ објавено тогаш, исто така, не содржеше примерок од играта. Разликата, сепак, беше во цената. Таа колекционерска кутија чинеше 99 долари – помалку од една четвртина од цената на новата „Vice City Collection“. Денес, оригиналните колекционерски кутии за „Red Dead Redemption 2“ можат да се најдат на „eBay“ по цени што надминуваат 700 долари, што покажува дека вредноста на ваквите производи може да порасне кај колекционерите со текот на времето. Сепак, останува фактот дека фановите на „GTA VI“, кои ги сакаат и колекционерските предмети и самата игра, ќе мора да ги купат одделно. Со цена од речиси 400 долари само за колекционерските предмети, „Rockstar“ очигледно цели кон најпосветените фанови на серијалот и кон колекционерите кои се подготвени да платат висока цена за предмети поврзани со еден од најочекуваните наслови во историјата на видеоигрите. Извор: Б92Тагови: GTA 6 Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Живот„Многу те сакам“: Лука Модриќ им ги разнежни срцата на фановите со нова објаваЛука Модриќ преку социјалните мрежи ѝ го честиташе деветтиот роденден на својата најмлада ќерка, Софија.По тој повод, хрватскиот фудбалер сподели неколку фотографии на кои се заедно, придружени со кратка и емотивна порака. На една од фотографиите, таткото и ќерката се насмеани додека позираат заедно, додека другите прикажуваат опуштени моменти од семејниот живот. На пример, на една фотографија се гледа како Софија седи на рамениците на татко ѝ, а на друга Модриќ ѝ помага да си ја исуши косата. „Среќен роденден на мојата прекрасна и многу посебна мала принцеза! Многу те сакам!“, напиша Модриќ. Најмладото од трите деца Софија е најмладото дете на Лука и неговата сопруга, Вања Модриќ. Покрај неа, тие имаат син, Иван, и ќерка, Ема. Лука и Вања стапија во брак во 2010 година, а една година подоцна ја прославија и црковната венчавка во Загреб. Модриќ честопати преку социјалните мрежи ги одбележува важните моменти од животот на своите деца, особено нивните родендени. Неговото семејство често го придружува на фудбалски настани. Сопругата и децата честопати го бодреле од трибините за време на клучни натпревари и му се придружувале во прославите по големите победи. Извор: Индекс.хрТагови: Лука Модриќ Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СветНов потег на Путин: Русите вежбаат со Кинезите, пристигна нуклеарно предупредувањеРускиот претседател Владимир Путин вчера присуствуваше на воена вежба на планините Урал, во која учествуваа војници од Кина и од неколку други земји.Путин го посети воениот полигон во регионот Чељабинск за да ја следи завршната фаза од вежбата „Центар-2026“. Вежбата се одржа во склоп на вежбата „Интеракција-2026“, спроведена од членките на Организацијата на Договорот за колективна безбедност – безбедносен сојуз предводен од Москва, составен од неколку поранешни советски републики. Путин изјави дека 47.000 војници учествуваат во вежбата „Центар-2026“, вежбајќи одбивање напади на 11 полигони и во Каспиското Море. Вежбата започна во понеделникот, а завршува денес. Путин предупреди дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград. „Околу 6.000 војници од Русија и од други земји учествуваа во завршната фаза на полигонот Чебаркул“, рече Путин. Тој додаде дека делегации од 55 земји учествувале како набљудувачи. Според извештаите на руските медиуми, во вежбата учествуваат воени единици од Белорусија, Киргистан и Таџикистан, заедно со војници од Кина, Монголија и Пакистан. За време на посетата, Путин изврши увид во различни видови вооружување, вклучително и новите беспилотни летала „Геран“ на млазен погон, кои руската војска ги користи во нападите врз Украина. Посетата на Путин уследи еден ден откако Русија го предупреди НАТО дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград, доколку некоја членка на воениот сојуз се обиде да ја отсече таа руска ексклава на западот на земјата од остатокот на Русија. Извор: Б92Тагови: Владимир Путин Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter