Тие преку писмено соопштение ги демантираат наводите дека тестовите биле пробиени и велат дека целиот процес бил направен професионално и покрај тоа што тестовите биле споделувани во вибер групи веднаш откако почнало полагањето.
- Тестови не се пробиени до 10 часот кога почна тестирањето, тестови се споделени во вибер-групите од страна на членовите откако започна реализацијата на испитот. Државниот испитен центар нагласува уште еднаш тестот не е пробиен, туку бил споделуван откако е започната реализацијата на испитот, соопшти ДИЦ
За Канал 5, матуранти кои сакаа да се анонимни, раскажаа дека вибер-групата броела околу 7000 луѓе коишто го сликале и решавале тестот и успешно за половина час, насмеани заминале од училиштето.
Засега не е познато дали во групата имало професори и дел од тестирачите, а во дел од училиштата на матурантите не им било дозволено да го завршат тестот, затоа што забележале нерегуларности.
Канал 5 побара став од директорката на Државниот Испитен Центар во кои средни училишта имало нерегуларности и како на матурнтите им било дозволено да внесат телефон.
Таа преку смс-порака не информираше дека немало забелешки од набљудувачите на Испитниот центар за неправилности во текот на полагањето.
„Државниот испитен центар материјалот го доставува до училиштето во предвидениот рок и го предава на директорот на училиштето. Процесот во училиштата е спроведен од училишна матурска комисија која е формирана од училиштето, тестирачи и набљудувачи од образовните институции од Министерството за образование, Бирото за образование и Центарот за стручно образование. Како и дали имале мобилни телефони некои од матурантите, не би можела да одговорам“, вели директорката.
Инаку, според правилата за полагање матурантите не смеат да користат мобилен телефон. Тие својот телефон се должни да ги исклучат и да ги остават на катедра или посебна клупа во училницата.
Матурантите исто така не смеат ниту да се договараат, да се консултираат со другите кандидати, ниту да препишуваат од друг. Доколку се прекршат правилата се изрекува опомена, а доколку и по изречената опомена кандидатот повторно ги прекршува правилата, испитот се прекинува, се наведува во правилата за полагање екстерен испит на Државниот испитен центар. Засега нема инфомрации дали ова комрпомитирање ќе значи и понитување на тестирањето и дали некој ќе понесе одговорност.