Членки на ЕУ во „офанзива“ против руските енергенси - Канал 5

Членки на ЕУ во „офанзива“ против руските енергенси

Земји членки на ЕУ покренаа иницијативи за преземање мерки за намалување на профитите на Русија од извозот на енергенси, со што, според нив, дополнително би се ограничиле нејзините извори за финансирање на војната во Украина. 

Членки на ЕУ во „офанзива“ против руските енергенси

Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Финска и Шведска во писмо упатено до Европската комисија предлагаат дополнително намалување на максималната дозволена цена за увоз на руска нафта. Според правилата поставени од Г7, западните компании можат да набавуваат руска нафта по цена до максимално утврдената од 60 долари за барел.

Во писмото на шесте балтички земји се нагласува дека е потребно „понатамошно зголемување на влијанието на европските санкции“ со намалување на максимално утврдената цена за увоз на руска нафта.

Г7 го воведе оваа ограничување за да ги намали приходите на Москва од извозот на нафта, но при утврдување на висината на цената на рускиот енергенс се водеше сметка за задржување на стабилноста на глобалните енергетски пазари.

Ваквото ограничување беше воведено врз основа на прогнозите дека во 2025 година ќе има глобален суфицит на понудата на нафта и како привремено решение до евентуално осмислување на построги мерки.

[„Запленетиот танкер со нафта „Сотис“ е ослободен по наредба на судот“, се наведува на официјалната веб-страница на Револуционерната гарда.]

Шесте земји членки на ЕУ сега наведуваат дека со нивниот предлог дополнително ќе се намалат руските приходи, а нема да се предизвикаат „значителни нарушувања“ на глобалните нафтени пазари. Според нив, меѓународниот пазар на нафта моментно е добро снабден, со што нема значителен ризик од пазарен шок поради намалувањето на лимитот цената на рускиот енергенс.

Енергетски експерти посочуваат дека западните санкции, но и нападите на украинските дронови веќе го нарушија производството на нафта во Русија, а три рафинериите во реонот на Црното Море запреа со работа или работат со намален капацитет.

Според експертите, ова, заедно со ограничениот капацитет за складирање, ја принуди Русија да продава нафта на други земји со попусти и по пониски цени и да прифаќа повисоки каматни стапки, што дополнително ги оптоварува капацитетите на рускиот нафтен сектор.

Овие земји членки на ЕУ, заедно со Ирска, Полска, Романија и Чешка, побараа од ЕК да воведе и целосна забрана за увоз на обичен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија.

- Како крајна цел, неопходно е да се забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно поскоро, се наведува во документот инициран од десетте земји.

Ваквиот предлог доаѓа во време кога Европската комисија работи на подготовка на 16-от пакет санкции кон Русија, кој би требало да биде објавен во пресрет на третата годишнина од руската агресија врз Украина, што започна во февруари 2022 година.

ЕУ досега го забрани увозот на руски гас по морски пат, но и натаму овозможува негова дистрибуција преку системот на гасоводи до земјите членки, кои и натаму се зависни од него.

Со новата иницијатива се бара целосен прекин на дистрибуцијата на гасот преку гасоводите, како и забрана за пристап на руските танкери за ЛНГ во ЕУ.

Предлагачите наведуваат дека на овој начин дополнително ќе се намалат приходите на Москва, како и дека иницијативата оди во прилог на плановите на ЕУ за целосен прекин на употребата на руски фосилни горива во перспектива.

Но, за воведување на ваквата забрана ќе биде потребен консензус од страна на земјите на ЕУ, што засега е тешко веројатно да биде постигнат, од причина што некои членки, како Словачка, Унгарија и Бугарија и натаму се зависни од рускиот гас. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: 23 октомври не потсетува дека Македонија е наследство од предците, одговорност на сегашноста и аманет за идните поколенија

На 23 октомври 1893 година, во тешки и неизвесни времиња, се роди Македонската револуционерна организација, која низ годините дејствувала под различни имиња, но со еден единствен код – ВМРО. 

ВМРО-ДПМНЕ: 23 октомври не потсетува дека Македонија е наследство од предците, одговорност на сегашноста и аманет за идните поколенија

Таа е сопатник и главен организатор на македонската револуционерна борба, обединувајќи ги стремежите на македонскиот народ за слобода, автономија и национално достоинство. Преку својата дејност, Организацијата е длабок белег во македонската историја и симбол на непокорот, пожртвуваноста и вековниот стремеж за сопствена држава.

Македонските револуционери ги поставија темелите на борбата за слобода, национално достоинство и право македонскиот народ сам да ја гради својата иднина, слободно да ги чува и негува своите традиции, јазик, култура и национална посебност, достоинствено и рамо до рамо со европските народи.

Овој ден е сведоштво за непокорот на еден народ, за силата на една идеја и за вековниот стремеж на Македонците да живеат слободни, свои на своето, во сопствена држава.

Денес, со гордост и почит, се сеќаваме на македонските револуционери, на нивната храброст, самопрегор и непоколеблива верба во правдата. Нивната жртва не смее да биде заборавена.

Денешната слобода и македонската државност се обврска што ја носиме пред сите генерации што се бореле, страдале и верувале во Македонија. Наше е да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност, да се стремиме кон правда, демократија и просперитет, да создаваме општество во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат, да работат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина.

Нека 23 Октомври биде потсетник дека единството не значи сите да размислуваме исто, туку да знаеме дека љубовта кон татковината, почитта кон нашата историја и грижата за идните поколенија се вредности што нè обединуваат. Ова е наследството што треба достоинствено да им го предадеме на идните генерации.

Да го чуваме она за што се бореле нашите предци, да го почитуваме она што сме и да ја градиме Македонија каква што ја посакувале генерациите пред нас, слободна, достоинствена, просперитетна.

Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!,се наведува во честитката.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МАЕИ со честитка по повод 23 Октомври: Почит за македонските револуционери и придонесот на Македонците во Албанија

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до Македонците во Република Албанија, во Македонија и ширум светот.

МАЕИ со честитка по повод 23 Октомври: Почит за македонските револуционери и придонесот на Македонците во Албанија

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до Македонците во Република Албанија, во Македонија и ширум светот, како и до сите граѓани кои ги почитуваат слободата, човечкото достоинство, солидарноста и правото на секој народ да го зачува својот национален идентитет.

Во честитката, потпишана од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, се истакнува историското значење на овој датум, кој потсетува на храброста, пожртвуваноста и истрајноста на македонските револуционери во борбата за слобода, правда, достоинство и подобра иднина.

„Нивната борба е дел од историското наследство на Македонија и потсетник дека слободата и човековите права се вредности што бараат постојана грижа, одговорност и посветеност“, се наведува во честитката на МАЕИ.

Посебен акцент е ставен на придонесот на македонските села кои денес се наоѓаат на територијата на Република Албанија. Македонското население од Преспа, Голо Брдо, Врбник, Поле и другите краишта имало свое место во револуционерното движење и во историските настани поврзани со Илинденското востание од 1903 година.

Преку учеството на востаници, поддршката на македонската револуционерна организација и солидарноста со борбата за слобода, жителите на овие села придонеле за зачувувањето на идеалите за слободна Македонија. Од МАЕИ нагласуваат дека нивниот придонес претставува важен дел од историското наследство на Македонците во Албанија и заслужува да биде зачуван и пренесуван на идните генерации.

Во честитката се истакнува и дека македонската заедница во Албанија и денес продолжува да го чува и развива своето историско, јазично и културно наследство, истовремено придонесувајќи за демократското општество, меѓуетничкото разбирање и соживотот во Република Албанија.

Според МАЕИ, одбележувањето на 23 Октомври не е само потсетување на историските настани и жртвите на македонските револуционери, туку и повик за одговорно градење на иднината – општество во кое различностите се почитуваат, малцинските права се гарантираат, а секој човек има можност слободно да го изразува својот идентитет и да придонесува за заедничкиот напредок.

„Со длабока почит им оддаваме признание на сите кои се бореле за слободата и достоинството на македонскиот народ. Нивната посветеност нека биде инспирација за единство, меѓусебно почитување, солидарност и истрајност во зачувувањето на нашето историско и културно наследство“, се наведува во честитката потпишана од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски.

Од Македонската алијанса за европска интеграција упатија порака за зачувување на македонската историја, јазик, култура и традиции, како и за градење иднина заснована врз мир, слобода, еднаквост, меѓусебно почитување и достоинство.

„Нека ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!“, порачуваат од МАЕИ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Партизаните и ние, нивните потомци, не случајно се повикуваме на Илинденското востание и на комититите. 

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Впрочем, не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава.

Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив.

Зарем можеме да ја разбереме сегашноста ако не ги познаваме и не ги почитуваме идеалите, надежите и историските чекори низ коишто се формирала нашата национална самосвест?

Токму затоа, 23 Октомври има особено место во македонската историја. Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава.

Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба.

Но, што значи чествувањето на нивното дело ако не ги негуваме вредностите за кои се бореле?

Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.

Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност.

Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи.

Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава.

Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина.

Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!

д-р Гордана Сиљановска-Давкова

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер