Давидовски испиша историја, прв Македонец со победа во ТЦР Европа

Автомобилистот Виктор Давидовски успеа да испише историја и стана првиот Македонец со победа во престижниот шампионат ТЦР Европа.

Давидовски тргна прв на трката за Големата награда на Франција и успеа да ја одбрани со одлично возење. На првата трка тој заврши како шести, а на вчерашната ги изненади ривалите и ја освои првата позиција.

Нашиот возач заврши пред Гаврилов и Ориола кои беа на второто, односно третото место на патеката Пол Рикар. За Давидовски ова беше прва победа во кариерата.

„Многу сум среќен. Ова ми е прва победа во кариерата и затоа сум многу среќен. Имав многу добар почеток и по првиот круг направив добра разлика, па потоа бев малку порелаксиран и можев да се фокусирам на трката. Имав малку трема, но се фокусирав на темпото и како резултат на тоа можев да дадам сè од себе за да победам!“ - изјави Давидовски по вчерашната трка.

Вредно е да напоменеме дека Comtoyou Racing тимот, кој го сочинуваат Виктор Давидовски, Франко Џиролами и Том Коронел, со 263 бодови во моментов е прв на листата.

Следен гран при викенд од ТЦР Европа ќе се одржи во Белгија, што ќе се вози на патеката Спа Франкоршамп на 18 и 19 јуни.

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог, денес средба Ковачевски-Села

Продолжуваат консултациите за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

За денеска во 11 часот во Клубот на пратениците е закажана средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Премиерот Ковачевски вчера во изјава за медиумите потврди дека имал телефонски разговор со Села и најави дека најверојатно денеска ќе му го презентира францускиот предлог.

Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалиционите партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период.

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

Францускиот предлог во земјава пристигна во четвртокот по што премиерот Ковачевски најави широк консултативен процес со владината коалиција, претседателот на државата, Парламентот, опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.

Седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ќе ја одржи 34-тата седница на чиј дневен ред се две предлог-одлуки за испраќање војници на Армијата на Република  Македонија во мисиите на ЕУ „EUTM RCA“ и „Алтеа“.

Првата точка е Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Втората точка, Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

На ГП Богородица се чека околу 30 минути

Поради зголемена фреквенција на возила, времето на чекање на ГП Богородица за излез од земјава е околу 30 минути.

На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. /МИА

притисни ентер