ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен економски пристап - Канал 5

ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен економски пристап

ДОМ дава поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.

ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен економски пристап

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците. Во таа насока, ДОМ дава поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.

Истовремено, сметаме дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни во тој домен. Потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, вклучително и можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата што може да ја намали реалната вредност и на таа повисока плата.

Ова прашање отвора и пошироки структурни предизвици на пазарот на труд кои мора да се адресираат како дел од суштинско и долгорочно решение. Факт е дека во Македонија постојат и структурни искривувања на пазарот на труд кои мора да се адресираат: различни модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеност меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.

Ниските плати и сиромаштијата се реален и сериозен проблем, но решенијата треба да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.

Сметаме дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите. Ова е надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните. Во таа смисла уште еднаш изразуваме поддршка на барањата на синдикатите и ги повикуваме сите општествени и политички чинители да седнат на маса и да обезбедат системско и праведно решение кое ќе го поддржи животниот стандард на сите граѓани, но и целокупниот економски развој на нашата држава.

ДОМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Валерија Дамчевска победничка на „Поетски слем Македонија“

Слем-поетестата Валерија Дамчевска е победничка на годинешното издание на „Поетски слем Македонија“ - 2026, кое од 8 до 11 октомври по 16. пат се одржува во Прилеп.

Валерија Дамчевска победничка на „Поетски слем Македонија“

За гласовите беше задолжена петчлена жири-комисија, а второто место го освои Стефанија Граовац, додека третото место му припадна на Матеј Петров.

Дамчевска доби подарок часовник од брендот „11и11“, а следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.

На годинешниот слем, се претставија десетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела.

Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на ДЛУМ-Битола во НУЦК „Марко Цепенков“.

Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на неколку книги поезија од авторите Елена Пренџова, Сузана Мицевска, Марија Грубор, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), кој заедно со „Хот џез оркестра“ синоќа одржаа врвен поетски концерт во киното „Мис Стон“.

Фестивалот годинава пулсираше во африкански ритам, а за тоа продонесоа специјалните гостинки од Мозамбик - Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре.

Денес е последниот фестивалски ден, а учесниците имаа можност да присуствуваат на поетско читање на манастирот Трескавец.

Фестивалот ќе заврши вечерва со поетско читање посветено на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот.

„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.

Дизајнотот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

о. Битола: Одбележан „11 Октомври“ – денот на народното востание

Денес на големиот македонски празник „11 Октомври“ кој е симбол на македонската борба за слобода, во име на градоначалникот на Општина Битола свежо цвеќе положи и се поклони претседателот на Советот Бојан Бојкоски.

о. Битола: Одбележан „11 Октомври“ – денот на народното востание

Пред споменикот на НОАВМ свежо цвеќе положија и претставници на Советот на Општина Битола, претставници на Општинскиот сојуз на борци, претставници на политичките партии, како и здруженија на граѓани, оддавајки им почит на сите народни херои кои ги положија своите животи за слободна и независна Македонија.

11 октомври 1941 година е настан од клучен историски момент, односно синоним за отпорот на македонскиот народ, датум кој симболизира официјален почеток на Народноослободителната и антифашистичка војна. Тој е важен темел во борбата за самобитност и самостојност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Николоски од Прилеп: 11 Октомври е денот кога македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата

„Од овде, од Прилеп, сакам да го честитам 11 Октомври – денот кога македонскиот народ покажа дека е на вистинската страна на историјата, кога се крена против најголемото зло што тогаш ја разградуваше Европа и целиот свет – фашизмот.

Николоски од Прилеп: 11 Октомври е денот кога македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, по повод 11 Октомври- Денот на народното востание, денеска во Прилеп положи свежо цвеќе пред спомен-обележјата на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу и на Могилата на непобедените, оддавајќи им почит на сите оние кои се бореле против фашизмот и придонеле за создавањето на македонската држава. По повод празникот, Николоски упати честитка до граѓаните на Македонија, истакнувајќи го историското значење на 11 Октомври и жртвата на македонскиот народ во борбата за слобода.

„Од овде, од Прилеп, сакам да го честитам 11 Октомври – денот кога македонскиот народ покажа дека е на вистинската страна на историјата, кога се крена против најголемото зло што тогаш ја разградуваше Европа и целиот свет – фашизмот. Со својата жртва и со својот пример, покажа дека заслужува држава, заслужува слобода и дека е на страната на оние што ќе бидат победници во Втората светска војна“, порача Николоски.

Тој нагласи дека жртвата на борците е длабоко вкоренета во создавањето на македонската држава и дека слободата во која денес живеат граѓаните е резултат на нивната пожртвуваност.

„Таа жртва длабоко е вкоренета во создавањето на македонската држава, без таа жртва немаше да постои самостојна и независна Македонија, и без таа жртва денеска немаше да ги уживаме плодовите на слободата. Затоа треба да се потсетуваме на истата, и да не мислиме дека е нешто далечно, нешто што се случило одамна и нешто на кое треба да се потсетуваме само кога е годишнина, туку да се потсетуваме постојано, затоа што Македонија и денес е под силни напади. И денеска многумина не и' мислат добро на Македонија, и денеска се повампируваат одредени идеи, кои не значат самостојност и самобитност на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската нација, култура и македонската држава“, истакна Николоски.

Во своето обраќање, тој посочи дека македонската држава има јасен политичко-правен и историски континуитет, нагласувајќи ја потребата од негово зачувување, при што, како што рече вицепремиерот, државата, но и сите ние мора да одолееме на сите предизвици коишто се случуваат, и на сите негирања и искривувања на историјата коишто некој сака да ги направи.

Одбележувањето на 11 Октомври во Прилеп, градот од каде што започна вооруженото востание во 1941 година, претставува потсетување на историското значење на борбата против фашизмот и на жртвата на генерациите кои се изборија за слободата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер