Делови од Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и неколку скопски села утре без струја

Објектот на „Јеховини Сведоци" позади „Катастар" на улица „Алжирска" во Oпштина Карпош утре од 8:30 до 10:30 часот ќе остане без напојување со електрична енергија.

Од 9:00 до 10:30 часот, без струја ќе бидат и корисниците од дел од улицата „Благоја Гојан" во Општина Кисела Вода, од 9:00 до 12:30 часот дел од корисниците од село Глумово, од 9 до 14:30 часот, корисниците од улицата „Киро Крстевски" во Општина Кисела Вода, а од 9 до 15 часот дел од корисниците од селата Бразда и Глуво.

Во периодот од 10 до 13 часот, без напојување со електрична енергија ќе бидат и корисниците од булевар „Партизански Одреди" бр. 72 А. во Општина Карпош, од 11 до 15 часот дел од корисниците од село Усје лоцирани до гробиштата, од 11:30 до 13:30 часот објектот на фирмата „Дома Мебел" на улица „Ѓорче Петров" во Општина Ѓорче Петров, а од 13 до 14 часот дел од корисниците од улиците „Јован Хаџи Шишков", „Овчеполска", „Демирхисарска" и „Индира Ганди" во Општина Шуто Оризари.

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија е изведувањето планирани технички зафати во дистрибутивната електро мрежа од страна на екипи на „ЕВН Македонија" АД.

Вработените во фондот за здравство утре излегуваат на протест

Вработените во фондот за здравство утре повторно излегуваат на протест.

Целта како што велат е да го изразат незадоволството дека не добиле усогласување на платите со растот на минималецот. Дополнително, бараат да се донесе и вредносен бод, за да се зачуваат тие плати што ги имаат. Велат дека се разочарани од односот на управниот одбор на фондот, бидејќи членовите според нив, не сакале да изгласаат порамнување на платата.

На протестот според Деаноски ќе се бара и разрешување на управниот одбор кој обвинува дека е против барањата на вработените.

Доколку утрешниот протест на вработените во ФЗОМ не вроди со плод, синдикалците најавија штрајк од 1. Јуни. Инаку, ова не е првпат да има проблеми во Фондот за здравство. Во февруари, вработените два дена штрајкуваа поради најавата од Управниот одбор дека платите ќе им бидат намалени за 21 процент. Сепак, до такво нешто не дојде.

Предизборни калкулации околу составот на идната влада

Откако ги прозваа дека за да му се допаднат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се откажале и од условот за уставни измени, албанските опозиционери ги повторија нивните барања за  учество во новата влада. 

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Според Гаши, тие се обврзани да бидат дел од идната влада во која ќе водат важни институции од секторот за внатрешни работи. Со ВМРО-ДПМНЕ, вели, се уште не разговарале за темата уставни измени, но оти за тоа е потребен поширок консензус и дебата.

Позициите од кои не планираат да се откажат ги повтори и потпретседателот на ДУИ, Османи - усвојување на уставните измени, почитување на договорите како и ветинг, се условите за коалицирање на „интегративците“. На Мицкоски му одговори дека тој не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците во новата влада туку народот, а скандирањето „УЧК“ од лидерот на ДУИ Ахмети на митинг среде Скопје, според Османи, е реакција на националистичката реторика од Мицкоски која ги иритирала Албанците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митинг синоќа од Битола упати порака до Мала Речица, како што рече, да не праќаат емисари да го премислат, бидејќи партнерот за новата влада ќе го бара во албанската опозиција, а на ДУИ време и е за опозиција и одговорност.

Отворена врата за коалицирање Мицкоски остави и за движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски и во партиите со кои ќе споделуваат исти принципи и вредности и чии гласови ги очекува на контото на Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори.

МФ-Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките

Министерството за финансии пред малку информираше дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледала извештајот за зголемените цени на осигурителните полиси за возилата. 

Од таму велат дека комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување. Пред Минситерството за финансии е Игор Манасиевски, целосниот извештај погледнете го во видеото.

притисни ентер