Дончев: Не е направен никаков криминал, немало контакт со шведската компанија

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека немало никаква злоупотреба во врска со шведската компанија, за која опозицијата го обвини дека заедно со министерот Филипче спречиле влез на оваа компанија во земјата.

Во интерес на пациентите, кои заслужуваат квалитетна дијализа , беше избрана компанија со најдобра понуда. Нема никаков криминал , ниту попречување за влез на компанијата ,,Диаверум", со која не сум имал директен контакт, туку само две писма до шведската амбасада, рече директорот на ФЗОМ , Ден Дончев на прес конференција во Владата.

Дончев децидно отфрли дека имал каков било контакт со Диаверум од Шведска, како што тврди поранешната сопственичка на Диамед, Вера Ивановска која поднесе кривични пријави против Дончев и министерот Венко Филипче.

Дончев ја презентираше историјата на целиот случај во врска со оваа компанија.

,,Во интерес на објективно информирање на јавноста, како директор на државната институција Фонд за здравствено осигурување, должен сум да одговорам на обвинувањата од бившите сопственици на Диамед. Денеска ќе Ви бидат презентирани сите документи, како и хронологијата на целиот случај Диамед Македонија.

Во 2013 година, Министерство за здравство спроведува тендерска постапка за доделување концесија за дијализа која дотогаш е правена во рамките на јавното здравство. Диамед Македонија и Систина ги добиваат концесиите иако немаат никакво претходно искуство со дијализа. Притоа, отфрлени се легитимни странки инвеститори.

Со концесијата се дадени следниве права:

Ексклузивност, односно монопол поделен по градови за вршење дијализа за двете фирми, за период од 20 години. Ваквиот монопол е спротивен на одредбите од ЕУ регулативата. Спротивен е и на Европската повелба за права на пациентите за правото на избор. Ниедна друга здравствена дејност нема монопол. Според договорот во 2014та, кај дијализите граѓаните немаат избор, и тоа во наредните 20 години.

На овие две приватни фирми им се гарантира минимална цена од 90 евра по дијализен третман. За Ваша информација сетот за дијализа денес изнесува само 25 евра по третман. Секако дека има и дополнителни трошоци. Инаку претходната цена во јавното здравство изнесувала околу 70 евра по третман.

Двете фирми ја превземаат од јавното здравство и функционалната опрема за дијализа без никаков надоместок. Ги превземаат и постоечките пациенти за дијализа, доделени на двете фирми по градови.

Значи од постоечката документација се гледа дека двете фирми добиле здравствен бизнис со минимално претходно искуство, минимални сопствени инвестиции, со гарантирани пациенти, со гарантирана цена и приход и гарантиран огромен профит.

Почитувани, иако двете фирми се домашни, тогашното Министерство за здравство се согласува во случај на спор местото на арбитража да биде Париз.

За споредба, на сериозни странски инвеститори во Северна Македонија им е определено место за арбитража да е судот во Скопје.

Ако во случај, “од кои било причини” Министерството за здравство предвреме го раскине договорот, Државата била обврзана да исплати договорена казна според утврдена формула. Според таа формула ако сега го раскинеме договорот со Диамед, треба да платиме 28 милиони евра.

Наспроти огромниот профит, единствена финансиска обврска на концесионерот Диамед е да му плаќа месечен надоместок од 7500 денари на Министерството за здравство! ПОВТОРУВАМ, СИМБОЛИЧНИ 125 ЕВРА МЕСЕЧНО!

Според документацијата, ДИАМЕД почнува да работи од 1 февруари 2014 година. Фондот за здравство на Диамед му исплаќа вкупно 42.500.000 евра до 31 декември 2018. Имајќи предвид дека бројот на пациенти за дијализа постојано расте, приходот кој Диамед може да го очекува од ФЗО до крајот на концесијата е минимум дополнителни 160 милиони евра. Значи, за 20 годишното време траење на концесијата Диамед ќе оствари најмалку 200 милиони евра приход од ФЗО.

Соочени со овие ПОРАЗИТЕЛНИ факти и одредби од договорите и концесијата, кои очигледно не ги штитат ниту државните интереси ниту интересите на пациентите со дијализа, Министерството за Здравство и ФЗО уште во ноември 2017та започнаа да ги разгледуваат условите и околностите под кои беа издадени концесиите за дијализа.

Истовремено, имавме информација дека на Ристо Новачевски, кум на некогашниот Премиер Никола Груевски и воедно брат на неговата лична секретарка, Диамед Македонија во периодот 2014 до 2017, му исплаќа вкупни износи од:

Плата од преку 10 милиони денари

Исплата на надоместоци околу 17 милиони денари

Разни готовински исплати од речиси 9 милиони денари.

Преку картичка на Диамед Македонија, лицето подига 12 милиони денари, кеш пари од банкомат.

Општо позната е поврзаноста на Ристо Новачевски со Никола Груевски. Логично се поставија прашањата:

Дали има судир на интереси или злоупотреба на службена положба и овластување при доделувањето на концесијата на Диамед Македонија?

По кој основ државата се задолжила да плаќа огромни штети на концесионерот доколку предвремено се прекине договорот ВО КОЈ БИЛО СЛУЧАЈ, а истовремено единствен финасиски надомест кој требало да се плаќа за концесијата изнесувало симболични 125 евра месечно?

Дали е легално или воопшто пожелно да се издава концесија која гарантира ексклузивен период од 20 години?

Дали имало злоупотреба на моќ или други нелегални дејства?

По кој основ се исплатени огромни средства на Ристо Новачевски?

Дали зад Вера Иванова всушност се кријат вистинските сопственици на Диамед Македонија?

Инаку, сопственичката структура на Диамед Македонија од нивниот почеток до април 2016 е Вера Иванова 50 посто и Метромед ДОО 50 насто.Сопственици на Метромед ДОО се повторно Вера Иванова со 50 посто и извесен Оливер Тодоров со 50 насто. Значи, во почетокот Диамед е 100 посто македонска фирма.

Интересно, во април 2016, кога започнува Вистината за Македонија или таканаречените бомби, следи промена на сопственичката структура при што Вера Иванова префрлува 25% од нејзиниот удел за симболичен износ на компанијата Смарт Холдинг Дубаи. Сопственик на Смарт Холдинг Дубаи се појавува Генерал Солушонс Лимитед, Panama Trustee фирма која беше во скандалот Panama papers. До денеска не се знае кој е конечен сопственик на панамската фирма.

Пред МЗ и ФЗО да имат шанса формално да започнат со истрагата за Диамед, во јануари 2018, Диаверум, компанија за дијализни услуги од Шведска, остваруваат средба со ФЗО и МЗ и не известуваат во нивната намера ја купат Диамед. Им препорачуваме и вербално и писмено преку Амбасадата на Шведска, дека МЗ и ФЗО имат намера да започнат истрага и ревизија околу начинот на кој еприватизирана дијализата, вклучувајќи ги меѓу другото и времетраењето на концесијата, цената и местото на арбитража.

По ова, Диаверум Шведска се повлекуваат од намерата за купување на Диамед.

Диамед Македонија продолжува да функционира нормално, но на 2ри јули 2018, Метромед ДОО го префрлува својот удел од 50% на Вера Иванова. Така, таа станува 75-постотен сопственик на Диамед, а Смарт Холдинг Дубаи останува со 25% сопственост. Конечно, на 18 август 2018 се врши уште едно префрлување на удел при што Смарт Холдинг Дубаи се стекнува со 75% сопственост во Диамед, додека Вера Иванова останува со 25%.

Од денешен аспект, знаејќи дека за неполни 7 недели по последниот трансфер на удел, 100% од уделот на Диамед се продава на Диаверум Шведска за околу 12 милиони евра, се поставува прашањето зошто Вера Иванова ги има правено сите овие трансакции при промена на сопственоста?

Дали намерата била да се избегне данок на капитална добивка имајќи предвид номиналните цени по кои се префрелни сите овие удели во споредба со конечната цена која Диаверум ја има платено?

Дали намреата била да се прикрие трагата на парите?

Дали ова е направено со цел вистинските сопственици на Смарт Холдинг (Панамската фирма) да можат да дојдат до парите без да се остави трага во Македонија на кој точно припаѓат тие пари?

Истрагата од Основното Јавно Обвенителство секако ќе треба да утврди вистинските мотиви за овие трансфери на удели.

При крај на октомври 2018, Диаверум повторно доаѓаат во Македонија и го известуваат Министерството за здравство и Премиеротдека имаат намера да ја купат Диамед Македонија и дека таа одлука е веќе донесена.

На 31 октомври 2018, МЗ писмено и детално директно го известува Диаверум дека под нормални околности, државата не би имала никаква инволвираност при трансакција помеѓу две приватни компании.

Но, случајот со Диамед Македонија е вонреден поради тоа што имаме разумен основ за сомнеж дека постојат криминални дејствија околу Диамед Македонија. Клучни два момента се: сомнежите за наместен и криминален тендерски процес при што е издадена 20 годишна ексклузивна концесија на Диамед и злоупотреба на службената положба и овластувањa на лица кои беа во врвот на власта. Се сомневаме дека некои од овие лица се вистински сопственици на Диамед, сокривајќи се зад други лица и офшор фирми. Писмото истовремено ги предупредува Диаверум за можните правни последици доколку истражните органи и судот ги потврдат овие наши сомнежи.

И покрај ова писмо, Диаверум го купува Диамед Македонија. Во ноември 2018та, Централен регистер уредно врши трансфер на сопственоста на Диамед од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум Шведска. Овде сакам да потенцирам дека Државата не правиникакви пречки при превземањето.

Диаверум префрлува 2,5 милиони евра на сметка на Вера Иванова во банка во Северна Македонија и 9 милиони евра на сметка на банка во Монако. Државата добива потврда од Монако дека истиот ден кога се префрлени парите на сметката во Монако, Ристо Новачевски на свое име отвора банкарска сметка во истата банка во Монако.

Брзо потоа, по барање на државните институции 2.5 милиони евра на сметката на Вера Иванова во Скопје и 9те милиони на сметката во Монако се замрзнати бидејќи се води предистражна постапка.

Сега дозволете ми визуелно да ви презентирам во кратки црти дел од законската документација која го потврдува горе изнесеното, бидејќи случајот е премногу сложен за да го презентираме со клишето и жаргоните во стилот на КИКИ и ФРИКИ од новинарски текст. Материјалот секако ќе ви биде доставен.

Да резимираме: Од сето изнесено, ФЗО и Министерството за здравство се обидоа да го предупредат Диаверум Шведска за потенцијалните правни последици по истрагата која следи.

- Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на Диаверум Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија.

- Тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон Државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9те милиони евра во Монако.

- Секако дека сите странски инвеститори се добредојдени во Република Северна Македонија. Но треба да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на Диамед се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт.

- Претходните сопственици на Диамед при продажба на концесија се стекнуваат со 12 милиони евра. За иронијата да биде поголема, 9 милиони евра ги префрлаат во странство со комплексна мрежа на трансакции криејќи се зад панамски фирми под изговор дека, цитирам: “Сакаат да инвестираат во странство!”.

На крај да потсетиме: единствена финансиска вредност што државата доби се исплата на 7 500 денари месечен надоместок кој за воља на вистината Диамед Македонија уредно ги плаќаше.

Борел: Во Газа се оствари најстрашното сценарио со гладот

Досега неисполнетите барања на меѓународната заедница мора да се исполнат: Резолуцијата 2728 мора да се спроведе целосно и веднаш. 

Според шефицата на Светската програма за храна (ВФП), Синди Мекејн, во Газа се оствари сценариото од кое најмногу стравуваме - има целосен глад на северот и тој се шири кон југот, соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

- Досега неисполнетите барања на меѓународната заедница мора да се исполнат: Резолуцијата 2728 мора да се спроведе целосно и веднаш. Итно е потребен прекин на огнот, за да се ослободат заложниците и да им се олесни состојбата на оние кои гладуваат, наведе Борел на Икс.

Тој нагласи дека недвосмислено го осудува лансирањето ракети од страна на Хамас и Исламски џихад кон израелската област Керем Шалом.

- Израел се уште има целосна обврска да одобри целосен, безбеден, брз и непречен пристап до хуманитарна помош на оние на кои им е потребна. Заедно со комесарот (за управување со кризи) Јанез Ленарчич ја поздравуваме незаменливата работа спроведена од страна на УНРВА и сите агенции на ОН, додаде Борел во објавата.

Луке Галески: Сигурно е само дека Македонија ќе биде повторно твоја

Муса Куса беше либиски разузнавач и подоцна еден од најактивните министри за надворешни работи на режимот на Гадафи. 

Тој беше ревносен бранител до последниот час на сите политики на системот, но пред да падне Гадафи го напушти и подоцна замина во егзил, прикажувајќи се за жртва, но и бранител на прозападните вредности против кои се бореше кога беше на државна функција. Во реалноста, ниту режимот на Гадафи го почитуваше и истиот го сметаа за грешка, ниту пак западните држави го сметаа за релевантен борец против тоа што Гадафи го претставуваше. Ова го пишувам затоа што многумина од власта, кои до последниот час го бранат неодбранливото, потребно е да го видат примерот во кој безмалку се претвараат, кога налудничаво произведуваат лаги, шпекулации и наметнуваат погрешни претстави.

Потребно е човек и во поразот да биде достоинствен, но очигледно овие денови истите оние кои се причина за тоа народот да биде незадоволен го загубија и тоа малку достоинство што им остана.

Како одговорен за Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и за кампањата, се чуствувам повикан да одговорам на сите оние прозивки кои во последно време доаѓаат од ДУИ и Бујар Османи дека кампањата и слоганот биле шовинистички, или пак оние од СДСМ дека Македонија повторно твоја, значело враќање на некаков режим… И сочекав да видам дали е ова најдоброто што можат да го произведат, но очигледно, тоа е единственото нешто што и можеа да го кажат, во отсуство на реален наратив.

Тврдењето на домашниот Муса Куса во обликот на Бујар дека ВМРО-ДПМНЕ има шовинистички слоган потекнува пред сè поради различното поимање и гледање на Македонија. Тој, на државата која го плаќа гледа како за туѓо ткиво, терајќи етноцентрична агенда која гледаме дека завршува во милионски грабеж грубо злоупотребувајќи ја судбината и на Албанците и на Македонците. А ние на Македонија гледаме како на наше единствено парче земја, едно исто небо, кое ги обединува сите луѓе што живеат во неа. И практично, Македонија повторно твоја е огледалото на неговата немоќ да се спротивстави на концептот кој го надминува она што досега го претставуваше ДУИ, партија која ја монополизираше темата, но и ја киднапира слободата да се говори за правата на Албанците од еден поинаков неполитички и чисто граѓански апсект, ним многу поважен. Затоа што, на крајот кога ќе се сведат сметките, не е важно колку Артан или Бујар ќе повторат ЕУ, ЕУ, туку колку ќе може народот да си ги плати сметките и да обезбеди пристојна живечка за своите семејства.

И ќе треба да им објаснат на Албанците како е можно тие да живеат со 200 денари на ден, а Артан и Бујар со по 2000 евра на ден. И колку да ја продуцираат темата на поделба на граѓанското ткиво и да јаваат на бранот на Македонци и Албанци, на западна и источна Македонија, на лев и десен брег на Вардар во Скопје, иако звучи клише, тие зборови ја потврдуваат вистината и овој пат дека нема ваша и наша, нема сдсмовска, вмровска, има само една Македонија.

И освен граѓаните ја злоупотребија и довербата на партнерите на државата кои и мислат добро на земјава, затоа што тоа е и систем на вредности и начин на живот, каков ние немаме и како оваа власт во заминување нема ниту намера да има и да застапува. Тоа го бараат и граѓаните. Власта кога ќе каже ЕУ, мисли на завеса со која го покрива срамот од криминалот, ние кога ќе кажеме ЕУ мислиме на вредности за кои ќе се бориме со аргументи и работа.

Што се однесува до тврдењата на СДСМ за наводно повторно враќање на режимот, за некакви си епски битки и отпор на СДСМ, од кои на крајот се сеќавањата за протестите за заштита на пеперутките во Пештани, кога денес молчат за Онкологија, а тогаш кога протестираа за кучето Идриз, кога денес молчат за 14 живи изгорени во модуларната болница во Тетово, Венко им е визионерот и најдобриот избор во 4та ИЕ, а тогаш протестираа за малечката Тамара, и тогаш кога славеа за укинатата радиодифузна такса, а денес кога си подмолчуваат за двоцифрената инфлација. И тогаш кога велеа дека ја бранеле слободата, а денес кога отворено се караат и се пресметуваат со медиуми и новинари… таквото лицемиерие секој ден одново им се удира од глава.

Исто како што е лицемерие да се говори за режим, а толку гласно, ревносно, со воодушевување и изразена насмевка на лицето како стрип јунак од Монти Пајтон, Ковачевски аплаудираше на отворањето на новата зграда на Стариот Театар. Исто како што е вештачка и неприродна наметнатата амнезија дека ДУИ, денес најдобриот партнер на СДСМ, тогаш беа власт во тој период и се дел од сите одлуки врз кои денес го градат тој мит. И на крајот, ставовите за борба против некаков режим, седум години потоа, се тотално ирелевантни, затоа што вистинското и суштинско прашање е како се живее денес. Проблемот е што денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден, системот што е создаден да служи на народот, служи на стотина луѓе од власта.

И го немате правото за да говорите за слобода и демократија, затоа што во времињата кога најмногу говоревте за правда и право, тогаш најмногу крадевте и во исто време ја газевте правдата. Затоа што го посеавте семето на злото, и тоа во моментите кога малтретиравте стотина луѓе по судови, кога внесувавте прво во пртивори, а дури потоа измислувавте обвиненија, и кога главните ликови на криминалот се нечепнати, а лисиците на обични граѓани го викавте „еве дојде живтот“. И за себе ја задоволувавте суетата, а го храневте гневот кај сите останати кога малтретиравте луѓе со милион истраги од кои не произлезе ништо, и тогаш кога се удиравте во гради дека ќе ја згаснете ВМРО, а вашите апологети безобѕирно го хранеа вашето его ситејќи се над туѓите несреќи. Прашајте ги и тие луѓе од медиумите кои ги малтретиравте со истраги и обвиненија, кои ги етикетиравте и бесрамно жигосувавте, а и тие кои тогаш силно ве поддржуваа дали ги направивте вистински среќни или по малку направивте да се срамат од вас. Да не зборувам оние кои пак грубо и денес ги злоупотребивте и на кои гледате како на производна машина за лажни вести од вашиот штаб.

Затоа и жестоко ќе изгубите. И нема да ве спасат не само некакви фалсификувани документи или оперативни планови со кои влеговте во кампањата, ниту 100-тина Асафци или какви и други мешетари кои ви даваат совети од кои треба да си ги побарате парите што ви ги земале, затоа што оваа ваша кампања не само што има спот во кој Ковачевски го промашува голот, туку во својата суштина со своите пораки жестоко го иритира народот и го потсетува зошто треба да ве казнат.

И не заборавајте, бранот што сега ви се случува започна и во моментите кога пред неколку години неколкумина од нас ви протестираа на улиците за штетните договори а вие молчевте, кога ВМРО правеше маршеви и велеше не го слушате народот, државата ја уништувавте, а вие седнати во авиончето лажевте дека сте донеле датум за преговори. Почнавте да паѓате кога арогантно започнавте да се карате и со медиумите, кога мислевте дека можете да удрите и по образованието, да крадете и од печатење на учебници кои ги нема, и да оставате пациенти без лекови и да ги малтретирате докторите и дека сево ова ќе помине. Чекајте го бранот на промени, тој ќе дојде на 8-ми.

И тој револт на народот нема да биде само поради купувањето на Соравија од голобрадо дете, или поради делењето на шамарите во контролата на летањето. Ова се само последните скандали во редицата скандали и криминали поради кои ќе паднете. А имаше безбројно многу. Револтот е и поради името, и поради договорот со Бугарија, и поради модуларната болница, и поради тендерите во РЕК, фалсификуваните пасоши, поради крвавите раце на министрите во здравството… Сметката е отворена, а наплата се собира.

Македонија повторно твоја е и концепт кој укажува на тоа дека државата создадена за народот во моментот ја нема, не функционира и е киднапирана од стотина политичари на ДУИ и СДСМ, а сите останати се од втор ред. Овој концепт е едноставна рефлексија на тоа што е гола реалност, но и дека ВМРО-ДПМНЕ мора да учи од грешките на сите минати власти и не смее да ги повторува, затоа што народот не смее да се изневери. Овој концепт го нуди сето ова, додека власта не го согледува бидејќи е длабоко забраздена и надвор од реалноста.

Народот е мудар и доаѓа време на надеж и верба во принципи и вредности кои мора да победат. Испораката е на 8-ми мај. Останете така. Следува одговорност. Сигурно е само дека Македонија се враќа кај народот.

Отворено писмо до јавноста од Луке Галески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ВМРО-ДПМНЕ.

Осум каратисти на Макпетрол ќе учествуваат на Европскиот шампионат во Хрватска

Осум членови на карате клубот Макпетрол ќе се натпреваруваат на најсилниот турнир на континетот што ќе се одржи во Задар од 8 до 12 мај. 

Тие изминативе денови одржаа интензивни подготовки во Струга, а по нивното успешно комплетирање, заминаа за Хрватска.

Пет спортисти од вкупно осум, кои се повикани за националниот тим, ќе настапат во поединечните категории во дисциплината кумите, а тоа се: Петар Заборски (-75кг.), Петар Спасеновски (-84кг.), Данило Божовиќ (+84 кг.), Симона Заборска (-55кг.) и Ангела Мојсовска (-68кг.) За дисциплините борби во екипна конкуренција се повикани: Викторија Јовановска, Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ.

Сите горенаведени натпреварувачи, кои ќе настапат во поединечна конкуренција за македоднската препрезентација се пријавени и во екипна конкуренција во составите на машкиот и женскиот кумите тим за Европското првенство во Задар.

- Во реализацијата на програмата за успешна подготвеност, нашите сениори од самиот почеток на годината, учествуваа на сите највисоко рангирани првенства и светските карате премиер лиги. Завршните подготовки, исто така, се многу значаен сегмент за правилно темпирање на формата, како финален дел од планот за подготвеност на спортистите за овој шампионат. Со малку спортска среќа, која секогаш е неопходна, очекуваме да имаме и добар настап на ова највисоко рангирано континентално првенство за оваа година, изјави Бошко Заборски, тренер на Макпетрол.

На Европското првенство во Задар, пријавени се 600 спортисти од 50 држави.

притисни ентер