Дополнителни акции за чистење на шахтите и сливниците во Скопје поради најавата за дожд

Дополнителни акции за чистење на шахтите и сливниците во Скопје поради најавата за дожд и невреме.

ЈП Водовод и канализација – Скопје информира дека нивни екипи во изминатите денови и утрово на терен спроведуваат дополнителни акции за чистење на сливниците и шахтите, особено на критичните точки во Скопје, поради прогнозата за врнежи од дожд и засилен ветер.

Претпријатието соопшти дека покрај редовното одржување на атмосферската канализација, тимовите распределени по реони работат на рачно и машинско чистење на сливниците и шахтите за да се овозможи нејзина непречена функционалност.

-Апелираме до граѓаните, совесно и одговорно да се однесуваат кон канализациската линија, атмосферска и фекална, бидејќи таа не е депонија за одлагање на секаков тип отпад, кој пироднесува до затнување на линиите и при поголемо количество на вода дури и поплави, укажува ЈП Водовод и канализација – Скопје.

При чистење на атмосферската линија во изминатите денови, како што информира претпријатието, отстранети биле повеќе од 15 кубни метри отпад, што е дел од причините за намалување на протокот на вода во системот.

-Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје продолжуваат да работат во интерес на граѓаните на град Скопје и организирани во дежурни тимови остануваат на терен се додека не помине овој циклус на променлива временска прогноза проследена со силно невреме, се наведува во соопштението.

Средба Муцунски – Јовановиќ

Денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ.

На средбата беше констатирано дека двете земји одржуваат и негуваат одлични билатерални односи, со посебен фокус на развиената економска и трговска соработка. Притоа, беше поздравен фактот што Србија е наш петти најголем трговски партнер во 2023 година.

Како особено значајно прашање го оценија процесот на интегрирање на двете земји во ЕУ, што претставува гаранција за целокупната регионална и европска стабилност. Воедно, беше нагласено дека двете земји се залагаат за негување на добрососедските односи, што претставува значаен аспект во насока на постигнување напредок на полето на евроинтеграциите.

Соговорниците констатираа заемен интерес и посветеност за натамошно унапредување на билатералната, регионалната и соработката во меѓународните организации, во функција на нејзино збогатување со нови содржини во интерес на просперитетот, мирот и безбедноста на регионот и пошироко.

Воедно, ја реафирмираа солидната соработка и во делот на заштитата на националните малцинства во двете земји.

Хезболах тврди дека испукале над 200 ракети кон цели во Израел

Либанскиот Хезболах денеска објави дека истрелал повеќе од 200 ракети врз неколку воени бази во Израел како одговор на вчерашниот напад во кој загина еден од нивните команданти.

Денешниот напад на проиранската екстремистичка организација е еден од најголемите во повеќемесечниот конфликт долж либанско-израелската граница.

Израелската армија веднаш не го коментираше нападот, а во средата потврди дека го убиле Мохамед Намех Насер, кој раководел со една од трите регионални дивизии во јужен Либан.

Неколку часа подоцна, Хезболах истрела десетици ракети кон северниот дел на Израел и окупираната Голанска Висорамнина.

Во денешното соопштение на шиитскиот Хезболах беше прецизирано дека пет позиции биле цел на ракети од различен тип.

ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна дива депонија на ул. Џон Кенеди

Во текот на вчерашната ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа акција за отстранување обемна дива депонија лоцирана на улицата Џон Кенеди, во скопската општина Чаир, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“.

Во рамките на акцијата се подигнати и транспортирани 50 кубни метри непрописно одложен отпад, по што екипите на Претпријатието спроведоа и рачно миење на микролокацијата. Активностите беа реализирани во соработка со ЈП Паркови и зеленило.

Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена-Скопје го осудуваат тенденциозното непрописно исфрлање отпад на јавни и сообраќајни површини што во последниот период најчесто е забележано во непосредна близина на контејнерите наменети за одлагање на комуналниот отпад. Секое исфрлање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота.

притисни ентер