Данска со закон го забрани палењето на Куранот, за критичарите тоа ја поткопува слободата

Данскиот Парламент денеска изгласа закон со кој станува незаконско палењето на копии од Куранот на јавни места.

Данскиот Парламент денеска изгласа закон со кој станува незаконско палењето на копии од Куранот на јавни места, откако протестите во муслиманските земји поради уништувањето на светата книгата за муслиманите, предизвика загриженост за националната безбедност во оваа нордиска земја.

Антиисламските активисти во Данска и Шведска одржаа серија јавни протести на кои запалија или оштетија копии на Куранот, што предизвика тензии со муслиманите и доведе до барања нордиските влади да ги забранат таквите практики.

Данска се обиде да постигне рамнотежа помеѓу уставно заштитената слобода на говор, вклучително и правото да се критикува религијата, и националната безбедност поради стравувањата дека палењето на Куранот може да предизвика исламистички напади.

Критичарите во Шведска и Данска тврдат дека секое ограничување на критиките упатени кон религиите, вклучително и палењето на Куранот, ги поткопува тешко стекнатите слободи.

- Историјата ќе нè суди строго поради ова и со добра причина. Сè се сведува на тоа дали решивме да ја ограничиме слободата на говор или дали тоа ни беше наметнато однадвор, рече Ингер Стојберг, шеф на антиимигрантската партија Дански демократи, која се противи на забраната.

Центристичката влада во Копенхаген тврди дека новите правила ќе имаат само маргинален ефект врз слободата на говорот и дека критикувањето на религијата на други начини е сè уште легално. Прекршувањето на новиот закон ќе се казнува со парична казна или со затвор до две години, соопшти Владата.

Шведска, исто така, разгледува начини за легално ограничување на сквернавењето на Куранот, но има поинаков пристап од Данска. Стокхолм ја разгледува можноста полицијата да ја земе предвид националната безбедност при одлучувањето за барањата за одобрување јавни протести.

Пендаровски се сретна со маратонецот Дарио Ивановски

Претседателот Стево Пендаровски денеска во градскиот парк во Скопје се сретна со маратонецот Дарио Ивановски кој пред неколку дена постави нов македонски рекорд на маратонот во Севиља, Шпанија.

Пендаровски денеска во градскиот парк во Скопје се сретна со маратонецот Дарио Ивановски кој пред неколку дена постави нов македонски рекорд на маратонот во Севиља, Шпанија, како и со неговиот тренер и менаџер, Игор Јакимовски и атлетичарот Жан Тосев.

Претседателот Пендаровски му честиташе на Ивановски за извонредниот резултат и постигнатиот успех, со кој ја исполни нормата и ќе трча во дисциплината полумаратон на Европското првенство во атлетика во Рим кое ќе се одржи од 7 до 12 јуни годинава.

Ивановски го запозна претседателот Пендаровски со текот на неговите подготовки во пресрет на настапот на претстојното Европско првенство, како и за можноста во Рим да обезбеди норма за настап и на годинашните летни Олимписки игри во Париз.

Посочувајќи дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата нација, претседателот Пендаровски на Дарио Ивановски му посака успех во натамошната кариера и порача дека со упорност, желба и силна волја, може да се совладаат и најголемите предизвици.

Дарио Ивановски ја истрча маратонската трка во Севиља за 2 часа 8 минути и 25 секунди што претставува нов државен рекорд, подобрувајќи го и својот досегашен рекорд за 3 и пол минути. Со овој резултат, Ивановски се доближи на само 15 секунди до олимписката норма од 2 часа 8 минути и 10 секунди и се искачи високо на светската ранг листа преку која може да обезбеди учество на Олимпијадата во Париз, се наведува во соопштението.

ВРЕДИ: Али Ахмети се исплаши од Таравари, Бујар Османи оди курбан

Изјавата на Ахмети за "големата вест" потврдува најмалку две работи. 

Првата, дека ДУИ е безидејна партија која со предлози извадени од нафталин покажува целосна немоќ да ги претставува Албанците на највисоко политичко ниво. Крајно понижувачки за митот за Али Ахмети е да излегува со вакви бајати тези само за да конкурира на предлогот на кандидатот на здружената албанска опозиција др. Арбен Таравари во иднина изборот на шефот на државата да се прави во Собрание.

Втората, дека сеуште живеат во филмот дека имаат монопол на принципите за стратешкото партнерство во ЕУ и САД. Наместо да се мачат како да објаснат зошто Али Ахмети се плаши да излезе на изборен мегдан, и затоа ќе го жртвуваат Бујар Османи, нека излезат од теснопартиските интереси и нека го подржат Арбен Таравари за прв претседател Албанец.

Логично се поставува прашањето: зошто ДУИ сака да го подели гласот на албанците? На кого му служи Али Ахмети со овој потег?

Коалицијата “Вреди” не се бори за утешни награди туку за чесна и реална улога на Албанците во политичкиот живот. Ахмети ако веќе не е способен да се бори за интересите на Албанскиот народ, чесно е да замине во политичка пензија, изјави на прес конференција Фари Хисени, од Коалицијата ВРЕДИ.

Независниот синдикат против предложените законски измени за судската служба

Предложените измени на законот за судска служба се неприфатливи за независниот синдикат на судска администрација. 

Според нив, тие се прават со единствена цел, како судска служба, да не добијат покачување на плата со најавеното покачување на минималната плата. Доколку собранието ги усвои овие законски измени, го повикуваат претседателот Стево Пендаровски, да не ги потпише измените, бидејќи, според нив, се против интересите на обичниот граѓанин.

притисни ентер