Џафери нема да чувствува одговорност доколку Вељаноски избега

Талат Џафери на брифинг со новинарите, тврдеше дека немало што да се стави на гласање оти немало заклучок од Комисијата за мандатно – имунитетни прашања.

Повикувајќи се на Деловникот за работа, собранискиот спикер Талат Џафери во врска со ситуацијата околу одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски, на брифинг со новинарите, тврдеше дека немало што да се стави на гласање оти немало заклучок од Комисијата за мандатно – имунитетни прашања.

Околу причините за прекин на седницата го повтори ставот дека тоа било поради однесувањето на пратеникот Мухамед Зеќири.

Но на снимката од седницата во неделата вечерта во расправија со координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски, се слуша Џафери како вели дека треба да се помине на гласање.

За можноста за бегство на Трајко Вељаноски кому не му беше одземен имунитетот, одговорноста рече дека не може да се бара во Парламентот, туку кај судот, наспроти тврдењата на обвинителката Вилма Рускоска која рече дека Собранието ќе биде одговорно доколку се вдадат во бегство осомничените пратеници.

Одговорноста за евентуално бегство на осомничените пратеници ќе биде кај Судот. Тој треба да го обезбеди присуството на сите осомничени и обвинети.

Во Кривичниот суд пристигнало известувањето до судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ дека не биле создадени услови за одземање на имунитетот на Вељаноски за кој обвинителката Рускоска побара притвор откако го стави на листата осомничени за организирање на упадот во Собрание на 27 април 2017.

Реџепагиќ вели дека судот не може повторно да бара симнување на пратенички имунитет, но обвинителството може со други мерки да го обезбеди неговото присуство. Во меѓувреме постапката против Вељаноски, но и против пратеникот Љупчо Димовски на кој исто така му останува имунитетот, продолжува.

Истрагите за Вељаноски и за Димовски продолжуваат со нивно повикување на распит. Недоаѓање на распит по уредно примена судска покана повлекува наредба за нивно стражарно приведување.

Јас ќе и го доставам на обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ова известување од Собранието, а кои ќе бидат нејзините чекори натаму, не знам.

Дали ќе се бараат други мерки за Вељаноски и Димовски обвинителството допрва ќе прави проценка. Што се однесува до потегот на Џафери пак, и покрај обвинувањата на СДСМ, засега партијата не се одлучува да поднесе интерпелација.

Излезе од печат поетската збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на 11. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се содржани 56 автори со по едно дело.

Годинава, на единаесетотто издание на фестивалот во конкуренција влегоа 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Од песните кои прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 највисоко оценети автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

- Со благодарност и пожелание да ја слават, но и читаат поезијата, во оваа збирка ви отвораме срдечен простор за прочит на сите автори што ги споделија со нас нивните искрени интимни поетски, истакнува претседателката на жири комисијата Д-р Наташа Сарџоска во освртот за збирката.

Во оваа збирка има автори од Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Албанија и Црна Гора, Босна и Херцеговина сите на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски јазик. Организаторот и проектен координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на единаесеттото фестивалско издание се при крај. Таа упати отоворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите промоцијата на заедничката поетска збирка.

Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”,Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по единаесетти пат. /МИА

Зеленски: Од примирјето за време на ЛОИ корист ќе има само Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека ја отфрлил идејата на шефот на француската држава Емануиел Макрон за „примирје“ со Русија за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

Според Зеленски примирјето „ќе му користи на непријателот“.

- Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на (рускиот претседател Владимир) Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да донесе трупи на нашата територија, посочи Зеленски.

Макрон се залага за примирје ширум светот за време на Летните олимписки игри, што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Зеленски во интервјуто за АФП наведе и дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

- Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје. Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

- Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

- Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Поплави и свлечишта во германската провинција Сар

Обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во западната германска покраина Сар. Поради надојдената вода евакуирани се жителите од неколку згради.

Според Германската метеоролошка служба во Сар вчера наврнале повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар за помалку од 24 часа.

Според досегашните информации, во силното невреме нема жртви, а при евакуацијата едно лице е повредено.

Голем број патишта во Сар сè уште се затворени, а ограничен е и железничкиот сообраќај.

Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц најави дека ќе ја посети поплавената област.

Поради обилните дождови зголемена е готовност и на надлежните служби и во Саксонија, Тирингија и Баварија./МИА

притисни ентер