Студијата, спроведена во 2019 година од страна на британскиот универзитет Плимут, открила 12 микропластични влакна на литар снег во областа Еверест. Најголемите количини (79 микропластични влакна на литар снег) биле пронајдени во основниот камп, каде се сместени експедициите во период до 40 дена.
Пронајдени се полиестерски, акрилни, најлонски и полипропиленски влакна, а истражувачите сугерираат дека потекнуваат од надворешната облека со високи перформанси што обично ја користат алпинистите, како и од шаторите и јажињата за качување што се користат во обидите за искачување на планината.
Водечки автор на студијата, др. Имоген Напер, во изјава за медиумите, посочува дека трагите од микропластика на Еверест е потсетник дека треба да се стори повеќе за да се заштити животната средина.
"Во текот на последните неколку години, откривме микропластика во примероците собрани низ целата планета - од Арктикот до нашите реки и длабоките мориња. Со тоа на ум, наоѓањето микропластика во близина на Монт Еверест е потсетник дека треба да сториме повеќе за да ја заштитиме животната средина", рече Напер. .
Монт Еверест некогаш беше парче недопрена природа, но планинарскиот туризам значително се зголеми во последните неколку години, по првото познато искачување во 1953 година. Бројни авантуристи од странство оставаат зад себе скршени шатори, остатоци од јажиња, пакувања со храна, празни шишиња, конзерви од пиво, шишиња со кислород и друг отпад.