Драгоцените икони од карпинскиот манастир - Канал 5

Драгоцените икони од карпинскиот манастир

 Скапоцена колекција на стари икони се наоѓа во Галеријата на икони во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово.

Драгоцените икони од карпинскиот манастир

Еден од најстарите експонати во Галеријата е карпинскиот иконостас, со празничните икони, крстот со сликано Распетие и царските двери, кои потекнуваат од 1606-тата година, потоа двете нафори, певницата и владичкиот престол.

Вљубениците во уметноста и верниците можат да ја разгледаат при постетата на храмот во строгиот центар на Куманово. Со најновите конзерваторски зафати на стручните лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје и НУ Музеј од Куманово од 2009 до 2011 се откриени старите фрески од 1592 година во наосот и олтарот, во древниот манастир Карпино, посветен на Воведение на Пресвета Богородица, во село Сув Орах, Кумановско.

Интарзираните предмети, двете нафори и певницата од седеф во техника на инкрустација и владичкиот престол со богато декориран наслон од дрво, се изработени кон средината на 17-тиот век. Екипите на кумановскиот музеј ги конзервираа во 2016 и 2017-та година и се достапни за јавноста во Галеријата на икони. Овие икони се богатство токму поради нивната старост. Останатите икони, освен една на свети Кирил Александриски од црквата „Св. Никола во Куманово“ од 18 век, потекнуваат од 19-тиот век, појаснуваат стручните од музејот.

Славица Крстиќ, советник историчар на уметност од музејот, вели дека експонатите од тој период, многу ретко се наоѓаат во Кумановско, освен сличните царски двери кои се наоѓаат во Двојната црква во Сув Орах. Постар иконостас во Кумановско нема сочувано.

- Во Галеријата е изложен првобитниот иконостас со седум празнични икони, царски двери во резба на дното и Голем крст, на врвот. Од дванаесетте празнични икони сочувани се седум: Лазарево воскресение, Преображение Христово, Влегување во Ерусалим, Распетие Христово, Оплакување Христово, Слегување во пеколот и Вознесение Христово“ - вели Крстиќ.

Според натписот во подножјето на големиот крст, иконостасот е изработен 1606-та година.. Од истиот иконостас, фрагментарно е сочувана престолната икона на света Богородица Одигитрија, фризот со бисти во медалјони на 12-те пророци, света Богородица и св. Јован Дамаскин, од илустрацијата Пророците те најавија, и резбарениот епистил со проширената Деисисна композиција, каде Христос е претставен на престол, фланикиран со св. Богородица и св. Јован Крстител и со по еден архангел од двете страни, како и по шест апостоли на престоли од двете страни, кои сега се наоѓаат на Постојаната поставка во Музејот на Македонија во Скопје. Епистилот е сличен со Деисисната плоча од Топличкиот манастир, Демирхисарско и од манастирот Зрзе, Прилепско.

Иконите се вредни и поради нивната старост за што сведочи и натписот под Големиот крст и точно се знае годината, но особена вредност имаат и по уметничката изработка на анонимниот зограф. Од тоа време се изработени и царските двери, со резба насликани со дводелна композиција Благовести. Авторот е анонимен, но припаѓа на слепченско резбарската школа.

- Над празничниот иконостас се наоѓа „змиски“ крст со Распетие Христово што е карактеристичен за црквите градени во тој период, но со особина која што во другите цркви ја нема. Овде се насликани риби во подножјето, најстариот христијански симбол, каде вообичаено се сликаат дракони, појаснува Крстиќ. Рибите се единствени од овој тип сочувани во Кумановско од пост-византискиот период, има слични, но наместо риби има насликано полжави, како што е во црквата Свети Никола во Трново, Кривопаланечко.

Манастирот Карпино „Воведение на пресвета Богородица“ првпат се споменува во евангелието на еромонахот Јоаникие, напишано во 1592 година, кое денеска се чува во црквата Никољац во Бијело Поље, Црна Гора, и во ракописниот апостол од 17. век кој се наоѓа во Народната библиотека во Белград, а некогаш му припаѓал на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Манастирот бил значаен книжевен и скрипторски центар во 16-тиот век, со 300 калуѓери, и имал активен верски живот до крајот на Втората светска војна. Поседувал богата манастирска библиотека, преку 60 книги и ракописи, кои подоцна биле однесени во Белград, Софија, Москва и други градови. Во почетокот на 19 век, од 1806 до 1812 година, тука творел нашиот игумен и книжевник Кирил Пејчиновиќ. Водејќи се од пишаните документи може да се каже дека манастирот Карпино бил изграден пред 1592 врз темели на постара црква од 14-тиот век, од која не е сочувано ништо. Се работи за споменик на културата од Османлискиот период, од крајот на 16-тиот век кој е заштитен со Закон за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија. До Карпинскиот манастир може да се стигне исклучиво со теренски возила поради непристапниот пат. Дел од неговите икони се достапни за јавноста во Галеријата на икони во храмот “Свети Никола“.

Домашните и странските туристи често ја посетуваат Галеријата, особено странските гости, кои знаат да ја ценат уметничката изработка на црковниот мобилијар. Радува фактот што голем интерес покажуваат и училиштата кои носат ученици и студенти кои имаат можност да ги видат вредните икони и црковни предмети создавани во поствизантискиот и преродбенскиот период во црквите и манастирите од Кумановско.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Тврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.

Српски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријави

Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан.

Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал.

Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред.

Што содржеше објавата

На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат.

Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена.

Обвинителството нареди истрага

Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Фридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.

Мерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространет

Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс.

Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“.

„Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој.

Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц.

Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно.

Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

„Срам за нашата земја“

Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија.

„Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Во неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.

Американски претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијата

Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс.

„За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен.

Што ќе се случи со окупираните територии?

Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања.

Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас.

Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања.

Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата.

Безбедносни гаранции за Украина

Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки.

Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена.

Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер