Деми Мур: Ќе беше навистина прекрасно да добиев „Оскар“ - Канал 5

Деми Мур: Ќе беше навистина прекрасно да добиев „Оскар“

Американската глумица Деми Мур проговори за губењето на „Оскарот“ за најдобра женска главна улога оваа година, не криејќи го разочарувањето... 

Деми Мур: Ќе беше навистина прекрасно да добиев „Оскар“

Имено, престижното филмско одличје, наместо нејзе, ѝ припадна на Мајки Медисон за „Анора“, потсеќа „Дејли мејл“ (Daily Mail).

Оваа година, Мур освои „Златен глобус“, „БАФТА“, како и „Наградата на здружението на филмски глумци (САГ)“ за нејзината улога во филмот „Супстанција“ (The Substance) во режија на Корали Фаржа. За таа улога следеа и претходеа десетици други признанија, но не и „Оскарот“. Но, актерката, која е на почетокот од седмото десетлетие од својот живот, тврди дека и претходно веќе претчувствувала дека Медисон ќе победи, па дури и „му го шепнала тоа“ на филмскиот продуцент Џејсон Вајнберг, како што вели.

YouTube video

- Не знам зошто, но го знаев тоа. Бев потполно смирена и прибрана. Не бев уништена. Не чувствував ништо од тие тешки емоции. Само имав верба, и сè уште имам, во сѐ што и допрва ќе се случи, изјави Мур.

Таа досега не е наградена со ниту еден „Оскар“, а овогодишната ѝ е единствена номинација во кариерата.

- Секако дека физичкиот, човечки дел од мене кој има его, се чувствува разочаран. Ќе беше навистина прекрасно да победев, призна Мур.

Наредните месеци, Деми, на снимањето во Тексас ќе ја повтори улогата во втората сезона на „Лендмен“ (Landman). Нејзината помлада колешка, пак, „оскаровката“ Медисон допрва треба да објави нови проекти, а неодамна ја одби главната улога во новиот филм „Војна на ѕвездите“ во режија на Шон Леви, во којшто главната улога ќе ја глуми Рајан Гослинг.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Голден Стејт убедлив против „Њу Орлеанс, „пеликаните“ декласирани со 138-87

„Вориорс“ победија со 51 поен разлика!

Голден Стејт убедлив против „Њу Орлеанс, „пеликаните“ декласирани со 138-87

Кошаркарите на „Голден Стејт Вориорс“ утринава ја продолжија својата импресивна победничка серија, совладувајќи ги „Њу Орлеанс Пеликанс“ со убедливи 138:87 .

Тимот од Сан Франциско победи со разлика од дури 51 поен, што претставува и најголема победа на кој било НБА-тим сезонава.

Инаку, ова е осма победа во низа за „Вориорс“, кои ја започнаа сезоната со три порази, а сега се во одлична форма.

Од друга страна, „Пеликанс“ го доживеаја најубедливиот пораз во историјата на франшизата.

Стеф Кари беше еден од најзаслужните за новата победа со постигнати 25 поени, иако на теренот помина нешто повеќе од 20 минути. Тој погоди четири тројки од десет обиди, а во текот на натпреварот го престигна Демар Дерозан и се искачи на 16-тото место на вечната листа на стрелци во НБА, со вкупно 26.803 поени.

Брандин Подзиемски постигна ист број поени, додека Џексон-Дејвис забележа 23 поени, седум скока и четири асистенции.

Чарлс Беси додаде 12 поени и 10 скока, а Деантони Мелтон го заврши натпреварот со 16 поени.

Посебно внимание привлече и Џими Батлер, кој поради повреда не можеше да настапи, но се појави во улога на член на стручниот штаб. Облечен како тренер, тој држеше натпис на кој пишуваше: „Додајте му ја топката на Стеф“.

Утрово Голден Стејт ја оствари четвртата најголема победа во историјата на франшизата, а последен пат кога славеа со поголема разлика беше во април 2023 година, кога го совладаа Портланд со разлика од 56 поени. „Вориорси“ сега имаат низа од осум победи по ред – втора најдолга серија во историјата на НБА по почеток на сезоната со скор 0-3 или полош.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија отвора нова амбасада во Литванија

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска престојува во работна посета на Литванија, каде што свечено ќе ја отвори новата амбасада на Македонија во главниот град Вилнус.

Македонија отвора нова амбасада во Литванија

Отворањето на амбасадата е чекор кон зајакнување на дипломатското присуство на Македонија во Балтичкиот регион и продлабочување на билатералната соработка со Литванија.

Во рамки на посетата, Муцунски ќе оствари средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис.

На средбата ќе се разговара за политичките односи, економската соработка, евроинтеграциите и актуелните безбедносни предизвици.Посетата се реализира во пресрет на литванското преземање на претседавањето со Советот на Европската унија во првата половина на 2027 година, период кој се очекува да биде значаен и за политиката на проширување на унијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шасивари и Рокас разговараа за напредокот во правосудството и приоритетите на европските реформи

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството.

Шасивари и Рокас разговараа за напредокот во правосудството и приоритетите на европските реформи

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и понатамошните приоритети во процесот на европската интеграција.

За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентираше на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен акцент на оценките и препораките што се однесуваат на надлежностите на Министерството за правда.

На средбата беше поздравен досегашниот напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, како и подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатата година. Истовремено, беше нагласена важноста од одржување на реформската динамика и продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда.

Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки претставуваат потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите насочени кон зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.

На крајот од средбата беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел евидентираниот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер