Државниот и политичкиот врв со честитки за Велигден

Државниот и политичкиот врв упатија честитка до верниците по повод велигденските празници.

-Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата,– стои во честитката од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова која беше во Соборниот храм порача дека нема поголем празник од Велигден.

Премиерот на техничката влада Талат Џафери пак во честитката вели:

-Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност.

-Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, Истакнува во честитката собранискиот спикер Јован Митрески.

Честитки по повод Велигден и од лидерите на партиите. Претседателот на СДСМ димитар ковачевски пишува:

-Добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ – стои во честитката од лидерот на сдсм димитар ковачевски. Овие големи празници носат голема духовна сила, да ги празнуваме секогаш заедно, во радост и спокој.

Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи напиша:

-Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес.

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. /МИА

Во Украина стапи во сила законот за мобилизација

Во Украина денеска стапи во сила оспоруваниот закон за мобилизација, јавија светските агенции

Ова, како што наведуваат агенциите, се случува во момент додека Киев се обидува да го зголеми бројот на украински војници откако Русија започна нова офанзива која, според аналитичарите, може да ги доближи руските сили до вториот по големина град во Украина.

Законот ќе го олесни идентификувањето на секој регрут во земјата. Таа, исто така, обезбедува стимулации за воениот персонал, како што се парични бонуси или пари за купување дом или автомобил, што според некои политички набљудувачи, Украина не може да си ги дозволи.

Пратениците одложуваа со месеци и го усвоија законот во средината на април, една недела откако Украина ја намали возраста за повикување на воена служба од 27 на 25 години. /МИА

Едно лице загина, а шест се повредени во судири во либискиот град Завија

Најмалку едно лице загина денеска, а шест се повредени во жестоки судири во западниот либиски град Завија.

Учесниците во судирите биле повикани на прекин на огнот за да се спасат семејствата заробени во зоната на конфликтот, јави либиската телевизија Алахрар.

Али Ахнеш, шеф на огранокот на Црвената полумесечина Завија, изјави за телевизијата дека 10 семејства се евакуирани и повика на „прекин на огнот за евакуација на семејствата лоцирани во областите каде што се случија судирите“.

Волонтерите на Црвената полумесечина добија повици од семејства во конфликтните области кои бараа да бидат евакуирани, рече тој.

Засега не се знае кој учествувал во судирите ниту зошто дошло до судирите.

Либија е зафатена од немири по соборувањето и бруталниот атентат на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година./МИА

притисни ентер