Домашните телевизии остануваат на „програмата" на операторите, одложен најавениот прекин за реемитување

Одлуката за одлагање на прекинот на реемитувањето, како што соопшти владината прес-служба, е донесена со оглед на можностите што се гледаат во изнаоѓање решение во скоро време.

Стапувањето во сила на одлуката на Здружението на информатичко-комуникациските технологии за прекин на реемитување на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март на полноќ, со исклучок на каналите на јавниот сервис МТВ1, МТВ2 и собранискиот канал, е одложено.

Ваквата одлука е донесена по вчерашната средба на премиерот Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски со претставници на Здружението на информатичко-комуникациски технологии, кое ги обединува сите телевизиски оператори.

Одлуката за одлагање на прекинот на реемитувањето, како што соопшти владината прес-служба, е донесена со оглед на можностите што се гледаат во изнаоѓање решение во скоро време, како и свесноста од сите страни за решавање на прашањето, согласно интересот на државата и на граѓаните.

Одлуката за прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, Здружението на информатичко-комуникациските технологии ја донесе во четвртокот, со цел, како што соопшти, за да се остави простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните.

Операторите најавија дека прекинот на реемитување на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила, според нив, спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија.

Ваквата одлука на членките на Здружението на ИКТ уследи по последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), кои според нив биле донесени нетранспарентно и избрзано и со кои на операторите им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат.

Петте национални телевизии здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), ваквата најава за прекин на реемитување на сите ТВ канали, со исклучок на тие на јавниот сервис, ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.

Тие апелираа операторите да ја преиспитаат најавата, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период.

Претставниците на ММА на прес-конференција соопштија дека гарантираат за авторските права на нивните програми и истакнуваат дека се задоволни што конечно по 30 години се прави обид да се воведе ред во таа област.

– Најавата од кабелските оператори и А1 и Телеком за исклучување на сите канали во нивните телекомуникациски мрежи е апсурдна, неразбирлива. Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би не исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори, евентуално раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори, рече на прес-конференцијата претседателот на ММА, Атанас Кировски.

Тој укажа дека операторите имале една година да се прилагодат на стапувањето во сила на Законот, што беше донесен во 2018 година и за кој имаше јавна расправа и беше објавен на ЕНЕР. Според него, не е точно дека измените се донесени во нетранспарентна и брза постапка од Собранието, кое изгласа само укинување на делот со кој се предвидуваше дека законот ќе стапи во сила 60 дена по конституирање на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, што не се случи.

Кировски оцени дека изјавата на претседателот на АВМУ, Зоран Трајчевски дека законот е донесен во брза и нетранспарентна постапка е политичка и оти со тоа тој се става над Собранието и треба да поднесе оставка.

Инаку, на 21 месецов повеќе оператори поднесоа заедничка Иницијатива до Уставниот суд за поништување на, според нив, спорните одредби како неуставни и побараа донесување времена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени, поради нивна неуставност. /МИА

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Фидановски гостува во Вараждин

 Уметникот Филип Фидановски ќе ја претстави својата изложба „Пикасо, можеби јас“ во Вараждин, во организација на Друштвото на керамичари на Хрватска.

Оваа изложба на Фидановски досега беше поставена во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, а за гостувањето во Хрватска е надополнета со нови дела на авторот изработени во 2024 година.

-Хрватската јавност ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо, наведува Фидановски за изложбата во Вараждин каде што ќе биде отворена до 5 јуни 2024.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи. /МИА

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

притисни ентер