Дибала потпиша до 2025 за Јувентус,ќе биде втор најплатен по Роналдо

Пауло Дибала наскоро треба да потпише продолжување на договорот со Јувентус.

Тутоспорт пишува дека аргентинскиот фудбалер ќе стане втор најплатен играч на Јувентус со годишна плата од 10 милиони евра, според новиот тригодишен договор.

Плата исто така може да се зголеми ако врз основицата се вклучени бонуси, како што се индивидуални награди, број на голови или освоени титули со клубот.

Дибала во моментов има договор со Јувентус до 2022 година, а италијанскиот шампион сака да го врзе за себе поради зголемениот интерес на Манчестер Јунајтед, Барселона и Реал Мадрид.

Покрај тоа, новиот тренер Андреа Пирло го гледа Дибала како едно од најважните тркала за неговиот иден Јувентус. Кога на Дибала ќе му заврши новиот договор со Јувентус, ќе има 31 година.

Сончево и топло преку ден, утринските температури ниски

Сончево време со мала до умерена локална облачност ќе преовладува денеска во земјава. ќе дува и слаб до умерен ветер од променлив правец.

За денеска, според метеоролозите, утринската температура ќе се движи од 6 до 16 степени, а дневната од 24 до 29 степени.

Слично време ќе преовладува и во Скопје каде утринската температура ќе се спушти до 13-тиот степен, а дневната ќе се искачи до 28-тиот степен.

Се најавува период на претежно стабилно време но со ниски утрински температури. Во вторник и во среда во западните делови можна е појава на нестабилна облачност со повремен дожд и ретки грмежи.

Oдбележување на Европска недела на мобилност во Скопје

Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност денеска кај Школка во Градскиот парк ќе се одржи настан „Вело Родео" во организација на здружението на граѓани „Еко Логик".

Настанот е поддржан од Делегацијата на Европската унија во Скопје, а право на учество имаат учениците од 4 до 9 одделение од основните училишта кои имаат желба да возат велосипед и едукативно да се забавуваат.

Програмата вклучува едукативни игри како „Еко Не лути се човече" (во реална големина), „Вело Меморија" (мега верзија, карти и онлјан апликација), Еко квиз, Вело Маало,Твистер, покажување и унапредување на велосипедските вештини, творење во рамки на креативна работилница и други изненадувања и активности.

Поради пандемијата со Ковид-19, организаторите најавуваат дека настанот ќе се одржува согласно официјалниот протокол за организирање на јавни настани со целосно почитување на здравствените мерки.

Европската недела на мобилност, која традиционално секоја година се одбележува од 16 до 22 септември, годинава се одржува под мотото „Мобилност со 0 емисии за сите".

Зголемен процентот на позитивни случаи од вкупниот број направени тестови, се прави анализа на причините

Изминативе три дена е зголемен процентот на позитивни случаи на Ковид-19 од вкупниот број на направени тестови. 

Според министерот за здравство Венко Филипче имавме тренд на опаѓање од 10 проценти, стигнавме донекаде 6,5, а сега е околу осум.

Министерот вчера информира дека деновиве се прават анализи за зголемениот процент на позитивни случаи што ќе продолжи и викендов. Таа анализа, според него, ќе заврши најверојатно во понеделник или во следните први денови од неделата и врз основа на тие проценки ќе кажат на што се должи и дали треба евентуално нешто дополнително да се преземе.

– Секаде каде што има нови случаи, превентивните мерки не се почитувани. Мора сите да сфатат дека така ќе живееме и само така ќе се заштитиме. Само со придржување до превентивните мерки можеме да излеземе од кризата, нагласи вчера Филипче.

Во однос на барањето на родителите на деца до шест години министерот рече дека доволно време траеја сите мерки што се имплементираа во однос на продолжување на породилното отсуство, практично шест месеци.

-Ги укажаа нивните барања, ги слушнавме нивните аргументи и остануваме и понатаму во континуирана комуникација. Во однос на градинките развиени е алгоритми како и што се поставува кога ќе се дијагностицира дете, направени се протоколи за работи. И морам да кажам дека секојдневно ја следиме ситуацијата, рече министерот.

Во меѓувреме директорот на струмичката градинка, Васил Бубев изјави дека уште две деца од градинката од истата група од која е првото, се позитивни на Ковид-19.

-Не може да се потврди дека станува збор за поврзаност со првиот случај на Ковид- 19 во групата, бидејќи едното од децата воопшто не се сретнало со првото позитивно дете, додека другото било во контакт само еден ден. Не е исклучена можноста да станува збор за пренос на вирусот од други лица во кругот на семејствата кои можеби се носители на вирусот, но се асимптоматски, изјави директорот Бубев. Единаесетте деца од оваа група и тројца вработени се во изолација.

Во претходното деноноќие беа регистрирани 140 нови случаи на Ковид-19. Најмногу во Скопје-47, по што следуваат Куманово со 18 и Тетово со 15. Во останатите градови регистрирана е едноцифрена бројка на заболени.

Во Прилеп има седум нови случаи, во Кочани-пет, Гевгелија, Струмица и Радовиш по четири, Штип, Струга, Велес, Битола, Гостивар, Берово и Свети Николе по три, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Делчево, Кичево и Ресен по двајца, и во Охрид, Крушево и Македонски Брод по еден случај.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 60 оздравени пациенти од кои во Скопје-25, Куманово-девет, Кочани-шест, Штип, Струга, Пехчево по три, Прилеп, Охрид, Кавадарци и Кичево по двајца, Крива Паланка, Берово и Делчево по еден оздравен пациент.

Починаа шест лица – тројца пациенти се од Скопје на 84, 73 и 74 години, двајца од Тетово на 68 и 55 години и еден пациент од Струга на 62-годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 78 пациенти. На кислородна поддршка се 43 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле хоспитализирани се четири деца и четири мајки позитивни на Ковид-19, пет деца и пет мајки суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" вкупно хоспитализирани се 31 пациент. На респираторна машина е еден пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 22, а во болницата во Штип се хоспитализирани 43 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 160, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 16 557, бројката на оздравени пациенти е 13 792, на починати е 689. Во моментов активни се 2076 активни случаи. /МИА

притисни ентер