Двајца млади македонски државјани загинаа во сообраќајка во Италија

Македонското Министерство за надворешни работи потврди дека утрово двајца млади македонски граѓани загинале во сообраќајка што се случи во Пјаченца, Италија.

Според пишувањето на италијанскиот медиум ILPIAACENZA, во несреќата загинале Марија Витанова (25) и нејзиниот братучед Методи Витанов (26), кои биле во автмобил „рено клио". Автомобилот удрил во дрво и веднаш се запалил, па кога пристигнале спасувачите веќе било доцна.

Според италијанскиот медиум, станува збор за кобно место на кое за десет дена се случиле три сообраќајни несреќи со фатални последици.

Според пишувањето на некои медиуми и од тоа што се пренесува во Струмица, во сообраќајката загинале ќерката и внукот на македонскиот конзул во Италија, Стојан Витанов.

Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.

Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.

За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во партиското соопштение.

Претставничкиот дом сака да го казни Бајден за запирање на испораката на оружје за Израел

Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон со кој ќе се санкционира администрацијата на претседателот Џо Бајден доколку продолжи да ја блокира испораката на оружје за Израел за војната во Газа.

Предлог-законот беше одобрен синоќа со 224 гласа „за“ и 187 „против“, а доколку помине и во Сенатот, ќе го намали буџетот на Министерството за одбрана, Стејт департментот и Советот за национална безбедност доколку Бајден не ја испорача стопираната пратка.

Законот, чиј текст ја осудува одлуката на Бајден да ја блокира испораката на бомби во Израел, беше поддржан од 16 членови на Демократската партија. /МИА

Полицијата ја претресе куќата на атентаторот на словачкиот премиер

Словачката полиција изврши претрес во домот на мажот обвинет дека тешко го ранил премиерот Роберт Фицо, кој се уште е во болница на одделението за интензивна нега, објавија локалните медиуми.

Според снимките на ТВ каналот Маркиз, истражителите го однеле осомничениот напаѓач, облечен во панцир и шлем, во станот што го дели со неговата сопруга во градот Левице.

„Полицијата помина неколку часа во станот, оттаму го зеде компјутерот и документите“, објави приватниот ТВ канал.

Полицијата одби да го коментира текот на истрагата и не сака да го открие името на осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот пензионер Јурја Цинтулу.

Тој вчера беше обвинет за обид за убиство и напад кој полицијата го смета за „политички мотивиран“.

Премиерот Фицо беше нападнат завчера кога сакаше да ги поздрави насобраните на крајот од владината седница во градот Хандлови, на 80 километри од Левице. Фицо веднаш бил пренесен во болницата во Банска Бистрица, каде му била извршена петчасовна операција.

Новоизбраниот претседател Питер Пелегрини вчера рече дека премиерот се уште е во тешка состојба. Тој најави и дека во понеделник ќе заседава лекарскиот одбор за да одлучи за продолжување на лекувањето.

Нападот ја шокираше Словачка и ги поттикна стравувањата од натамошно насилство во високополаризираната земја, само неколку недели пред европските избори. /МИА

притисни ентер