Донесени законските измени за трет анекс на Договорот за автопатот Кичево – Охрид

Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 65. седница едногласно со 55 гласови „за" го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.

Со законските измени ќе се овозможи склучување трет анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид заради потребата од дополнителен заем од 187 милиони евра за непредвидени градежни работи од основниот проект и дополнителни градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека во наредниот период ќе бидат надминати сите проблеми кои ги има автопатот Кичево – Охрид, а дел, како што рече, веќе се надминати. Тој се заблагодари на опозицијата за најавата дека ќе го поддржат третиот анекс на Договорот.

-Можеби беше потребен малку подолг временски период, но проблемите беа големи, а проектот комплетно промашен. Во основниот проект кој е правен за автопатот Кичево – Охрид клучки не се предвидени. Кога го видела тоа од претходната влада распишан е тендер за проектирање на клучките. Проектирани се осум клучки и една што е постоечка, а за изведбата согласно фидинг-црвената книга не смее да има тендери, бидејќи на трасата мора да продолжи да работи изведувачот што е избран, појасни Сугарески.

Хари Локвенец од СДСМ рече дека одлуката за проектирање на клучките е донесена во 2014 година и за тоа на изведувачот „Чакар партнерс" му се платени 40 милиони денари. Проектот за автопатот го оцени како криминален и рече дека изградбата ќе чини речиси 11 милиони евра по километар.

-Оваа влада заштеди 95 милиони евра. Преоктот за доработка по цените со кој првично е договарана изградбата на автопатот во износ од 411 милиони евра би чинел 282 милиони евра, а сега ќе чини 187 милиони евра, рече Локвенец.

Во реплика Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека цената на чинење на проектот од 411 се зголемува на 600 милиони евра, а осумте клучки и паралелниот пат не се дел од договорот со Синохидро. Додавањето на клучките е одлука на влада, но не било прецизирано кој да ги гради.

-Ако одеше овој проект со осумте клучки и паралелниот пат од Арбиново до Врбјани преку Претпријатието за државни патишта ќе беше објавен тендер. Предвидено беше да се градат со пари од Буџетот, а не со кинескиот кредит. Сега ќе се градат без тендерирање, а чинат најмалку 25 милиони евра една, рече Димовски.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини за непринципиелност и додаде дека кога министерот за транспорт беше координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието велеше дека изградбата на автопатот од Кичево до Охрид од 400 милиони евра е прескапа, а сега бара уште нови 200 милиони и плус уште три години да се гради.

– Ќе потрошите дополнителни 200 милиони евра без тендер, а ни велите дека ќе заштедите 150 милиони евра. Ако сте сигурни во себе што не отидовте на арбитража и да ги добиевте Кинезите и да кажевте дека проектот е комплетно промашен. Зошто година и пол ви стоеа патиштата и се пролонгираше изградбата. Во меѓувреме работниците заминаа во странство, рече Ѓорчев и праша зошто сега анексот оди по итна постапка.

Во реплика министерот Сугарески му рече дека само во две ставки сегашната власт договорила разлика од 40 милиони евра помалку. -Разликата меѓу старата и новата влада е 35 отсто. Кога е СДСМ на власт цената е 35 проценти пониска. Ако одевме на арбитража сигурно ќе изгубевме, бидејќи вашата власт создаде таква состојба, рече Сугарески.

Собранието без расправа со 62 глас „за" и еден „против"' го усвои и Законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од пратениците Томмислав Тунтев, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Неџбедин Каремани. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер